Претседател, не претседателство

10.04.2014 10:19
Претседател, не претседателство

Македонија в недела ќе гласа, ќе избира, помеѓу кандидати за претседател од една, и претседателство олицетворено во кандидатурата на досегашниот претседател, од друга страна. Тројцата претенденти на државниот престол – Зоран Поповски, Илијаз Халими и Стево Пендаровски – искажаа личен став за повеќе прашања, најавија дека во рамките на уставните надлежности, ќе преземат нешто свое, подготвени да понесат одговорност, накратко, покажаа дека се индивидуи. Сите, освен Ѓорге Иванов.

Напротив, тој инсистира, упорно докажува дека е само еден дел од тимот, колективот, поточно од фамилијата, што ја управува државата. Без нив тој ниту направил, ниту ќе може да направи нешто. Постојано го повторува тоа, без никаква потреба: сите знаат дека Иванов е таму токму поради тоа што неговиот владин тим, особено шефот, не трпи некој што ќе мисли со своја глава, што ќе помисли да преземе нешто на своја рака, што нема беспоговорно да ги спроведува неговите наредби, што ќе има свој став за што и да е. За таквата доследност во покорноста е награден со кандидатура за втор мандат. Во секој друг Груевски гледаше личност со интегритет, што значи потенцијална опасност некогаш за нешто да му пререче или да му се спротивстави.

Стево Пендаровски најмногу од сите настапува како поединец, подготвен да направи сѐ што е во негова моќ да ги штити државните интереси, да преземе лична одговорност, да соработува, но не и слепо да робува. Македонија навистина заслужува претседател, а не претседателство.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото