„За себе и по свое“

09.04.2014 11:49
„За себе и по свое“

1.

Човек навистина може долго време да шета низ градов ко блесав, да помине горе-долу секаде, да се распрашува кај луѓето, ама никаде нема да го види, ниту некој нешто ќе му каже за толку пати најавуваниот нов вредносен систем. Можеби ќе забележи по нешто, некакви визуелни назнаки, главно низ „велелепнион“ центар – зашто, нели, токму центарот е симболот - кај „Пелистер“ или „Тренд“, околу Ацета, ама секако не ќе забележи што и да е што би еманирало пораки од типот: еве, јас сум новата вредност! Ниту пак ќе забележи дека луѓето се однесуваат поинаку, некако во духот и квалитетите на тој нов вредносен систем, дека се други, нови… Затоа е навистина веќе бесмислено инсистирањето на нешто што не се гледа, не се слуша, не се чувствува, ама поединци настојчиво инсистираат на тоа.

Затоа и толку боде очи повтореното, од пред некој ден, на пенисологон Сарајлија, секако наш навистина најреволуционерен незнајко, закачување за него. При што, онака патем и ноншалантно налудничаво, буквално избриша патос и со дијалектичкиот материјализам, и со аутистичката наука денес, и особено со (нему љубимите!) крипто-комунисти кои, ете, сѐ уште сакаат да го одржат овој „во голема мера неодржлив систем на вредности и вистини, систем што се руши по сите вектори и кој произведува фрустрации и забуни на сите страни и во сите сегменти“!(?). Што пак наведува на помислата дека можеби грешиме што првенствено бараме да видиме назнаки на новото, можеби треба да наслушнуваме, значи: звуци на пукање, на рушење на старото, да ги почувствуваме вибрациите на тие „фрустрации и забуни“? Ама ги нема ниту нив, иако можеби луѓето се обидуваат баш „на сите страни и во сите сегменти“. Ништо, штама.

2.

Се разбира, пенисологон не е ни од далеку тој (буре)весник на пролетта на новиот вредносен систем. Тој, како и секогаш, е само мегафон. Ама пред него уште неколкумина, подеднакво настојчиво – како да им е вграден тој ист фајл во малите мозоци – пропагираа одново и одново рушење на старион систем на вредности (иако и за тој не сме сосема сигурни дека го имаме!), паралелно фалејќи го тој друг, денешен и нов систем на вредности којшто ние така упорно го бараме. Еден од тие новозаговорници беше и оној самопрогласен „аналитичар“ кој, сепак, беше дури и доволно „смел“ – дали наводниците овде доволно силно ја отсликуваат вистинската состојба на духот? – да ни посочи и адекватни примери во ликот и делото на, на пример, Венко Марковски. Е на тие основи (ќе) почивал тој нов вредносен систем. Добро, не можеме на луѓето да им го земаме незнаењето за зло. Можеме само да ги жалиме.

Но, за право, парафразирајќи го Хавел за моќта на зборовите, ништо во реалноста не се случува, без оглед дали и колку е монструозно или за воодушевување, без претходно да не е поттикнато низ доменот на зборовите. Што ќе рече, овие две првачиња само се калемат на првичните ранобудни (монструозни?) гласови кои уште во 2010-та борбено распалија по сите „интелектуалци кои се образувале во стариот систем…“кои, богати, „… мислат дека го поседуваат сето знаење и култура“. Што, нормално, „тешко може да се разбере“, заклучува „филозофски“ – дали наводниците и овде доволно силно ја отсликуваат вистинската состојба на духот? – поборников на новото. Што пак беспоговорно нѐ тера да помислиме, пред сѐ, дека овие ангажирани воинственици на новото буквално паднале меѓу нас со „новиов систем“ директно од Плутон, со образование од кој знае кој вонгалактички напреден систем. И кој знае какви тоа школи учеле и каде?!

3.

Но, добро, иако не ни даваат прецизни назнаки според што и како да го препознаваме тој нов вредносен систем (освен, се разбира, според веќе спомнатиот Марковски), ниту пак имаме назнаки каде и како (ако има некакви тајни кодови?) да го бараме, елементарната проникливост би нѐ упатила на неколку (условно) логични сензации од различен тип. Прво, се разбира, оние од политичкото милје. Зашто кој друг ако не политиката би требало да биде вдахновен промотор на новото, па нека е и новиот вредносен систем? И во тој контекст токму актуелната политичка растрчаност низ целата држава, кога од сите страни се ори глас за новите победи и старите победени. И мислам дека тука треба да се почне, токму од гласовите на првиот (ај да не му ставам наводници?) ни човек на државата, таткото (наводници?) на нацијата. Впрочем, тој, по многу нешта, е од слична високоумна провениенција, дури ментор на првион ранобуден глас. И тој, на оваа тема, малтене вчера, вели: „Затоа се направени реформи во секоја област. Секаде се менува животот во Македонија. Има уште многу работа, многу треба да се работи. Но затоа имаме чист образ, повторно да дојдеме и да ја побараме вашата доверба“. Можете ли / смеете ли да не му верувате на првиот (ај да не му ставам наводници?) човек во државата, кога тој ве убедува дека реформите биле направени?

Или малку порано, истиот беседи: „Ми велеа сум одел многу по такви манифестации, по ракијади… Па таму е народот, таму сум и јас. Каде се граѓаните кои што ги почитуваат своите обичаи, својата традиција, таму сум и јас“.

