„Модерна Македонија"

05.04.2014 11:07
„Модерна Македонија"

  Колку може мачка
 да ишмука коска од копан!
 Ја остава на сонце да се суши
 до белината на креда
 што крцка под заби.
 А тоа сонце пече право в теме.
Сосем си гол.
Нигде сенка.
Залудно ги креваш рацете над глава.
Шмука и пече совеста.
(Блаже Конески, Совест) 

Еден од најсовршените описи на нашето време токму е горната кратка песна на Конески објавена 1989 година во збирката Златоврв. Земјава во мигов е ишмукана (не од мачки, туку од некадарници и арамии) како коска од копан! Оставена е да се суши на сонце („а тоа сонце пече право в теме“) „до белината на креда што крцка под заби“. А притоа - нигде сенка; и сосем си гол.

Но сепак, како што вели една друга чудесна песна на џинот од Небрегово, „ќе дојде час на враќање кон загубеното, за да се згрее душата макар малце на него, како што изѕемнатиот ги грее рацете на жив жар, под распретаната пепел“.

Со новава едиција не само што му тргнавме во пресрет на „часот на враќање кон загубеното“, туку го создаваме тоа идно време, потпирајќи се, се разбира, на минатото (слушајќи го тој „тих шум на вретена што предат една мека кадела од колено на колено“).

Идејата на едицијата е едноставна: да ги прикажеме клучните ликови на македонскиот модернизам, на културно-историското станување „модерен“. Сакаме, значи, дополнително да го индивидуализираме, да го олицетвориме македонското влегување во модернитетот.  

Насловот на едицијата намерно го оставивме повеќезначен; во македонскиот јазик не се прецизно одделени, како во англискиот, модернизмот (modernism) и модерната (modernity). „Модерната“ повеќе се однесува на епохата обележана со индустријализацијата, совладувањето на природата со техника, превласта на просветениот субјект и воспоставувањето на тн. индустрија на културата. Што се однесува до модернизмот, Лексиконот на современата култура вели: Модернизмот во потесна смисла ја означува специфичната позиција на уметникот чијшто начин на изразување е карактеризиран со формална јаснотија, апстракција, редукција и промислување на начинот на користење на уметничките средства (во книжевноста - од Маларме до Џојс; во архитектурата и дизајнот - рускиот конструктивизам, Баухаус, Де Стијл). Додека уметноста на реализмот и натурализмот до првите децении на 19 век својот медиум го криела со перспективата и илузионизмот, медиумите во рамките на модернистичкото сликарство, вајарство или книжевност, прогресивно се „ослободуваат“ од сè што ги „контаминира“.

 Во нашиот случај, значи, изразот „Модерна Македонија“ ја претставува и епохата кога Република Македонија фаќа приклучок кон регионалните и европските струења по Втората светска војна, но значи и културен стил, во многу нешта идентичен со западниот повоен модернизам, речиси едновремен со овдешниот. Постои и трет значењски слој, модернизацијата како социјална еволуција, т.е. преобразба на традиционалното општество во модерно со помош на диференцијација, рационализација, доместикација (усвојување на симболите на културата) и индивидуализација. Впрочем, кога се зборувало за модернизацијата секогаш се зборувало за напнатоста која владее помеѓу модернизмот и традиционализмот, „заедницата“ и „општеството“ или „индивидуата“ и „општеството“.

Најважната причина за покренување на едицијава е што модерното македонско наследство денес се наоѓа под жесток удар на власта. На режимот не му се доволни десетиците лажливи згради-фасади, стотиците „класични“ скулптури и споменици, тоталната узурпација на симболички мошне важното централно подрачје на Скопје, не му е доволен неверојатниот потфат на менување на идентитетот на цел еден народ – туку тргнаа во уништување на главните симболи – луѓе, артефакти, објекти – на македонскиот модернизам. Тие симболи на модернизмот денес во Република Македонија се уништуваат и директно, физички, преку варварско рушење, но и со еден широк културно-историски ревизионизам базиран на измислици и фалсификати. На пример, фасадното сквернавање на најиконичните дела во историјата на македонската архитектура (зградата на Владата или ГТЦ) е злостор од огромни размери, пред сè во симболична и културна смисла. Тој злостор ги надминува дури и „талибанските“ варваризми (рушењата на култните будистички фигури во Авганистан, да речеме), зашто овде уништувањето перверзно се извршува преку камуфлирање и прерушавање (менување на рувото). Во персискиот јазик постои чудесен израз: war nam nihadan, што значи да убиеш некого, да му го закопаш трупот, а потоа преку него да засадиш цвеќе за да се сокрие гробот. Целиот крунски и манијакален „проект“ СК014 е токму тоа: убивање и „асанација“ на теренот со најужасно вештачко цвеќе.

За разлика од варварската власт, ние сметаме дека модернизмот е темелот на македонската државност и култура. И затоа ќе се бориме тој темел да го чуваме, но и ризомски да го шириме, како разгранат корен. Затоа треба да послужат и книгите од новата едиција.

Книгите ќе бидат претставени на претстојниот Саем на книгата (08.-14.2014)

Повеќе информации за првите три книги овде

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото