До каде стигнува одговорноста на архитектите?

03.04.2014 13:53
До каде стигнува одговорноста на архитектите?

Заха Хадид успеа во светот на архитектурата. За една жена и Арапка, во светот во кој доминираат мажи од белата раса, за успех биле потребни прилично упорност и храброст. Го започнуваме овој текст токму со овој факт, бидејќи за личност со таков животен пат би можело да се заклучи дека има чувство за родова и социјална неправда и сила и храброст да се бори против нив. Меѓутоа, успешната Хадид денес зад себе има цела низа случаи во кои не застанала на страна на обесправените. Трговскиот центар Galaxy Soho во Пекинг го прегази традиционалниот пекиншки хутонг и го протера автохтоното население, а архитектката се одбрани со тоа дека нејзиното биро влегло во игра дури кога теренот бил подготвен. Во Баку го изгради монументалниот културен центар Хејдар Алиев, кој со препознатливиот јазик на оваа архитектка некритички го величи режимот познат по кршењето на човековите права.

А денес, додека на градилиштата во Катар кој се подготвува за Светското првенство во фудбал во 2022, умираат стотици мигрантски работници, таа се оградува од одговорноста.

Еден од најголемите проекти во Катар е стадионот Ал-Вакра кој го проектираше токму Хадид. Соочена со прашањето за смртта на работниците, архитектката неодамна изјави дека е загрижена, но дека таа нема ништо со тоа. И потоа додаде: „Ако постои проблем, владата треба да го реши. Јас како архитектка не можам да направам ништо, тоа не е моја должност.“ Со тоа, им се придружи на големите корпорации, спортските манифестации, па и музеите кои го ставаат успешниот бизнис пред човековите права. А зад сите нив стои маса работници кои за мали пари работат на големите градилишта ширум светот, и речиси без какви било права, во катастрофални услови ја градат иконичката архитектура која ги ревитализира градовите, ја придвижува економијата и ги угостува елитните спортски настани.

Се отвора прашањето дали архитектите можат да направат нешто? Гај Хортон за ArchDaily изјави дека можат: „Таа (Заха Хадид) и другите светски архитекти кои имаат видливост и пристап до јавноста, работејќи на значајни проекти кои го привлекуваат вниманието на целиот свет, имаат можност да влијаат. Впечатливата архитектура би можела да биде потребниот катализатор да се насочи вниманието кон прашањето на работниците-мигранти. Ова е можност за архитектите заедно со меѓународните организации, локалните влади и клиентите да заземат став по тоа прашање.“ Заха Хадид очигледно не мисли така.

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото