Дали жените имаат заслуги за развојот на Република Македонија?

07.04.2014 14:29
Дали жените имаат заслуги за развојот на Република Македонија?

Зарем единственото важно нешто што го направиле жени за државава од 2009 до 2014 година било да бидеш позната пејачка или 1/12 од стручен тим на машка репрезентација?

Според неговиот „Отчет“, Ѓорге Иванов во текот на неговиот мандат како претседател на Република Македонија доделил медали на 185 личности. Официјалното образложение е следното:

„Сето ова го правев за да пратам силна порака до македонската јавност дека сè што е постигнато во културата, спортот, општествениот живот е вреднувано и забележано од државата.“

4% од добитниците на вакви признанија се жени.

Тие 4% ги сочинуваат 8 лица. Две се државјанки на РМ - сопартијката Есма Реџепова-Теодосиевска и Ива Чадиковска - членка на стручниот тим на машката ракометна репрезентација која добила орден во пакет со дузина други лица од таа екипа. Другите 6 се странски државјанки, од кои една професорка по славистика и 5 претставнички на етничката македонска дијаспора.

1% добитнички државјанки наспроти околу 50% жителки ми се чини прилично несразмерно, особено поради амбициозната декларација дека се давало признание за „сè што е постигнато“. А вам?

П.С.

Ако се оди и по области, еве, на пример, според тоа кои министри биле одликувани постхумно, испаѓа дека „сè“ се состои од - полиција.

Сличен нејасен критериум е применет и кај инстуциите. На пример, во приоритетната област образование, одликувани се цели две високообразовни институции: Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје и Универзитетот на Југоисточна Европа - Тетово.

Извор: razvigormk.blogspot.com

Слика: Свирачиња