Идејата за Европа

18.12.2009 15:47
plopklshlp_by_FilobZh.jpg

Сакаме да веруваме дека бедата во која се наоѓа светот произлегува од фактот што човештвото е расцепкано во премногу земји.

Сакаме да веруваме дека сето зло на нашата планета можеме да го отстраниме, едноставно, со обединување на поединечните демократии, на континентите и, на крај, на целиот свет. Притоа секогаш ги имаме предвид сојузите какви што се, на пример, САД и Швајцарија.

Што се однесува до САД, тоа е модел според кој Европа не може да се организира затоа што не станува збор за сојуз на различни ентитети. Нема вистинска разлика меѓу населението, јазикот, обичаите и расите кои живеат во различните американски федерални држави. Станува збор за еден американски народ, кој живее во САД кои се плурални според името, но не и во реалноста. САД не се земји, САД е земја. Она што како поука може да се извлече од американската уставна слика е дека, и покрај униформноста, многу попрактично е да се подели државата во 48 држави отколку да се направи обид за управување со целиот континент преку претставник од Вашингтон. Тие разлики се вештачки создадени зашто се покажало дека тоа полесно ќе се оствари со сојуз отколку со унификација.

Се смета дека Швајцарија многу повеќе е доказ за остварливоста на унионистичките сништа отколку САД, дури и кога тоа се однесува на Европа, каде што не постои униформа, единствен тип Европјани, ниту заеднички јазик, а уште помалку заедничка култура и историја. На малиот простор на Алпите, три архинепријателски народи, Италијанците, Германците и Французите се обединија во име на заедничката слобода, мир и економски напредок. За унионистите Швајцарија е вечен пример за практичната спроведливост на заедничкото живеење на различни нации и заради тоа тие ја слават како своја света земја. Меѓутоа, швајцарската реалност докажува и некои сосема различни тези. Трите етнички групи, а да не ја споменуваме ретороманската како четврта националност, се поделени на тој начин што 70 проценти зборуваат германски, 20 проценти француски и 10 проценти италијански. Доколку овие три групи беа темел на фамозниот швајцарски сојуз, тоа ќе резултираше со неизбежна доминација на германскиот говорен блок над останатите две националности, кои ќе беа деградирани на логички статус на малцинство затоа што се само триесет проценти од вкупното население. За таков развој би придонеле токму правилата на демократијата и во тоа германско опкружување би исчезнала причината за постоењето на француската и италијанската заедница. Не би имало смисла да се спречи нивното многу пологично обединување со нивните сонародници кои заради бројноста ги втемелија моќните нации Италија и Франција. За германскиот блок уште понелогично би било да остане надвор од Рајхот. Вистинскиот темел на швајцарската егзистенција и начелото на заедничко живеење на различните национални малцинства не е во федерацијата на нејзините три националности, туку во федерацијата на нејзините дваесет и две државички, и тоа е поделба на нејзините националности што создава битни услови за секоја демократска федерација: физичка рамнотежа на учесниците, приближна еднаквост на бројот. Големината на швајцарската идеја лежи во ситноста на нејзините ќелии од кои произлегуваат нејзините права. Швајцарецот од Женева не му се спротиставува на Швајцарецот од Цирих како конфедерален Германец на конфедерален Французин, туку како конфедерален член на републиката Женева во однос на конфедералниот член на републиката Цирих. Граѓанинот на Ури, каде што се зборува германски е многу повеќе странец со граѓанинот од Антервалден, каде што исто така се зборува германски, отколку што е со граѓанинот од Тесино, каде што се зборува италијански. Меѓу кантонот Св. Гален и швајцарската федерација нема посредничка организација во форма на "германски говорни кантони". Власта посредувана од Берн произлегува од мали републики членки, а не од националноста, со оглед на тоа што Швајцарија е сојуз на држави, а не на нации. Важно е да се сфати дека во Швајцарија, кажано со груби бројки, живеат седумстотини илјади жители на Берн, шестотини и педесет илјади жители на Цирих, сто и педесет илјади жители на Женева итн., а не два и пол милиони Германци, милион Французи и половина милион Италијанци (според податоците од 1941 година). Големиот број кантони горди на својата демократија и речиси целосна сувереност, како и малиот број кантонално население, ја исклучува секоја можна империјалистичка амбиција на сметка на кој било кантон затоа што секогаш е можно надгласување дури и со мала комбинација на останатите кантони. Но доколку во стилот на современата симплификација и рационализација победи обидот за реорганизација на Швајцарија врз темелот на нејзините националности, дваесет и двете "непотребни" државички со своите одвоени парламенти и влади ќе станат само три провинции, и тоа не на Швајцарија, туку на Германија, Италија и Франција.

Кантонален суверенитет

Оние кои се залагаат за сојуз на нациите на Европа затоа што веруваат дека сојуз од таков вид е спроведен во Швајцарија и дека се покажал практично остварлив, всушност никогаш не ги темелеле своите прекрасни схеми врз начелото на кантонален суверенитет, односно на суверенитетот на малата државичка. Националната идеја толку многу ги мачеше политичките умови што нацијата на државата која е многу пофлексибилна, поприлагодлива и може да се примени пошироко отколку националната држава, целосно исчезна од употреба. Квалитетот го има само во големите ентитети, а малите ентитети, така нè учат, а така и мислиме, се извор на сето зло и несреќа. Образувани сме да го цениме големото, универзалното, мамутското, големата маса така што се оддалечивме од минијатурноста на целовитоста и универзалноста на ситното - индивидуалното, што е протоплазма на целокупниот општествен живот. Научивме да го цениме единството на Франција, Британија, Италија и Германија верувајќи дека со тоа се раѓа единственото човештво. Меѓутоа, создадени се само Големите сили.

Швајцарското искуство применето на Европа би барало и швајцарска изведба на моделот, а не само формален резултат. Изведбата би се состоела во поделба на трите или повеќе нееднакви блокови на помали делови потребни за да се исклучи бројната надмоќност. Тоа значи дека треба да се создадат четириесет до педесет еднакво мали држави, наместо четири до пет со различни големини. Инаку, федералната Европа секогаш ќе има осумдесет милиони Германци, четириесет и пет милиони Французи, четириесет и пет милиони Италијанци итн., што значи дека секоја европска федерација би била неизбежно потопена во германската хегемонија, онака како што германската федерација со своите дваесет и четири државички при обединувањето со четириесет милионската моќна Прусија заврши со пруска хегемонија. Заради тоа предлагам расцепкување на Германија во повеќе држави од седум до десет милиони жители. Тоа воопшто не е тешко затоа што поранешните германски државички, т.е. поголемиот број од нив, може да се реконструираат, а дури и Прусија може да се подели врз основа на историски и природни карактеристики. Но, сè додека цела Европа не се кантонизира истовремено, цепкањето на самата Германија не би имало долготраен ефект. Со природно тежнение кон преувеличување, Германија повторно би се обединила. Франција, Италија и Русија исто така треба да се поделат. Таа задача со помош на историски изговори лесно ќе се изврши: повторно би ги имале Венеција, Ломбардија, Бургундија, Естонија, Белорусија итн. Но како и кај германските државички, доколку не се направат нови комбинации кои би го оневозможиле создавањето на национални државички и тука повторно би сраснале старите и новите единици. Вистинското значење на Швајцарија или Австро-Унгарија би почнало да се остварува на нов начин, постапно: малите држави би се федерализирале, но не со најблиските роднини; новата мапа на Европа би ги поврзувала Померанија и Западна Полска, Источна Прусија - Балтикот, Австрија, Унгарија, Чехословачка, Баден - Бургундија, итн., итн. Големите сили (кои се причина за модерните војни затоа што се доволно силни модерната војна да ја направат стравична) треба да ги снема. Само со поделба на целиот европски континент ќе може да се исклучи можноста и чесната Германија и останатите големи сили некому да му ги наметнат своите омрази. Европа, поделена на доволно мали делчиња, ќе биде швајцарска основа за паневропскиот сојуз, втемелена врз ситноста на сите држави, а не само на соработката меѓу моќните нации. Сето ова го пишувам во одбрана на исмејуваното начело на сувереноста на малите за сметка на големите државни ентитети - Клеинстаатереи, како што би кажале Германците.