Оттука, претпоставувам, ракијата односно ракијадите, заедно со пастрмајлијадите, пивтијадите, ајваројадите и останатите јадови, се битен сегмент во тој нов вредносен систем. Барем што се однесува до манифестациониот дел. Што пак, едновремено, многу говори и за рамништето на културата на нашиов народ, односно за рамништето коеим го припишува довчерашниот им претседател. Тоа, вели тој залетано, да ти бил нивен обичај, нивна традиција. И што ли тоа значи? Дека народов е нон стоп пијан и затоа гласал за него? И дали овој наш традиционален столб е / ќе биде задржан во новиот вредносен систем? И дали тоа значи дека вистинскиот наш народ може да се најде само по тие ракијади и слични значајни културни манифестации каде што одел „претседателот“ ни (сепак се решив за наводници!), а го нема низ музеите, галериите, библиотеките, театрите и сличните будалаштини? Но, ако е тоа традиција, па уште и во духот на новиот вредносен систем!

4.

Значи, ако самиот политички врв е највисокиот репрезент на „новиот вредносен систем“, тоа би требало да е составен дел илити животна определба што се рефлектира(ла) и во неговото минато. Односно: целосна реформска ориентација и посветеност. И дали токму за тие потреби, односно за да биде препознаен како таков, „претседателот“ си напишал во својата биографија дека „уште за време на студиите започнал со политички активизам во либералните, реформски младински организации“, па уште и „бил активен во напорите за реформирање на политичкиот систем“. Сепак, повозрасните ќе се сетат дека во тој комунизам имаше само една младинска организација. И таа тешко да беше либерална или реформска. Освен ако повторно не се мисли на онаа „реформиранана“ на Плутон кадешто, можеби, членувал и тој и неговите гласноговорници?! И како ли тоа овој човек го реформираше оној стар политички систем? Да не можеби тој, заедно со другине „реформатори“, бил иницијаторот за рушењето на Ѕидот? А ние, затарабени во старите вредности, да не сме знаеле со какви величини си имаме работа?!

Внесува ли некакви (дополнителни) дилеми и фактот дека многумина му го одрекуваат не само таквото подалечно минато, туку и она поблиското? Од времето на деведесеттите, како (велат) цврст поборник на југоносталгијата, или од времето на 2001-та, како храбар и голем патриот (не знам каде попрво да ставам наводници!)?

Оттука, ако ни е ова политичкиот врв на новиот вредносен систем, треба ли на него да се угледаме и, понатаму, неуморно да работиме во изградбата на новата среќа? Треба ли по негов терк да си ги фризираме биографиите, за да се вклопиме во новиов вредносен систем што тој ни го претставува?

5.

Втор громогласен експонент на новите ни вредности може да се бара во визеулните сензации со коишто сме соочени секој ден, особено со оние во центарот на „метрополата“ – зашто центарот не е само просторна одредница туку е и срцето, симбол на новото, на новите вредности и верувања во општеството (Шилз). А особено зашто порано (повторно според ранобудниот „филозофски“ глас) градот ни бил „касаба, паланка, без традиција и градска историја“, а сега „сами одлучивме да правиме нешто … Да направиме нешто за себе и по свое и да не бидеме предмет на нечиј експеримент“. Каква „длабока“ филозофска осмисленост на постаментите на новиот систем!

Е сега, дали овој „филозофски“ и втемелувачки ракурс навистина сака да нѐ убеди дека токму ние, ама баш ние, „сами одлучивме“ да го направиме ова што денес го гледаме околу нас во центарот на „метрополата“? Кога и како сме го сториле тоа? Може ли некој барем да нѐ потсети на тој историски чин кога граѓаните на овој град, мртви гладни за нов вредносен систем, се одлучија токму за ова околу нас? И баш за: циркус „Македонија“, филмски кулиси покрај Вардар, едно големо Ништо, „културен“ нарцизам и изолационизам, идиотизам?! И понатаму, кога велат „за себе и по свое“, мислат на: старо-новиот театар „Александар I Караѓорѓевиќ“, некогашниот Офицерски дом, или вртелешкана за будали, или очекуваното Големо Тркало… или можеби пивтијадата од „неокласика“ со елементи на „барок“? Тоа ли е долгоочекуваното наше, „за себе и по свое“, и за кои тоа „себе“ и за чие тоа „свое“ говорат? И ако за ракијадите и пастрмајлијадите дури и можеме да најдеме историски корени, каде би ги барале овие „за себе и по свое“? А дали, можеби, тоа „за себе и по свое“ крие ненамерно излајан друг контекст / концепт, што ќе рече други и поинакви амбиции и намери коишто немаат врска ни со нас ни со нашето?

Понатаму, дали во тој нов вредносен систем спаѓаат и сите оние „скулптури“ низ централното градско подрачје? Сите оние плагијати, најдрско искрадени преку интернет и тупосани среде град да се чудат луѓето? Што ќе рече дека примерот на новите вредности се оние рахитични лавови со огромни глави кои нѐ пречекуваат пред модернистичкиот мост „Гоце Делчев“ со веќе рѓосана плехана „барокно“ разиграна ограда премачкана со златна боичка? За тој ли вредносен систем говориме? Или, ги загледал ли некој оние стотици метри „релјеф“ под „спомениците“, ја видел ли таа новотарија од страв и ужас, на луѓе пресечени до колена, со неартикулирани движења и несразмерни делови на телата, со кошмарни ликови? Или оние ѕидови и парапети од стиропор, премачкани со трошка малтер?

Тоа ли е новото што го нудат овие „нови“ лумпентеоретичари и квазиестети?

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото