Изгубената европска генерација

07.04.2014 11:02
Изгубената европска генерација

Засновање семејство во сопствената детска соба не е српски „специјалитет“.

Станува обичај и во Европа. Речиси половина возрасни млади Европејци живеат со родителите, покажува штотуку објавеното истражување спроведено во сите земји од Европската унија.

Дури 48 проценти од луѓето на возраст од 18 и 39 години, односно 36,7 милиони Европејци, не се осамостоиле иако завршиле училиште или се вработиле. А, да се најде работа е сè потешко. Според споменатата студија на „Еврофаунд“, една од агенциите на ЕУ, токму невработеноста и немаштијата се главни причини што младите не го напуштаат родителскиот дом. Трендот ги премина границите на медитеранските земји во кои постои уште од претходно, заради послабите материјални состојби и поголемата поврзаност на децата за мајките и татковците. Точно е дека во Италија е најголем процентот на несамостојни млади – 79, но бројот дваесетгодишници и триесетгодишници во домовите на родителите расте и во Шведска, Данска, Франција, Белгија и Австрија. Ретки се земјите во кои нивниот број се намалува, а тоа се Германија, Холандија, Ирска и Велика Британија.

Овие социјални движења вознемируваат, затоа што сведочат не само за лошата економска ситуација во ЕУ, туку не ја исклучуваат ниту можноста за масовен социјален бунт, лично незадоволство и фрустрации, како и позабележителен пад на стапката на раѓања.

„Ситуацијата со младите се промени од основата. Изгледа поинаку од приликите во кои живееле нивните родители, баби и дедовци“, вели авторката на студијата, Ана Лудвинек.

Таа додава дека е ретко возрасните деца да бидат среќни кога мораат да живеат со родителите.

„Во таквите домаќинства животното задоволство е ниско, додека нивото на одрекување е многу високо“, заклучува Лудвинек.

Истражувањето ја поддржува теоријата за „генерацијата ипсилон“ која е пообразована од предците, но која, заради тешката економска криза ќе има многу понизок стандард од оној во кој уживале нејзините родители. Работа, социјално, здравствено и пензиско, кредит за стан и летување во Тајланд, нешта кои се подразбираа за постарите Европејци, но според општата оценка, тие времиња поминаа.

До почетокот на светската економска криза во 2009 година, во западна Европа не било толку чест случај вработените и по неколку години работа и стекнување искуство, себеси и понатаму да се доживуваат како сиромашни. Меѓутоа, денес повеќе од дваесет проценти од испитаниците изјавуваат дека греењето во становите или купувањето облека се луксуз. Немаштијата најмногу е зголемена во Шпанија (за 20 проценти), Грција (15) и Велика Британија (10).

„Речиси во сите земји, младите во однос на општата популација ќе имаат поголеми шанси да почувствуваат умерени нивоа на немаштија“, пишува во истражувањето на „Еврофаунд“.

Меѓутоа, студијата додава дека младите не го чувствуваат најголемиот економски товар затоа што тука се родителите, кои дури и на триесетгодишниците им плаќаат стан, храна, интернет конекција и карти за кино.

Меѓу оние кои ги одгледуваат своите деца во детската соба, се и припадниците на армијата невработени млади Европејци која минатата година броела шест милиони луѓе или 23,8 проценти лица помлади од 25 години. Овој податок на „Евростат“, канцеларијата за статистика на ЕУ, избувна како пожар, па не е ни чудо што ги вклучи алармите во бриселските канцеларии за економска и социјална политика. ЕУ одвои шест милијарди евра за решавање на овој проблем, односно за отворање нови работни места, тренинзи и пракса.

Меѓутоа, во најновата членка сличната програма веќе згасна. Загреб неодамна го запре проектот за вработување, кој во последните две години им даваше шанса главно на младите да добијат прва, приправничка работа. Се проценува дека ќе бидат погодени околу 12 000 луѓе. Хрватска соопшти дека ќе ги обнови овие мерки кога ќе добие пари од Европската комисија преку програмата Гаранција за младите.

Безнадежноста на оние кои одамна станале полнолетни ја загрижува и германската канцеларка Ангела Меркел, која невработеноста кај младите ја нарече најголема криза во Европа. Кон нејзината земја секојдневно се упатуваат Шпанци, Италијани и Грци. И најобразованите ќе прифатат каква било работа затоа што и самите се свесни за кризата или, како што објасни Меркел, сите нема да добијат услови какви што доби каталонскиот тренер Пеп Гвардиола кога дојде во Баерн.

Според податоците од Солунскиот универзитет, од 2010 година околу 120 000 штотуку дипломирани лекари, инженери, експерти за компјутери и научници, ја напуштиле Грција. Официјален Мадрид истакнува дека од 2008 година 300 000 луѓе помлади од 30 години ја напуштиле Шпанија.

Од овие бројки можеби пострашни се само оние кои го покажуваат процентот невработени млади: во Грција изнесува 59,2, во Шпанија 56,4, во Португалија 42,1, во Италија 38,5, во Франција 24,6. Условите во Германија се значително подобри – 7,6 проценти од младите се без работа.

За кризата кај младите сè повеќе се обвинува и неадекватното образование на Стариот континент. Џузепе Поркаро, генерален секретар на Европскиот младински форум, организација која се занимава со проблемите на младите во ЕУ, за „Политика“ вели дека кога во ЕУ има работа за младите, често тоа се работи за кои младите не се доволно обучени и стручни, односно „заинтересираните за работа ги немаат вештините кои ги бараат работодавците“. Нешто слично кажа и Меркел кога на останатите држави од ЕУ им порача да го следат примерот на Германија кога станува збор за образованието затоа што германскиот образовен систем им посветува подеднакво внимание на теоријата и практиката. Сепак, пошироките економски услови, односно генерално лошата финансиска ситуација во Европа, останува најголем причинител за кризата кај младите. Иако некои политичари тврдат дека Унијата се извлекува од кризата, Поркаро вели дека нејзината младина не го чувствува тоа.

„Далеку од тоа дека европската младина излегува од кризата. За неа бурата сè уште трае. Има уште многу невработени и луѓе без социјална сигурност. Заради тоа на луѓето на кои им доаѓа времето да се осамостојат, остануваат кај родителите, и тоа, наместо да биде исклучок, станува правило“, објаснува нашиот соговорник.

Најпосле, го прашавме дали тогаш е точно она што сè повеќе се зборува за денешните европски дваесетгодишници и триесетгодишници – дека се „изгубена генерација“.

„Секако дека ризикот е голем да станат токму тоа“, заклучува Поркаро.

Извор: http://www.politika.rs

ОкоБоли главаВицФото