Блудната историја спие само со победниците

11.04.2014 07:49
Блудната историја спие само со победниците

Речиси цела година по почетокот на војната, бугарските политичари одмерувале на која страна да се приклонат. Симпатиите претежно биле на страната на Русија, Англија и Франција - во текот на 1914 година од бугарската опозиција можело да се чуе дека националните интереси на земјата се упатени кон успехот на Антантата. Истовремено, Франција го одбила бугарското барање за кредит, додека германски банкарски концерн покажал подготвеност да ѝ испрати пари на Софија, одобрен бил кредит од 500 милиони рајхмарки. Но, сепак до крајот на 1914 година ни Антантата ниту Централните сили не презеле конкретни чекори да ја придобијат Бугарија како сојузник. По влегувањето на Отоманското царство во војна на страната на Германија и Австроунгарија, позицијата на Софија драстично се менува, сега Бугарија се наоѓа во центарот на збиднувањата. Дипломатскиот притисок расте и се сведува речиси на тоа „кој дава повеќе“. А повеќе се нуди од Берлин - Бугарија веднаш би го добила целиот српски дел од Македонија, како и голем дел од централна Србија и корекција на границите кон Отоманската империја. Водена од идејата за национално обединување на Бугарите, владата на премиерот Радославов во септември 1915 година пристапува кон пактот на Централните сили, а на 14 октомври ѝ објавува војна на Србија.

За Бугарија пред, во текот и по војната разговаравме со историчарот Димитар Стојановиќ, одговорен уредник на магазинот Леуропео на бугарски јазик.

Дојче веле: Која е официјалната бугарска верзија за настаните кои доведоа до Првата светска војна?

Димитар Стојановиќ: Официјалните верзии често се менуваат врз основа на политичките и националните потреби. Поради тоа, јас порадо зборувам за објективната отколку за официјалната верзија. Првата светска војна е резултат на перманентното својство на човечка природа - незаситноста, да се има повеќе од другите и така во недоглед. Таквиот вид глад не мирува, тој голта сѐ што ќе му се најде на патот. Поради тоа не може да се разликува кој е повеќе, а кој е помалку виновен. Виновни се апсолутно сите. Дури многу подоцна историјата, таа пресметана блудница, легнува в кревет само со победниците.

ДВ: Има ли денес различни мислења или нови верзии?

Димитар Стојановиќ: И за најмалото камче на европската територија ќе најдете пет од оние кои тврдат дека е тоа нивна сопственост. Поради тоа постојат константни разлики околу сѐ, не само во врска со ова прашање.

ДВ: Мислењата главно се судираат околу почетокот на војната, односно вината. Може ли Германија да се означи како изворен виновник?

Димитар Стојановиќ: Апсурдно е поаѓањето од поединечна вина кога е во прашање Првата светска војна. Тоа важи и за Германија, во која многумина гледаат генерален виновник за сите зла во 20 век. Токму таквите стереотипи доведоа до уште помрачната Втора светска војна, тоа е директна последица на потресниот недостаток праведност по Првата светска војна. Единствено е извесно дека победниците ја пишуваат историјата. Кога е веќе така, победниците би требало да ја преземат и одговорноста за историските последици.

ДВ: Дали некогашните германски сојузници, како Бугарија, се обидуваат целата вина да ѝ ја препишат на Германија?

Димитар Стојановиќ: Секако постојат такви обиди за бегство од сосптвената одговорност, за одлуки кои се донесени самостојно. Кога ќе одбереш некоја страна во конфликтот, тогаш мора да имаш предвид дека тоа можеби ќе биде и губитничката страна. Ако не го направиш тоа, тогаш не си зрел за целата игра. Бугарија, на пример, во Првата светска војна беше на иста страна со Германија од прагматични причини кои имаат врска со националните амбиции. Токму затоа вината во Бугарија не му се припишува на Берлин, туку на домашните државници кои направиле стратешки погрешен избор и ја одвеле земјата во национална катастрофа. Државите од другиот блок, кои од војната излегоа како победници, паѓаат во уште пожестоко самозалажување, тие се уште посклони да ја припишат вината на другите, победените, како тоа да се разбира само по себе.

ДВ: Како во Буагрија се толкува улогата на Србија и пукањето на Гаврило Принцип во Сараево?

Димитар Стојановиќ: Србија е само пион на глобалната шаховска табла, на која учествуваат многу посилни играчи. Пиони се и Бугарија и Грција, како и други мали европски држави. Намерно велам европски, зашто Првата светска војна е главно европска. Мене ми изгледа несериозно кога на Србија ѝ се припишува посебна улога, дури и во контекст на сараевскиот атентат. Војната без сомнение би избила и со некој друг повод.

ДВ: Гледате ли двонасочна врска меѓу крвавиот распад на Југославија и настаните кои доведоа до Првата светска војна?

Димитар Стојановиќ: Дефинитивно. Но, не би сакал да одговорам буквално, зашто чувствувам длабоко гадење кон стереотипите. Балканските држави - посебно Србија, како „Балканско буре барут“. Романија и Циганите. Бугарски проститутки. Турски гастарбајтери. Без оглед дали се работи за минатото или за сегашноста, кога се во оптек стереотипи, секој сериозен разговор губи смисла. И уште поважно, се губи смислата на неопходниот дијалог за нашата заедничка европска иднина.

ДВ: Дали таквата дебата води кон разјаснување на германската улога во Првата светска војна и ревизија на историјата?

Димитар Стојановиќ: Секоја дебата е извонредно важна, секој дијалог за историско-националните прашања кои нѐ разделуваат. Секоја таква дебата е терапија во која се разбиваат меѓусебните предрасуди. Секој страв станува помал ако е именуван. А што се однесува на историјата, таа сега, во моментов, е преправана.

ДВ: Објективна паневропска историја... Дали е воопшто можно такво нешто?

Димитар Стојановиќ: Заедничка и посебно објективна европска историја е утопија во духот на Фурие. Зашто, под обландата на нашето кревко меѓусебно разбирање се кријат десетици уште незалечени рани кои сме си ги нанеле едни на други со текот на времето. Но, тоа никако не значи дека не треба секојдневно заеднички да работиме. Колку принципиелно и да не се согласувам со Маркс, јас сум согласен со дел од неговото учење: еднаш зголемениот квантитет сигурно ќе прерасне во квалитет. Така и еден проект како ЕУ ќе има сигурна сегашност и предвидлива иднина. А тоа е од животно значење за сите нас.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото