Женски песни

07.04.2014 12:00
Женски песни

 МАК

Ова е прво одделение од девојченца
на мајски излет излезени в поле.
Тие се држат уште за рака,
бели пеперуги на главички им паднале,
само на едно – црвена,
па сите за да ја видат
на прсти се поткреваат.
Трепетат, трепетат, трепетат пеперужни крилца
од момирокот на сонцето,
блискотно се разлетуваат
и пак се збираат во дечинско оро
со песна проѕирна, ѕвечлива, ѕунлива.

А учителката?
Таа е тополче:
малку понастрана сама на ледината,
далеку некаде се загледала,
сета намовнува од лекиот ветар.


ВЉУБЕНИ ДЕВОЈКИ

Тие имаат лице нежно осенчено,
како да паѓа на него сенка од проѕирни лисје,
и лицето неусетно се издолжува.
Тие имаат очи зголемени, замислени и влажни,
како да се плашат од секоја странична изненада.
Тие го наклонуваат така леко челото
да го допрат до усните на саканиот
што им се чинат тогаш како крилца од пеперуга
застаната на тревка – за миг пред да одлета –
а тревката се наклонува.
Тие ги стрелкаат тогаш в преграб рацете
очајнички смело, слепо и неминовно
како весла во разнишано море
пред кое неволно замижуваме.

Боже, дали вистина некогаш сум го доживеал тоа?


УБАВИТЕ ЖЕНИ

Убавите жени во мојот народ
тие брзо прецутувале
како цут од кајсија
како мајски јоргован.
О неправда!
Тие им припаѓале на неизбрани мажи,
нивните коси дење сплетени во прцлиња
ноќе распуштени по градите и колковите.
Нивниот постап на препелица
набрзо го сопинала унечка,
нивната младост поминувала
како мирис на липа што го одвева ветрот.
Набрзо тие седнувале на порта
со наведната глава и издадени коленици,
со нечујна издишка.
Убавите жени, несреќните жени
тие брзо прецутувале
како цут од кајсија
како мајски јоргован.


СТАРАТА

Цел ден над роданот неми зборови реди.
Навечер со жените на порта седи.
Кротко темницата дише во сокачето.

Сите се прибрале. Настанува штама.
Таа ќе поседи уште малце сама.
Кротко темницата дише во сокачето.

Мракот пред очи се збра и се движи.
Слуша: како познат чекор да се ближи.
Кротко темницата дише во сокачето.

За овој час што до срце ја штрека,
секоја вечер таа чека, чека.

Кротко темницата дише во сокачето.

Најпосле се крева дома да влезе.
„Добровечер“, чкртнува на портата резе.
Кротко темницата дише во сокачето.


ЖИТИЕ НА БОНА

Таа месеше по пет зелника
за луѓето од таа голема куќа, да се нахранат,
а остави пет сирачиња,
зашто беше слаба.
Други издржаа жетви и вравови и ангарии,
силни.
Таа се наведе
како гранче од липа под обесена торба,
како стапната тревка,
како клас под ветар,
зашто беше слаба,
-
и оставајќи пет сирачиња,
без можност да сфати,
проклети Боже,
таа својата слабост
ја плати со својата младост,
таа голема светица!


ГРЕШНИ ЖЕНИ
Според „Тиквешкиот зборник“ (XVвек)

О убави жени од средна коа!
О убави тешти
уште неповенати,
тие што, сосем отворени,
згрешиле со зетовите, --
за нив нема на небо влез
ни на тесната ни на широката врата!
Што им вредат сите добрини
Што ги сториле како добри по срце, --
тие треба да бидат изложени на поруга,
зашто тие
долу на земјата
не се воздржале
пред поривот од кој расцутувала
нагло и сладосно
и само еднаш така
сета отворена
нивната снага!


СИРМА

Таа одеше по Јама и Стогово
облечена во машка руба
и наметната со сакма.
Никој не разбра дека е таа девојка
дури не пукнаа пустите петлици
на нејзините гради.
Но таа со камен натфрли
и куршум провре низ прстен,
што никој друг не можеше,
и седумдесет дружина
одбраа Сирма војвода.
Никој не узна дека таа беше самовилска ќерка,
подложна на друга судбина.
И како да држи фурка таа
и како да му лула дете на тланик
на некој Јоан Попов?

Никој не сети што е нејзината крајна возбуда и наслада
и дали воопшто ја постига.
Само дека ги бара горските ширини
и пискотот на куршумите,
тоа го знаеја.
Можеби самата се проколнуваше
дека е таква!
И денеска има нејзини потомки во светов.
Родени за слобода,
загледани само во себе,
тие стануваат улави љубовници.

Книгата на Блаже Конески, Птици врз кои ноќта и денот се делат (Стоте песни) штотуку излезе, во издание на Темплум, како прва книга во новата едиција, Модерна Македонија.

Гифови: Un gif dans ta gueule...

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото