А што со хулиганите во редовите на МВР?

03.04.2014 16:53
А што со хулиганите во редовите на МВР?

На вчерашниот кошаркарски натпревар меѓу клубовите МЗТ Скопје Аеродром и Работнички, по којзнае кој пат се случуваа нереди на трибините. За време на натпреварот, полицијата се пресметуваше со навивачите на Работнички, а по завршувањето на натпреварот со оние на МЗТ.

Денес МВР соопшти дека се уапсени 12 навивачи, тројца поради повреди се однесени во ургентниот центар, а со повреда се здобил и еден полицаец. На прв поглед, сѐ изгледа ОК: тие што правеле проблеми си добиле казна, пријава, по некој пендрек и - сите среќни.

Ова не е прв пат да се случуваат вакви настани на натпреварите помеѓу МЗТ и Работнички. Но, не е ни прв пат медиумите да не се занимаваат со начинот на кој интервенира полицијата. Колку се професионални припадниците на МВР? Дали без причина употребуваат прекумерна сила? Има ли МВР хулигани во своите редови?

Од она што дури и гледачите пред малите екрани можеа да го видат преку директниот пренос, може да се заклучи: да, МВР има хулигани во своите редови.

За што станува збор?

Во моментите додека трае инцидентот на трибината каде што се сместени навивачите на Работнички, камерите на МТВ, веројатно несакајќи, забележаа специјалец кој е во вербален дуел навивач. Во еден момент, полицаецот го удира навивачот, и тоа со глава, како во кафанска тепачка. За тоа можете да се уверите и од видео снимката, одломка од преносот на МТВ, која ја објави порталот Прес 24. (Погледнете ги деловите 0:00-0:03 и 0:23-0:28!)

Еве го инцидентот и во слики:

Вербална расправија (при која полицаецот го боде навивачот со пендрек)


Продолжување на расправијата

Полицаецот и навивачот очи во очи

Моментот кога полицаецот го удира навивачот со глава

Повратната шлаканица од навивачот

По разменетите удари, полицаецот го бара навивачот меѓу публиката

За жал, дури и оние медиуми кои ќе проговорат нешто за неоправданото полициско насилство, балансираат или манипулираат со насловите. Насловот на статијата со видео снимката со непрофесионалата насилничка реакција на полицаецот гласи: „Погледнете каква шлаканица доби полицаецот од навивачот на Работнички“. Интересно, од Прес 24 го игнорираат фактот што полицаецот прв го удира навивачот, кој рефлексно му враќа со шлаканица. Секако, навивачот ќе си добие пријава за „напад на службено лице“, и покрај тоа што јасно се гледа кој кого напаѓа.

Да претпоставиме дека навивачот упатил навреди кон специјалецот. Дали и тоа е причина за катастрофалната реакција на оној кој е задолжен да го чува редот, наместо да предизвикува поголем хаос? Секако дека не. Постои посебна казна за навреда на службено лице. Според кој закон и правило специјалецот постапи како кафански тепач? Веројатно знае само тој.

Во вакви ситуации, од суштинска важност е однесувањето на МВР како министерство и институција. Што прави за да го контролира однесувањето на своите припадници? Најчесто - ништо. Во јавноста има само штуро соопштение за лица кои „го нарушиле јавниот ред и мир“ и за полицајци кои „интервенирале“. Погоре видовме дел од синоќешната „професионална“ интервенција на еден од специјалците. Подолу може да погледнете уште една фотографија од последиците од полициската интервенција, овој пат врз навивачите на МЗТ (за жал, нема видео снимка од тој настап на полицајците).

Дали овој опасен хулиган бил толку нескротлив што полицајците биле принудени да му ја раскрварат главата со пендрек? Можеби „самиот си го барал“, како и оној навивач што доби удар со глава?! Па што ако има и девојки на трибината! Се знае начинот на кој полицијата речиси секогаш интервенира врз навивачите: удри по сѐ што мрда, без разлика кој како се однесува.

Знаеме дека министерката Гордана Јанкуловска е зафатена со предизборната кампања. Но, би било љубезно од нејзина страна да ја погледне снимката што цела македонска јавност можеше да ја гледа во живо.

Потсетуваме: полицијата ја плаќаат граѓаните (да, тука спаѓаат и навивачите!) и таа треба да биде нивен сервис, а не некакво страшило или група составена од поединци кои се изживуваат секаде каде што тоа им е дозволено. Сите полицајци кои не се на висина на задачата треба да бидат санкционирани, како што веројатно би биле санкционирани и луѓето кои работат други професии. МВР треба да почне да се занимава со случаите на непрофесионално вршење на должноста од страна на своите полицајци, за граѓаните конечно да добијат полиција која ќе ја чувствуваат како свој заштитник.