Бакнежот на смртта (3)

05.04.2014 09:31
Бакнежот на смртта (3)

1.

Не е кој знае каква сатисфакција, барем не во нашиве услови, ако човек рече: „Е па, баравте – гледајте!“. И тоа „баравте – гледајте“ кај нас може да важи буквално за сѐ во таканаречениот ни јавен живот, од политика до комунални дејности. Ама, во случајов, се совпаѓа како идеална завршница на нашите неморални (не)културни односи со власта, а особено со она незаборавно Министерство за леб и игри, (наводно) одговорно за состојбите во (не)културата кај нас. Поточно, ни помалку ни повеќе, туку на самото заминување предизвикано од т.н. самораспуштање на таканаречениот ни парламент, културните работници, сосе уметниците, беа почестени од власта (ама и од опозицијата!) со Закон за измени и дополнувања на Законот за културата. И тоа баш онака тајно, низ мижи-бутај процедура, никој да не види и не чуе, на мала врата илити капиџик, си донеле тие закон, а вие мислете му.

Така, фамозниот ни Закон за културата како вистинско „ремек-дело“ на македонската пословична глупост во (не)културата, ја завршува својата авантура со целосна негација на сѐ што значи уметност, творештво, здрав разум… а во полза на полуписмените бирократизирани структури на власта, едни или други, кои едвај чекаат законски механизми конечно да ја ликвидираат културата од нашето секојдневие.

2.

Како гром од ведро предизборно небо, иако не и претерано изненадувачки, имајќи ги предвид умствените капацитети (не само) на ова Министерство, доаѓа веста за веќе изгласаните измени во тој таканаречен Закон, каде дефинитивно се доуточнуваат одамна (1998) започнатите процеси на делегитимизација на македонската култура и творештво, на Уметноста, на здравиот разум. Малкуте јавни гласови против, вклучувајќи ја и мојата маленкост, како да согледуваа подолгорочно какви сѐ негативни процеси и малверзации се отвораат со самото носење на еден таков закон, особено со таков наслов. Зашто кој, ако не глупавото македонче, може да помисли дека треба со закон да ја регулира целата култура, дека културата требала да подлежи на норма, дека тој и таков закон ќе бил устав (држ’ ме мајко) во културата и слични будалаштини. И кога на будали ќе им дадете такво оружје во рака, ќе ви е… мајката. Нормално!

Затоа, од тој аспект, воопшто и не ме изненадуваат најновите изблици на нашава (не)културна бирократија која мисли со газот а не со главата, или не мисли со ништо зашто, конечно, и именуваниот заден дел на телото си има важни и витални функции. Тие таму, во Министерството за леб и игри – немаат. Немаат никакви функции, особено не нормални, човечки, мислечки. Тие како да се таму да исполнуваат желби на други будали, кои сепак имаат некаков план. А тој се вика – уништи сѐ што можеш. И повторно, не е проблемот во нив, тие си работат по задача. Ама затоа, ниту едно злосторство не минало без соучесници. Што ќе рече, злосторникот не може да направи сѐ сам. Му треба помош, ваква или онаква, секаква. Особено од типот на помошта од претходните текстови како животно дело на нашава „интелектуална“ братија. Плус, оној вид конкретна уличарска и секаква друга помош, каква што беше искажана на оние монструозни демонстрации на македонските „културни работници“ против опозицијата. Гол газ таламбас. И виолините на оној „донаторон“. Е таква помош е драгоцена во вакви неморални општества. Ама сега, истите тие што демонстрираа, кукаат и се чудат како било можно вакво нешто. И се закануваат со штрајк. Бре, бре, бреее, ај и тоа чудо да го видиме!

3.

Се разбира, како и многу пати досега, нашава неморална интелекуално – копулативна културна збирштина заборави дека за секое злосторство има и награда во вид на – казна. Парадоксот е, а ние сме по обичај полни со парадокси, што овде казната доаѓа од наредбодателот на злосторството. Па така, целава наша „културна“ братија, онаа демонстраторска ама и онаа, да простите, гомнојадачка, е почестена со „наградата“ во вид на новите дополнувања на Законот за култура, коишто од уметници ги направија „даватели на услуги“. Но, впрочем, тие и се покажаа како такви. Зарем малку услуги им испорачаа? Е па, ова им е наградата!

Ама овие кутриве се упорни, па плачат дека тие не ти биле „даватели на услуги“, туку ти биле – уметници!? Пази богати, уметници што шетаат по улици и демонстрираат против опозицијата. Зашто не го носела буџетот. Е па ете ви го буџетот, на квадрат. И плус ќе ги оценуваат странски комисии, да видат кој колку сребреници вреди. Ама кога тоа го воведоа ДЛУМ-овци (и тоа оние баш од мерино класата!), кога викаа белосветски куратори да „жирираат“ низ македонските галерии, кога ги понижуваа своите колеги, овие другиве си свиркаа. Е па сега на вас ви е редот. И пак да си свиркате, овој пат како „даватели на услуги“!

Но, што е поинтересно, оние „високине“ македонски (?) „уметници“, оние што се на листите, едни или други – парламентарни или донаторски – тие молчат. Ко заливени, што би рекле соседине, а богами и оној „непартискион“ директор на МНТ, ама и тој донатор, плус „давател на услуги“. Не смеат да писнат. Иако им се откри рецептот како се станувало денес директор. Непартиски. Ама остана тајна какви се услуги (ќе) даваат овој тип „уметници“? Само парични донации, или и друг тип услуги? Мислам дека Законот во овој поглед не е доволно прецизен. Како впрочем и сѐ друго што фати и упропасти ова Министерство. Но, тоа е друга тема.

Од друга страна, молчат (повторно ко заливени) и оние кои исколеничија (зборов дури ми звучи и како комплимент) до титулата национални уметници. И ќе молчат, се разбира. Иако сега се „национални даватели на услуги“. Браво. А и (пре)платени се да молчат. Како и да е, сите го добија заслужениот и конечен смртоносен бакнеж од газдите!

4.

За крај, не гледам сериозна потреба да се анализира (пресилен збор) најновиот испрдок на надлежните мали мозоци на Министерството за леб и игри. Тоа би било само губење на време.

Но, сериозна анализа е потребна на однесувањето на опозицијата во оној и онаков македонски парламент (ако некој се чуди зошто е напишан со мала буква, нека се јави, ќе му објаснам), особено по повод донесувањето на овој закон. И навистина не знам како некој ќе го (о)правда тоталниот молк на опозициските пратеници по ова прашање: со незнаење што и како им се случувало, со незаинтересираност, со апатија зашто повеќе не се на листите, избегаа од тој час и отидоа во кино утро… што? Што им беше работа на тие персони, за што беа платени секој месец со толку пари колку што едно просечно македонско семејство не гледа во текот на цела година? Како може да има оправдување за таквото однесување? Ќе ги повика ли некој на некаква, па нека е и политичка, одговорност во нивната партија / партии? Или пак, по кој знае кој пат, ќе се премине преку нивните будалаштини, детското однесување, незнаењето и глупоста? Зарем навистина некој ќе може да го оправда целокупното однесување на опозицијата во врска со носењето по итна постапка на еден ваков закон? И нивното молчење?! Имаат ли тие поим што и како било изгласано со или без нив, сеедно? Кажал ли некој барем два збора? Или културата и за нив е последна дупка во нивното кавалче-мозоче? Или пак културата не е доволен предизвик за нивните мегасуети, како на пример надворешната политика, социјалата, здравството? Или изигруваа увреѓени величини што не се повторно на листите, па кој им е.. матер и на опозиција, и на партија, и на култура? Па онаа будала пушташе мустаќи во знак на солидарност со не знам што, а ваму му поминуваат закони ко низ путер! Ќе има ли еден, барем еден, пратеник од нивните редови да ѝ се извини на оној мал преостанат сериозен дел од македонската култура за таквиот арогантен пропуст?!

Кон првиот дел
Кон вториот дел

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Paul Koudounaris

ОкоБоли главаВицФото