Наместено гласање

08.04.2014 09:56
Наместено гласање

Како што наближува крајот на кампањата за првиот круг од претседателските избори, така ќе расте искушението на кое е тешко, поточно невозможно, некој да му одолее. Секаде, во секое време, на секое место, секој ќе се обиде да погоди кој ќе победи, колку гласа ќе освои, кој ќе се пласира во вториот круг.

Патем, нацијата во најсиромашната земја е веќе навикната на тоа, зашто обложувањето од поодамна е масовна појава, секојдневна, единствена работа и некаква, главно последна, надеж за најголем број луѓе.

За разлика од другите, изборите се натпревар во кој сите прогнозери истовремено ќе бидат и играчи и тоа клучни за неговиот исход. Ќе победи кандидатот за кого што ќе гласаш, чие име ТИ ќе го заокружиш. Но, тоа не е така едноставно да се изведе. Напротив. Зашто сѐ е скроено, ангажирано, уредено така за гласачот да биде исфрлен од игра, ставен во позиција на прогнозер, некој што ќе го погодува, а не што ќе решава за резултатот. Затоа се тука анкетите, медиумите, таканареченото јавно мислење, општата атмосфера, расположението и сличните фактори. Тешко е човек да им се спротивстави на сите тие научни, мистериозни, фантомски, ама во секој случај моќни сили кои му кажуваат кој сигурно ќе победи, или ќе изгуби, сеедно. Тие се тука за да го подготват изборот на гласачот и, пред сè, да покажат дека од него безмалку ништо не зависи. Тој има право на глас, а всушност нема многу избор за кого да го даде. Кога се веќе спакувани како победници или губитници, гласачите на избирачките места тајно и, речиси принудно, ќе ја изразат НИВНАТА волја. Јавното, а не личното мислење.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото