1034 hPa
86 %
0 °C
Скопје - Чет, 07.11.2024 04:59
Остатоци од градежни материјали и машини, уништени пешачки патеки, отпад, непријатна реа од животински и човечки измет, висока трева и небезбедни патчиња, е состојбата во која се наоѓа Скопското кале, кое веќе три години е затворено за граѓаните и за туристите. Тврдината може да се посети само преку ден и тоа со ограничено движење, поради хаосот кој е оставен од градежните и од археолошките акции.
Калето е затворено по поставувањето на металната конструкција, која беше иницијална каписла за инцидентот што се случи во февруари 2011 година, кога голема група граѓани од албанска националност, поддржани од партиски функционери на ДУИ како од локалната така и од извршната власт, почнаа да ја уриваат металната конструкција. Голема група членови и симпатизери на невладината албанска организација „Разбуди се“ се собраа да протестираат против изградбата на „црква-музеј“ на тврдината, а додека тие протестираа, на ледината меѓу поранешната златарница „Рубин“ и Скопското кале двете групи се степаа. Иако интервенираше полицијата, имаше и десетина повредени, а оваа тепачка резултираше со политички препукувања и низа други тепачки меѓу младите, кои продолжија во месеците потоа.
Во следните два дена на социјалните мрежи се водеше војна на зборови, во која младите од двете националности се закануваа со пресметки. За да се смират страстите, властите одлучија Скопското кале да биде на неодредено време затворено за јавноста, а со недели на таа локација беа стационирани многубројни полициски сили.
Тоа трае сѐ до денес. Објектот го обезбедува приватна агенција, а малкуте градежни мајстори без многу брзање ги градат малиот Музеј на праисторијата и Музејот на отоманскиот период од живеењето. Новите објекти се наоѓаат од левата страна на почетокот кога се влегува на тврдината. Првиот, Музеј на праисторијата има кружна форма, а внатрешноста е поделена на катови, додека Музејот на отоманскиот период се наоѓа само неколку чекори до него и се гради како дел од постојните недвижни археолошки остатоци од тој период.
Додека мајсторите без брзање ги градат музеите, на ледината каде што пред три години се истепаа двете групи, вчера децата играа фудбал.
Калето официјално беше затворено и во 2007 година, кога почнаа археолошките истражувања од екипи на Управата за заштита на културното наследство, со која во тоа време раководеше сега веќе осомничениот археолог Паско Кузман, кој беше уапсен во аферата „Фаланга 2“.
Од Управата и сега велат дека истражувањата сѐ уште се активни, но вчера, освен тројца градежни работници и двајцата чувари, археолози немаше.
До кога цар Душан ќе го чуваат специјалци?
Три месеци по инцидентот пред споменикот на цар Душан, полицијата сè уште го обезбедува местото, непосредно пред објектите и кај мостот „Око“. Таму се паркирани полициски џипови што треба да го заштитат споменикот во случај на напад, каков што имаше при крајот на ноември минатата година, кога група граѓани делумно го оштетија споменикот што го постави Општина Центар, а беше нарачан, како што обелодени опозицијата, од тогашниот градоначалник Владимир Тодоровиќ и од Министерството за култура.
Безмалку сто дена полицајци стојат и пред самиот споменик, чувајќи го од евентуален повторен напад. Поставувањето на овој споменик не само што ја разбранува јавноста, туку имаше и серија дискусии во претходниот парламент, каде што се бараше од владејачките ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ да го објаснат значењето на цар Душан за македонската историја.
Извор: Слободен печат