Работни места, квалификации и зомбија

08.04.2014 09:42
Работни места, квалификации и зомбија

Пред неколку месеци Џејми Дајтон, извршен директор на JPMorgan Chase, и Мартин Селцер, извршна директорка на организацијата Jobs for the Future, објавија статија во Politico под наслов „Затворање на квалификацискиот јаз“. Почнаа кобно: „Денес речиси 11 милиони Американци немаат работа. Меѓутоа, истовремено има 4 милиони непополнети работни места“- што наводно го покажува јазот помеѓу денешните квалификации на барателите на работа и квалификациите што им се потребни на работодавците“.

Всушност, во константно променливото стопанство секогаш ќе има непополнети работни места, дури и кога некои работници се нeвработени, а денешниот однос на слободните работни места и бројот на невработените работници е далеку под нормалниот. Притоа, ниту една од неколкуте внимателно правени студии не најде докази за тврдењето дека недоволните квалификации на работникот ја објаснуваат високата стапка на невработеност.
Но, уверувањето дека Америка страда од сериозен „квалификациски јаз“ е пример за нешто за кое сите кои држат до себе знаат дека е сигурно точно, бидејќи сите кои ги познавам знаат дека е точно.Тоа е школски пример на зомби идеја - идеја која доказите треба да ја убијат, но која одбива да умре.

А нанесува голема штета. Пред да се позанимаваме со ова, да видиме што всушност знаеме за квалификациите и работните места.

Размислете што би можело да се очекува ако навистина постои недостиг од квалификувани. Пред сè, би требало да имаме ситуација каде на работниците со соодветни квалификации им оди добро, додека на оние без тие квалификации не им оди. Но, не е така.

Да, кај работниците со повисоко формално образование невработеноста е пониска отколку кај работниците со пониско образование, но тоа е секогаш така, и во добри и во лоши услови. Клучна работа е дека невработеноста е секогаш многу поголема во сите образовни групи отколку онаа пред финансиската криза. Ова важи за сите занимања: на работниците во секоја голема категорија денес им е полошо отколку во 2007 година.

Некои работодавци се жалат дека тешко наоѓаат работници со квалификации какви што им се потребни. Но, покажете ни пари: ако работодавците навистина лелекаат, за некои вештини би требало да понудат поголеми надници за да ги привлечат работниците со тие вештини. Меѓутоа, во реалноста е тешко да се пронајде група работници чиишто примања значително пораснале, а случаите каде се случило тоа не се вклопуваат во општоприфатените уверувања. Добро е, на пример, што примањата на работниците кои умеат да ракуваат со машина за шиење значително пораснале, но се сомневам дека тоа се квалификациите околу кои се крева толкава врева кога се зборува за божемниот јаз.

Внимателните анкети спроведени меѓу работодавците - како оние кои неодамна ги направија истражувачите на МИТ од Бостонската консултантска група - на сличен начин откриваат, според зборовите на консултантската група, дека „загриженоста на работодавачите заради квалификацискиот јаз е преувеличена“.

Доказот кој може да се наведе во прилог на квалификацискиот јаз е наглиот пораст на долгорочната невработеност, што би можело да биде доказ дека многу работници го немаат она што работодавачите го бараат. Но, не е. Сега веќе доста знаеме за долгорочно невработените, и тие по своите квалификации практично и не се разликуваат од отпуштените работници кои брзо наоѓаат нова работа. Значи, што е нивниот проблем? Токму самиот факт дека немаат работа, што ги наведува работодавците на тоа воопшто да не ги разгледуваат нивните квалификации.

Како тогаш митот за недостаток на квалификации не само што опстојува, туку станува дел од нешто кое „сите го знаат“? Есенва имавме добра илустрација на овој процес, кога некои медиуми објавија дека 92% од директорите изјавиле дека навистина постои квалификациски јаз. Која е основата на ова тврдење? Телефонската анкета на која на раководителите им било поставено прашањето: „Кој од овие одговори сметате дека најдобро го опишува квалификацискиот јаз на американската работничка сила?“ проследено со низа понудени одговори. Имајќи го предвид вака формулираното прашање, всушност е неверојатно дека 8% од испитаниците биле спремни да кажат дека јазот воопшто и не постои.

Поентата е дека влијателни луѓе се движaт во круговите во кои повторувањето на приказната со квалификацискиот јаз - или уште подобро, пишувањето за квалификацискиот јаз во медиуми како што е Politico - e знак на сериозност, потврда на племенскиот идентитет. И тоа зомби и понатаму се тетерави.

За жал, митот за квалификациите - како и митот за заканувачката должничка криза - има сериозни последици по реалната политика. Наместо да се концентрираат на тоа како катастрофално промашената фискална политика и недоволното делување на Федералните резерви ја уназадија економијата и да бараат акција, битните луѓе загрижено ги кршат прстите заради маните на американските работници.

Притоа, обвинувајќи ги работниците за нивната мака, митот за квалификациите го свртува вниманието од спектакуларниот раст на профитот и бонусот, дури и додека вработеноста и надниците стагнираат. Секако,тоа е можеби дополнителна причина зошто корпоративните раководители толку го сакаат овој мит.

Значи, мораме да го убиеме тоа зомби, ако можеме некако, и да престанеме да ја оправдуваме економијата која ги казнува работниците.

Извор: The New York Times
Слики: Боб Орсило

ОкоБоли главаВицФото