Спермата – лек или пациент?

05.04.2014 10:50
Спермата – лек или пациент?

„Помеѓу жените и мажите постои далеку подлабока врска отколку што Св. Валентин некогаш би можел да претпостави. Постои и далеку подобар подарок од чоколадото, кој мажте би можеле да им го подарат на своите партнерки за Денот на заљубените.“

Оваа реченица, од воведот кој Лазар Гринфилд, пензиониран професор по хирургија на Универзитетот во Мичиген, го напиша за февруарското издание на списанието Surgery News, го чинеше позицијата уредник на билтен и претседавачката функција во Американската асоцијација на хирурзи.

„Подобриот подарок“ за кој зборува Гринфилд во спорниот текст е спермата, а идејата да напише нешто такво му дошла од никаде. Имено, уште во 2002 година, во списанието Archives of Sexual Behavior, објавена е студија чии автори, тројца психолози од Универзитетот Албани во Њујорк, сугерираат дека машката сперма ги ублажува симптомите на депресија кај жените. Таа студија била замислена како потврда на претходната хипотеза дека хормоните кои ги содржи ејакулатот имаат позитивни ефекти на расположението на жените.

Спермата како антидепресив е само една од храбрите (налудничави?!) хипотези на модерната наука за чудесните моќи на ејакулатот. Според друга, таа е одличен лек против утринска мачнина, непријатен придружник на бременоста. Третата ѝ припишува моќ дека кај жените ја започнува овулацијата. Сепак, да тргнеме од тврдењето за кое постојат сериозни докази; според него, на „лекот“ итно му е потребен лек.

Квалитетот на спермата во константно опаѓање

Во периодот помеѓу 1989 и 2005 година, концентрацијата на сперматозоиди во ејакулатот на просечниот Французин опаднала за 32, а бројот на сперматозоиди со нормален облик за 33 проценти. Поточно, бројот на сперматозоиди во еден милилитар ејакулат се спуштил од 73,6 милиони на 49,9 милиони, што е под границата од 55 милиони по која, според стандардите на Светската здравствена организација, престанува зоната на комфорот и настапува зоната на продолжен период на зачнување.

Со оглед на тоа дека машката фертилност е сериозно загрозена дури кога бројот на здравите сперматозоиди ќе опадне на 15 милиони на милилитар ејакулат, резултатите од студијата, која минатата недела ја објави тим од француско-британски експерти во списанието Human Reproduction, самите по себе не се алармантни. Меѓутоа, загрижувачки е тоа што падот на квалитетот на машката сперма е константен (изнесува 1,9 проценти годишно), а неговите причини не им се познати на научниците.

Француската студија е само една во низата кои во последниве дваесет години предупредуваат на падот на квалитетот на спермата и загрозената фертилност на мажите. Феноменот е глобален, токму како и паралелната епидемија на рак на тестисите; стапката на заболување од овој вид рак е двојно зголемена во последните 30 години.

Споменатото истражување, со кој раководела епидемиологот Жоел Ле Моал, претставува најобемна студија од овој вид досега. Со неа се опфатени 26 600 Французи, на возраст од 18 до 70 години (просекот за целиот примерок изнесува 35 години). Примероците од нивната сперма се собирани на повеќе од стотина клиники за лекување стерилитет ширум Франција, при што, важно е да се нагласи, самите субјекти немале проблеми со репродуктивното здравје; примероците ги доставувале во клиниките при постапка за лекување стерилитет кај нивните партнерки.

Авторите на студијата истакнуваат дека примерокот на кој е изведена студијата може да се смета за репрезентативен за Франција. Имајќи предвид дека нејзините резултати се во согласност со трендовите забележани во слични истражувања во повеќе европски земји, Северна Америка и Канада, не е неоснована нивната генерализација за индустриски развиените земји од светот.

Што ги убива сперматозоидите?

Иако неправилен облик може да ја загрози подвижноста на сперматозоидите, абнормалната морфологија на машките полови ќелии не е толку необична појава. Се смета дека дури 10 до 15 проценти од сперматозоидите се со стандарден облик.

Зошто мажите се толку лоши производители на добра сперма?

Најкраткиот и најточен одговор би можел да биде: Тие го можат тоа. Едноставно, ја имаат во изобилство. Просечен маж дневно произведува милиони сперматозоиди, а во само еден ејакулат исфрла околу 300 милиони. Наспроти него, жената за време на фертилниот дел од животот произведува 400 до 500 јајце клетки.

Дел од варијабилноста во квалитетот на спермата може да им се припише и на гените. Познато е дека во случајот на глувците, на пример, 75 проценти од генетските мутации за кои е утврдено дека предизвикуваат стерилитет, за среќа, се случува исклучиво кај машките примероци. Очигледно, во сперматогенезата (процес на создавање и созревање на сперматозоидите) се вклучени далеку поголем број гени отколку во оогенезата (процес на создавање и созревање на јајце клетки), а самиот факт дека со некој процес раководат голем број гени значи и поголема веројатност дека во него ќе дојде до грешка. Судејќи според сè, јајце клетките се подобро заштитени од влијанието на мутациите отколку сперматозоидите, што е и логично со оглед на тоа дека се многу поретка стока. Заради тоа што се малку, од аспект на продолжување на видот, исклучително е важно сите, или речиси сите, да бидат здрави и функционални.

Можноста во сперматогенезата да настапат грешки е зголемена и заради фактот дека станува збор за долготраен и многу сложен процес. Кога ќе дојде до оштетување на обвивката на клетката, на пример, соседните клетки веднаш започнуваат делба за да го надоместат повреденото ткиво, а процесот, во зависност од сериозноста на повредата, трае од неколку часови до неколку денови. Од друга страна, сперматозоидите се создаваат од матичните клетки. На „раѓањето“ полови клетки му претходи сложен процес на повеќекратна делба, за чие време се одвиваат низа биохемиски промени и кој трае околу 60 дена.

Повеќето истражувачи сметаат дека загрижувачкиот тренд за падот на квалитетот на спермата не може целосно да се објасни со „природните“ фактори и дека дополнителни причини треба да се бараат во срединските услови и начинот на живот на современиот маж. Меѓутоа, на тоа поле е направено многу малку, така што само се претпоставува дека во значајните фактори спаѓаат исхраната, изложеноста на хемикалии, стресот...

И додека од една страна стигнуваат предупредувања дека спермата станува сè понеефикасна во својата примарна задача, од друга страна научниците нè известуваат за нејзините чудесни својства. Едно од нив е дека ги ублажува симптомите на депресија кај жените.

Спермата како антидепресив

Додека Жоел Ле Моал и нејзините соработници ги пребројувале подвижните сперматозоиди во примероците сперма на безмалку 27 000 возрасни Французи, еволутивниот психолог Гордон Галуп и неговите колеги ја тестирале хипотезата за влијанието на спермата на менталното здравје на жените.

Субјекти во нивната студија биле 293 студентки од Универзитетот Албани во Њујорк. Сите одговарале на опширна анкета за своето сексуално однесување и навиките, а потоа правеле Беков тест за депресија, кој спаѓа во стандардните скали за утврдување присуство и мерење на нивото на изразеност на депресивни симптоми. Со вкрстување на податоците од овие два извори, истражувачите дошле до следниот заклучок:

1. Жените кои практикуваат незаштитен секс покажуваат значително послабо присуство на симптоми на депресија, отколку оние чии партнери секогаш (или генерално) практикуваат употреба на кондоми или оние кои апстинираат.
2. Затоа што нема значајни разлики помеѓу жените чии партнери редовно користат кондоми и оние кои апстинираат, разликата во степенот на изразеност на депресивните симптоми не може да му се припише на сексот како таков; со други зборови, самиот физички акт на односот не може да се смета одговорен за подобро расположение.

Еве ја теоретската рамка (слабо поткрепена со факти) во која авторите ги сместуваат добиените резултати:

За време на најдолгиот период од својата еволутивна историја, жените биле изложени на принуден секс. За секој таков однос да не резултира со зачнување, природната селекција ја направила вагиналната средина изразено непријателска кон спермата: (1) присуството на сперма во репродуктивниот тракт на жените го активира нејзиниот имунолошки систем; (2) клетките на имунолошкиот систем ги препознаваат сперматозоидите како патогени и почнуваат да ги напаѓаат.

Како тогаш воопшто доаѓа до зачнување?

Спермата претставува само пет проценти од ејакулатот, додека поголемиот дел се состои од семенска плазма. Со сложен хемиски состав, таа еволуирала за да ја ублажи киселоста на интравагиналната средина и одбранбената реакција која имунолошкиот систем на жените ја генерира откако ќе детектира присуство на сперма.

Три состојки од семенската плазма играат клучна улога во „омекнувањето“ на вагиналната средина во однос на спермата: естроген, простогландини и окситоцин.

Повисокото ниво естроген и простогландини инаку се доведува во врска со ниската склоност кон депресија. Познато е дека нивото на окситоцин, пак, расте за време на доење, секс, и особено, за време на оргазам. Врз основа на овие наоди, еволутивните психолози шпекулираат дека секундарниот ефект на споменатите хемиски соединенија може да се согледа во подигнувањето на расположението кај жената. Заради тоа, таа станува поотворена кон сексуалниот чин, но и повеќе се поврзува со партнерот. Консеквентно произлегува дека спермата ја зголемува веројатноста за зближување меѓу сексуалните партнери и формирање потрајни врски.

Зависност од сперма?!

Зошто луѓето користат дроги? Генерално, затоа што дрогите создаваат чувство на задоволство. Што се случува кога ќе се обидат да престанат да ги користат? Се соочуваат со многу непријатни симптоми на апстиненцијална криза. Со оглед дека антидепресивите се психоактивни супстанци, пациентите развиваат толеранција и зависност од нив. Доколку престанат да ги користат, симптомите на депресија се враќаат и тоа по правило во потежок облик, отколку пред воведувањето терапија со антидепресиви.

Ако спермата е антидепресив, може ли жената да стане зависна од неа и да падне во апстиненцијална криза доколку не ја земе „терапијата“?

Верувале или не, добар дел од еволутивните психолози потврдно би одговориле на ова прашање. Самиот Галуп е автор на необјавена студија (ЛИНК) која манипулира со податок дека жените кои биле во подолги врски и практикувале секс без кондом, по прекинување на врската или развод, подолго и потешко страдале во споредба со жените кои биле во слични врски, чии партнери редовно користеле кондом. Освен тоа, тврди истиот автор, апстиненцијалната криза ги поттикнува кон побрзо пронаоѓање нов (сексуален) партнер.

Дали спермата им делува антидепресивно и на хомосексуалците кои практикуваат незаштитен анален секс? Истражувачите од Албани сакале да дадат одговор на ова прашање, но студијата со хомосексуалци како примерок била прекината. Дополнително согледале дека, освен преку анален секс, спермата и орално стигнува до организмот на хомосексуалците. Доколку ја утврделе врската помеѓу расположението и спермата, истражувачите немало да бидат во можност да му ја припишат корелацијата само на аналниот секс – пандан на хетеросексуалниот интравагинален однос. Интересно, прашалникот со кој собирале информации за сексуалните навики на испитаничките во опишаното истражување не содржел прашања за орален секс. Но, следува „поглавјето“ за „благодетите“ од оралната употреба на спермата.

Со сперма против утринска мачнина

Ако благо зголемената телесна температура му помага на организмот да се избори со инфекција, дали утринската мачнина во раните фази на бременоста, иако непријатна, може да биде корисна?

Идејата за утринската мачнина како адаптивен биолошки механизам кој ги штити мајката и плодот, во 1940 година прв ја изнел бостонскиот лекар Фредерик Ирвинг. Врз основа на богато клиничко искуство дошол до заклучок дека жените кои се во рана фаза од бременоста развиваат посилна аверзија кон одредни намирници со помал ризик од губење на плодот и други компликации, во споредба со трудниците кај кои мачнината недостасува.

Многу подоцна, во 1976 година, професорот по ендокринологија на Универзитетот Албани, Ернест Хук, оформил прво функционално објанување на утринските мачнини: Мачнината и повраќањето ја одвраќаат трудницата од намирниците кои би можеле да му штетат на анатомскиот развој на фетусот. Две нешта му оделе во прилог на таквото објаснување: (1) голем број трудници развиваат аверзија кон намирници кои содржат кофеин, како и кон тутун и алкохол; (2) аверзивните симптоми се најсилни за време на првото тримесечје од бременоста, кога фетусот добива анатомски карактеристики на човечко тело.

Дури во 1992 година, биологот Марги Профет го формулирала првото вистинско еволутивно објаснување за утринската мачнина. Имено, Хук немал објаснување за забелешките дека кафето, цигарите и алкохолните пијалоци се премногу нови изуми за да бидат релевантни од аспект на еволуцијата. Профет забележала дека станува збор за намирници кои имаат високо ниво на таканаречени секундарни состојки – фитохемикалии кои ги онеспособуваат или убиваат непријателите на растенијата, како што се инсектите, габите и бактериите. Иако, вообичаено тие не се штетни за луѓето, во поголеми количини можат да имаат алергени и канцерогени ефекти; во контекст на бременоста, можат дури да индуцираат абортус.

Освен што го штитат плодот, мачнините и повраќањето заштитнички дејствуваат и во однос на трудницата. Имено, нејзината имунолошка одбрана е значително намалена, особено за време на првото тримесечје од зачнувањето, што на нејзиниот организам му овозможува навикнување на присуството на друга ДНК (половина од гените на фетусот потекнуваат од таткото). Ако имунолошкиот систем на трудницата работи со полна пареа, тогаш ќе постои ризик од отфрлање на плодот. Мачнините и повраќањето практично ја штитат од внесување токсини и паразити против кои нејзиниот организам не би бил во состојба да се избори.

Метаанализата на низа студии на тема утринска мачнина, која ја направиле двајца биолози од Универзитетот Корнел, Пол Шерман и Самјуел Флексман, дала силна потврда за хипотезата Хук-Профет за заштита на ембрионите: Утринската мачнина се јавува околу петтата недела од бременоста, а го достигнува врвот помеѓу шестата и дванаесеттата недела од зачнувањето и главно исчезнува по осумнаесеттата гестациска недела, што се термини кои се совпаѓаат со чувствителните периоди на ембрионалниот развој, кога доаѓа до забрзана делба и диференцијација на клетките од плодот. Освен тоа, аверзијата најчесто се јавува кон месото (извор на микроорганизми), зеленчукот, кафето, чајот (извор на фитохемикалии) и алкохолот (кој, инаку, претставува здравствен ризик).

Меѓутоа, за да може утринската мачнина да се дефинира како адаптација – карактеристика која ја добиле жените во процесот на еволуција, затоа што е корисна за опстанокот и репродукцијата – неопходно е да се утврди дека позитивно влијае на исходот од бременоста. Студијата на Шерман и Флексман ја потврдила интуицијата на Фредерик Ирвинг: спонтаниот абортус е далеку поредок кај жените чии почетни фази од бременоста се обележани со мачнина, вртоглавица, повраќање. Од друга страна, досегашните истражувања не успеале да детектираат врска помеѓу симптомите на утринска мачнина и здравјето на новороденчињата, што е проблем за моделот на заштита на ембрионот. И покрај тоа, излегло дека трудниците, кои под дејство на околностите во почетната фаза од бременоста земаат антихистаминска терапија (антиалергени), носат помал ризик на свет да донесат новороденче со вродени аномалии; случајно, антихистамините делуваат и против мачнините.

Моделот Хук-Профет нема одговор на уште едно важно прашање: Ако утринската мачнина е адаптација, зошто кај некои жени недостасува? Трудниците кои во првото тримесечје од бременоста не страдаат од мачнини се малцинство, но тоа и понатаму е значителен број жени. Освен тоа, истите селективни притисоци би требало да дејствуваат и на бременоста кај другите животински видови; нема сериозни докази за мачнини кај другите животни.

Слабостите на моделот Хук-Профет го заинтргирале Гордон Галуп, автор на хипотезата за антидепресивното дејство на машката сперма. Поаѓајќи од прашањата на кои теоријата за мачнината како заштита на ембрионот не е во состојба да ги одговори, Галуп формулирал алтернативна хипотеза: Утринската мачнина е последица на изложеност на женскиот организам на машката сперма.

Со оглед на тоа дека половина од гените на фетусот се од ДНК на таткото, иницијално, имунолошкиот систем на жените го третира зачетокот како надворешно тело или инфекција. Одбранбената реакција се манифестира преку симптомите на утринска мачнина.

Галуп не застанал само на тоа да понуди објаснување за утринската мачнина. Излегол и со хипотеза за тоа како трудниците би можеле да избегнат збир непријатни симптоми кои ја следат.

Погодувате. Клинецот се избива со клинец. Нејзиниот предизвикувач воедно е и најдобар лек против утринска мачнина. Значи, спермата. Сè што треба да направат жените за да го избегнат гадењето, повраќањето и несвестицата е пред бременоста и нејзината почетна фаза, да практикуваат секс без заштита. Како дополнителна мерка за претпазливост, Галуп препорачува и орална употреба на ејакулатот. На тој начин, жената ќе го навикне својот организам на ДНК на својот партнер. Генерализирано, толеранцијата ќе се пренесе и на ембрионот, така што имунолошкиот систем на трудницата нема да го препознава како надворешно тело.

Според Галуп, утринската мачнина не е адаптација насочена кон заштита на мајката и плодот, туку дел од поширок механизам кој еволуирал за да ја зголеми веројатноста за репродукција со партнерот кој ќе остане со мајката и детето. Објаснувањето се надоврзува на неговиот претходен труд, во кој изнесува докази за тезата дека жените кои почесто се изложуваат на спермата од своите партнери, се под помал ризик од преклампсија – необјаснет ран абортус.

Историски гледано, хипотезираниот механизам чив дел е утринската мачнина, ја штител жената од зачнување при силување, зачнување со партнер кој не е заинтересиран за долгорочна врска, како и од бременост во рана фаза од врската помеѓу жената и мажот, кога сè уште не се сигурни дали нивниот однос ќе прерасне во траен. Биолошки гледано, спонтаниот абортус на фетусот кој се развил од „непознато“ семе може да има адаптивна вредност.

Теоретската рамка на Галуп е сосема нова и не е тестирана. Првпат ја претстави на овогодинешниот состанок на Друштвото на еволутивни психолози, најавувајќи истражувања со кои ќе стави на тест две предвидувања: (1) интензитетот на утринската мачнина е обратнопропорционален со зачестеноста од претходно изложување на трудницата на спермата на својот партнер; (2) лезбејките кои се одлучиле за in vitro оплодување ќе искусат најизразени симптоми на утринска мачнина.

Во меѓувреме, треба да се посветиме и на прашањето за „лекување“ на спермата чив квалитет, според извештаите на научниците во последните две децении, се заканува сериозно да го загрози репродуктивното здравје на мажите. Во комбинација со социјалните фактори, како што се подоцнежното стапување во брак и зачнувањето (фертилитетот на жените забрзано опаѓа со стареењето), проблемот би можел да биде далеку посериозен отколку што изгледа.

Како да се „лекува“ спермата

Не се познати точните причини за опаѓање на квалитетот на машкото семе. Иако, дел од феноменот може да им се припише на генетските фактори, научниците идентификуваа неколку средински фактори кои мажите можат да ги избегнуваат доколку сакаат да го зачуваат своето репродуктивно здравје. Го советуваат следното:

1. Избегнувајте тесна долна облека; производството на здрава сперма бара температурата на тестисите да биде пониска од телесната температура, а тесната долна облека ги загрева.
2. Избегнувајте намирници и оброци богати со заситени масти.
3. Избегнувајте тутун, алкохол, дроги и гојазност.
4. Намалете ја изложеноста на индустриски хемикалии, особено оние кои се користат во производството на пластика; тие го емитуваат „женскиот хормон“ естроген.
5. Однесувајте се заштитнички кон партнерките кога се бремени; сè поголем број научници го доведуваат квалитетот на спермата во врска со интраутерусната средина во која се развива фетусот, а познато е дека пренаталното окружување станува понепријателско заради изложеност на стрес на трудниците.
6. Избегнувајте антидепресиви; додуша во многу мал број случаи, тие можат неповолно да влијаат на здравјето на сперматозоидите.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com