Отворена првата мобилна галерија во Скопје

05.04.2014 09:35
Отворена првата мобилна галерија во Скопје

Голем број уметници, кустоси, луѓе од културата и граѓани вчера дојдоа на отворањето на првата мобилна/монтажна галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје. Ова е прв ваков објект во Македонија, кој во организација на Центарот за современи уметности од Скопје (ЦСУ) го изградија архитектите Дејан Ивановски и Филип Јовановски. Изградбата на галеријата чинела 7.000 евра и таа е проектирана врз основа на широка дебата за потребите на уметниците и на граѓаните, изградена е на начин кој нема да ја наруши еколошката рамнотежа на местата на кои ќе биде биде поставена.

На отворањето, Владимир Милчин, извршен директор на Фондацијата Отворено општество Македонија, рече дека има одредена симболика што овој нов објект се наоѓа на само 300 метри од псевдо-неокласицистичката зграда на Владата на Република Македонија.

„Ова е еден исклучителен проект и постојано се поставуваше прашањето како ќе изгледа на крајот. Дали оваа прекрасна играчка ќе се склопи и еве на крајот се склопи. Има нешто симболично во тоа дека ова се наоѓа на 300 метра од псевдо-неокласицистичката зграда на Владата на Република Македонија, може да го видите тој гипсарник како расте, гипсарник-пластичник би била поточна дефиниција. Но, вечерва овде, некој рече - најпосле нешто нормално. Тој збор 'нормално' добива една голема тежина. Во ова лудило во кое живееме малите работи стануваат многу големи“, рече Милчин.

Тој на отворањето на галеријата го цитираше чешкиот поет Јиржи Сухи: „Малку поезија, никого нема да убие“.

„Oваа поезија пред која стојам сигурно никого нема да убие, а она што е важно е дека таа претставува капка роса, една капка на надежта дека во Македонија сѐ уште нормалното има шанса, нормалното е почеток на чудото. Овде сме сведоци на раѓање на едно мало чудо кое може да биде почеток на една низа, која може да се претвори во оние свежи дождови по многу спарина и да биде една нова свежина. Се надевам дека ова ќе биде простор во кој ќе се случуваат многу битни работи“, рече Милчин.

Спроведувањето на проектот Мобилна/Монтажна Галерија на Центарот за современи уметности – Скопје, чиј партнер е и групата Кооперација, е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество кој го реализира Фондацијата отворено општество Македонија.

Извор: plusinfo.mk

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото