Збогум на солидарноста

09.04.2014 10:01
Збогум на солидарноста

Штрајкот на пилотите во Луфтханза е завршен. Откажани се 3.800 летови, со што се погодени 425.000 луѓе, а летачкото друштво ја проценува штетата на 75 милиони евра. Штрајкот би можел да продолжи после Велигден.

Бранот на солидарноста не ги дочека штрајкувачите. Баш напротив. Со оглед на просечната годишна плата од 181.000 евра, Билд се прашува: „Дали пилотите на Луфтханза се лишени од секое чувство за реалност?“, додека ФАЗ се чуди:„ Дали секое малцинство може сите нас да нѐ земе за заложници?“

Таквите јавни реакции од штрајкот направија општествено-политичка лекција. Што прават пилотите? Тие го максимизираат својот профит. Компаниите и менаџерите се однесуваат исто така. Меѓутоа, тоа се очекува од нив. Но, кога и другите така се однесуваат, тогаш тоа е непристојно. Што ќе биде со нас ако сите почнат да се однесуваат како елита?

Во CDU веќе размислуваат за промена на правото на штрајк, нешто што го бара и шефот на Луфтханза. „Па не можеме да дозволиме синдикатот чии членови се на важни места во некои компании, да ја користат оваа позиција за да имаат поголеми плати од другите“, изјави еден од главните луѓе на CDU Арнолд Вац. Господинот Вац го избегна ова прашање кога во периодот од 2003-2012 членовите на управниот одбор на 30 најголеми германски компании ги удвоија своите плати.

Како дојдовме до тоа работниците кои сакаат свој удел во профитот да бидат жигосани како непријатели на општеството?

Колку сме изгубени покажува и овој извештај на Süddeutsche Zeitung кој потсетува на изјавите за медиумите на Луфтханза: „Штрајкот ја погоди компанијата на сред програмата за санација, со која добивката би се зголемила за 1,5 милјарди евра до 2015“. До сега верувавме дека програмите за санација се резервирани исклучиво за неуспешните компании, а не за оние чијшто профит се мери во милјарди.

Сведоци сме на процес на изумирање на солидарнста, коj трае веќе некое време. Веќе се навикнавме оние на врвот да ги полнат своите џебови и љубоморно да ги штитиме профитите на богатите. Кога во Германија последен пат дошло до големи протести? Кога последен пат шепот се пронесе низ масата? Кога го имавме последното вистинско превирање? Тоа беше во 2003 година за време на штрајкот на синдикатите на металците во Источна Германија и една година подоцна кога кога се протестираше против таканаречените Hartz IV реформи. Овие две кратки години, кога постоеше сериозна опозиција на разградувањето на западногерманскиот социјален систем, одамна паднаа во заборав.

Штрајкот на металците за намалување на работното време во источногерманската металска и електронска индустрија беше катастрофа.Тој го означи крајот на традиционалните работнички движења во Германија. Уште тогаш Süddeutsche Zeitung зборуваше за „лудило“, Ханделсблат за „дрскост“, а Die Zeit за „одмерување на силите во погрешен момент“. Репутацијата на синдикатот во општеството беше нарушена, а металците доцна го забележаа тоа.

Од тој момент, класната борба е одлучена - медиумите пишуваат дека штрајковите се штетни за компанијата, а со тоа и за економијата, земјата и сите нас. Не се профитерите оние кои се несолидарни, туку штрајкувачите. Ver.di (синдикатот на работниците во секторот на услуги) и синдикатот на металците ја научија лекцијата и веќе не се осмелуваат да се впуштат во голема работничка борба.

Капитализмот го уништи својот противник - организираната работничка класа. Приватизацијата и механизмот на цените преовладаа. Порано инфраструктурата беше јавно добро и важеше правилото: една компанија-еден колективен договор. Со тоа сега е готово. Сѐ се сведе на еден збор - дерегулација. Меѓутоа, дојде до неочекувани последици - нов облик на работнички протест, издигање на малите синдикати, кои се исклесани од истиот материјал како и компаниите.

Машиновозачите, летечкот персонал, пилотите, малку луѓе со големо влијание. Ним не им е грижа за класната свест, туку се водат од личните интереси. Нивните синдикати се однесуваат како компании - прво мислат на себе. Тие водат сметка понудата и побарувачката да бидат во некаква рамнотежа. Луфтханза сака авионите да летаат? Тогаш пилотите очекуваат пристојна заработувачка.
Ова е опомена за големите синдикати. Не ни се потребни само пилотите и машиновозачите, туку и медицинските сестри, автомеханичарите, работниците во кол-центар, чистачките, учителите, новинарите, металците...

Извор: Spiegel

ОкоБоли главаВицФото