Теоретичарот на нашето доба, кој е способен да го види само големото и се возбудува при самото споменување на зборот "човештво", иако никој не знае што точно значи тоа и зошто некој поради тоа би морал да умира, идејата за создавање повеќе држави наместо неколку би ја нарекол средновековно уназадување. Сите се за унионизам и мамутизам, а унионизмот не е ништо друго освен друг израз за тоталитаризам, дури и кога под тоа се подразбира гаранција за мир. Тоа е еднопартиски систем трансплантиран на меѓународната арена. На нашите теоретичари кои милуваат да се подбиваат би им укажал на само некои од предностите на "средновековната схема". Унионистите би рекле дека времето кога постоеја стотина државички е мрачно доба на постојани војни. Тоа е вистина, но какви беа тие војни? Војводата од Тирол и’ објави војна на Баварија за еден украден коњ. Војната траеше две недели. Еден мртов и шест ранети. Селото беше запоседнато и беше испиено сето вино од подрумот на крчмата. Беше склучен мир и платена репарација од триесет и пет долари. Војводството Лихтенштајн и архиепископијата Салцбург, кои беа во сојуз, никогаш не дознаа за оваа војна. Речиси секој ден во некој агол на Европа се водеше војна, но со мали последици. Денес има размерно помалку војни. Ниту за нив нема подобра причина од украдениот коњ, но последиците се страшни.

Економската предност на коегзистенцијата на многу мали државички е навистина голема, иако модерните поборници на синхронизацијата и економистите нема да се согласат сè додека не го видат светот превртен на глава, и додека на тоа не се навикнат. Наместо една администрација имаше дваесет, наместо двесте парламенти имаше две илјади, и наместо амбицијата на само малкумина можеше да се задоволи амбицијата на многу. Немаше невработеност затоа што имаше премногу исти професии, а помалку конкуренција, затоа што за нив и тоа како имаше потреба во повеќе земји. Немаше потреба за социјализам како втора тоталитарна можност затоа што економскиот живот на малите земји можеше да се види од црковната камбанарија, без теориските интерпретации на еден Маркс или Шахт, колку и да се брилијантни, а да не го споменуваме развојот на уметноста во главните градови, основањето на универзитетите, театрите, создавањето поети, филозофи и архитекти. Притоа немаше повеќе даноци отколку сега, во овој век на рационализација кога луѓето и претприемништвото се "економизирани" од економски причини, а феноменот на невработеноста стана крута реалност. Го отфрливме она што сметавме дека ќе биде само губење на дворовите и кралевите и притоа ја создадовме величественоста на милионите кои маршираат пред диктаторот. Го исмевавме големиот број државички за денеска да н тероризираат само неколку нивни наследнички.

Не само историјата туку и нашето лично искуство нè учи дека вистинската демократија во Европа е можна во малите држави. Во нив поединецот има свое место и свое достоинство. Па доколку демократијата е идеал што има макар и најмала вредност, потребно е повторно да се создадат услови за нејзин развој - мала држава - и да му се даде вредност на суверенитетот на најмалата заедница. Не би било тешко мали држави да се обединат во континентален федерален состав кој би ги задоволувал и оние кои сакаат да живеат светски и кои бараат универзалност. Една таква Европа дава плодоносно вдахновение и создава грандиозна слика.

Тоа е мозаик на маѓепсувачки варијанти и различности, но и складност на жива органска целина. Тоа е весела схема која претпоставува умна жива индивидуалистичка реалност.

Смртно сериозната схема на унионизмот, без хумор во неа, во човекот гледа колективитет и општествено животно од понизок ред. Тоа, и во своите најсериозни теориски изведби, постојано ме потсетува на германскиот професор кој на ѓаволот му го подметнал новиот план за организација на Пеколот. Од смеата на Ѓаволот се тресеа ридовите: "Да се организира Пеколот? Мој драг професоре, организацијата - тоа е Пеколот."

________________________________________________

Леополд Кор (1909-1994) беше економист, правник и политиколог познат по своите ставови против „култот кон величината“ во социјалната организација, и еден од оние кои го инспирираа движењето „помало е подобро“. Себе си се опишуваше како „филозофски анархист“. Негово највлијателно дело е The Breakdown of Nations.

Кол протестираше против „култот на величината“ и економскиот раст, и го промовираше концептот за живот во мали комуни. Негови аргументи беа дека масовната надворешна помош за посиромашните нации ги задушува локалните иницијативи и учества. Неговата визија повикува на ослободување од централизираните политички и економски структури во корист на локалната контрола.

Леополод Кор е еден од предвесниците на Европската унија кој уште во триесетите и четириесетите години на минатиот век објавуваше написи во кои ја промовираше таквата идеја.

Фотографии: Петар Пал

Слични содржини

Општество / Европа / Теорија
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Европа / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото