Америка

04.04.2014 11:29
Америка

Америко ти дадов сѐ и сега сум ништо.
Америко два долари и дваесет и седум центи на 17 јануари, 1956.
Не можам да си го поднесам сопствениот ум.
Америко кога ќе ја завршиме човечката војна?
Оди еби се со твојата атомска бомба.
Не се чувствувам добро не вознемирувај ме.
Не ќе ја напишам песнава додека не се опаметам.
Америко кога ќе бидеш ангелска?
Кога ќе си ја соблечеш облеката?
Кога ќе се погледаш себеси низ гробот?
Кога ќе бидеш достојна за твоите милион троцкисти?
Америко зошто библиотеките ти се полни солзи?
Америко кога ќе ѝ пратиш јајца на Индија?
Ми се гади од твоите споулавени барања.
Кога ќе можам да појдам во супермаркет и да купам што ми треба со мојот добар изглед?
Америко само ти и јас најдокрај сме совршени не задгробниот живот.
Твојата машинерија е преголема за мене.
Ме тера да посакам да станам светец.
Мора да постои и некој друг начин за да се изглади споров.
Бароуз е во Тангер не верувам дека ќе се врати тоа е кобно.
Кобиш ли или пак ова е некој вид несолена шега?
Се трудам да преминам на главното.
Јас одбивам да ја напуштам мојата опсесија.
Америко доста ме туркаш јас знам што правам.
Америко цутот од сливата паѓа.
Не сум читал весници со месеци, секој месец некој оди на суд за убиство.
Америко чувствувам сентименталност кон Индустриските Работници на светот.
Америко како момче бев комунист не ми е жал.
Пушам марихуана секогаш кога имам прилика.
Седам в куќи со денови без крај втренчен во шарата ружи од шпајзот.
Кога ќе дојдам во Чајнатаун се напивам и никогаш не ме ебаваат.
Сум донел решение ќе има неволји.
Требаше да ме видиш како го читам Маркс.
Мојот психоаналитичар мисли дека сум сосем на место.
Нејќам да ја кажам „оченаш...“
Јас имам мистични визии и космички вибрации.
Америко сѐ уште не сум ти кажал што му стори ти на Вујко Макс кога тој дојде ваму од Русија.
Јас ти се обраќам тебе.
Зар ќе допуштиш емоционалниот живот да ти го води Тајм Магазин?
Јас сум опседнат од ревијата Тајм.
Ја читам секоја недела.
Нејзината корица ми се џари секогаш кога ќе ја скубнам крај трафиката зад аголот.
Ја читам во сутеренот од јавната библиотека во Беркли.
Секогаш ми зборува за одговорноста. Бизнисмените биле сериозни.
Филмските продуценти биле сериозни. Сите биле сериозни освен мене.
Ми паѓа на ум дека јас сум Америка,
Пак зборувам со себеси.
Азија се крева против мене.
Ја немам шансата ни на Кинез.


Подобро да си ги разгледам своите национални ресурси.
Моите национални ресурси се состојат од две цигари
марихуана од милиони гениталии од необјавена
приватна литература што оди 1400 милји на час
и од дваесет и пет илјади ментални институции.
Без да ги спомнам моите затвори милионите
непривилегирани кои живеат во моите саксии цвеќе под светлината на петстотини сонца.
Ги укинав курварниците на Франција, на ред е Тангер.
Амбиција ми е да станам Претседател и покрај фактот што сум католик.
Америко како можам да пишувам света литанија на твојот глупав начин?
Ќе продолжам како Хенри Форд моите строфи се
исто така лични како и неговите автомобили
уште повеќе тие се сите од различен пол.
Америко ќе ти ги продавам строфите $2500 по парче со $500 попуст за твојата стара строфа.
Америко ослободи го Том Муни
Америко спаси ги шпанските Лојалисти
Америко Сако и Ванцети не смеат да умрат
Америко јас сум со момчињата од Скотсборо.
Америко кога имав седум години мама ме водеше на
состаноците на комунистичките ќелии тие ни
продаваа грст наут на секој билет билетот чини
пет центи а говорите беа бесплатни секој беше
така искрен немаш поим каква добра работа
беше партијата во 1835 Скот Ниринг беше голем
старец вистински mensch Мајка Блур ме
расплака еднаш го видов во живо и Израел
Амтер. Секој мора да беше шпион.
Америко ти навистина не сакаш да влезеш во војна.
Америко тоа се оние лошите Руси.
Они руси они Руси и они Кинези. И они Руси.
Русија сака нас да изеде живи. Руска сила луда.
Она сака да нам земе коли од гаража.
Она сака грабне Чикаго. Нејзе требе црвен Ридерс
Дајџест. Она сака наши авто фаврики во Сибир.
Негов големо бирократија управуе наше бензинске пумпе.
То не добар. Уфффф. Он учи Индијанци книга. Него
требе големо црно црнци. А-ха. Она тера нас
работи шеснадесет сати на дан. Куртуљ.
Америко ова е сосем сериозно.
Америко ова е впечатокот што го добивам гледајќи во телевизорот.
Америко точно ли е ова?
Подобро да преминам на работата.
Вистина е дека не сакам да служам војска или да
вртам струг во фабрики за прецизни делови, јас сум и онака кратковид психопат.
Америко јас запињам еве педерски со сите сили.

Препев: Богомил Ѓузел

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото