Лошо е затоа што им е лесно да те уверат дека е добро

11.04.2014 09:58
Лошо е затоа што им е лесно да те уверат дека е добро

Не е мала целта на партијата на власт, тоа е голема амбиција, животна детерминација, мегаломански зафат да се преуреди државниот систем така што ќе се покори на една историска мисла – на идеологијата за посебен народ. Впрочем, тоа е она што на македонските националисти им недостасува низ кратката историја. Во такви околности каде нивното национално чувство е негирано и угентувано, каде соседните нации се обидуваат да го потиснат, да го сместат во своите редови, како неавтентично, како некој изгранок кој несреќно се сепарирал, нагонот на овие националисти е уште повкоренит, пофрустрирачки, трауматски, како фројдовска хистерична жена, како мозолче кое пуштило корења длабоко под епидермот.

Еден ден ќе пукне, но тоа ќе се случи насилно, како што и обично пукнуваат мозолчињата. Национализмот ќе се искорени ако на грдосијата во сопствената држава ѝ се спротивстави новата генерација граѓани, поинаку едуцирани, политички и општествено образовани, кои го познаваат светот без парадигмата на национализмот, како што имаме среќа да е сега случајот каде генерацијата на млади интелектуалци го осозна светот преку глобалното вмрежување на интернет. Но, тоа не е доволно надежно, од проста причина што државата се наоѓа во лоша економска состојба, поради тоа што проблем на секој млад човек е да најде работа, па бескомпромисно чарето го наоѓа во партијата која му нуди работно место под црвено-жолтото развеано знаме.

Ситуацијата е очајна и тоа е неспорно, особено такво чувство се добива кога ќе се влезе во внатрешноста на Македонија. Без разлика на градот, штом се излезе надвор од Скопје, се пресретнуваат безнадежни млади луѓе кои копнеат за перспектива, каков било излез за го реализираат потенцијалот и да ги покажат способностите. Нивниот приказ е жалостен. Оние што се судриле со ѕидот на беспреспективноста во сопствениот град, упорно повторуваат дека во нивниот град лошо се живее, дека нема можности, дека тоа е мртов град во кој ништо не се случува, дека општествениот живот се движи по забавено време, дека упорно се чекаат промени, не надежно туку упорно, како тоа да е императив на животот, егзистенцијалистичка причина. Се тешат раздвижувајќи се од еден во друг град со надеж дека ќе влезат во Скопје, а од таму како отскочна даска надвор од земјава.

Тоа не е борбена младина, туку разочарана. Никој не би можел да ги екипира кога би посакал да предизвика промена во државата, затоа што се раштркани и умствено и физички. Некои во партија, други во администрација, малкумина во опозиција, четврти изгубиле контакт со реалноста – се правдаат дека не ги интересира политика, петти голтаат прав од сопственото биро во канцеларија и се надеваат дека државата ќе најде милост за некоја година да им ја зголеми платата и дека конечно ќе почне да им тече стажот. Заборавиле на својата иднина, имаат по триесет и нешто години и одлучно го игнорираат фактот дека водата им се кренала до врат, дека отчукува часот кога треба да преземат нешто ако сакаат да изградат темел за достојно живеење.

Толку потенцијал колку што може да најави и да донесе ерата на интернет технологијата, кај нас останува запуштен. А и тоа една партија на власт која добро калкулира може да го предвиди и да го искористи.

Оној фронт кој е највитален за да се спротивстави на било која агресивна власт, кај нас е веќе покорен, замолчен и изгубен. Политички не може да се дефинира, знае само за проекти, програми, градби и патишта кои никаде не водат. Програмиран да биде никој, да не се противи, да нема сопствена идеја и свој глас. Малкуте исклучоци кои се решија да излезат на протести се лесно манипулативни, без приговори влегуваат во категории и групации, па затоа се исто така речиси неупотребливи кога ќе треба да се вложи целата енергија за да се принуди демократизирање на иднината на општеството.

Втората варијанта, вториот исход на ексалацијата на национализмот е кога излегува од секоја контрола. Кога вербата во сопствениот народ е животно начело, кога државата се поистоветува со нацијата, нацијата со партијата, партијата со државата. Тогаш не се знае кој кого контролира, дали власта народот, или народот власта.

Ние сме во оваа фаза, кога национализмот со леснотија ги зафаќа редовите од масата народ. Тие се несвесни и веруваат дека нема ништо лошо во тоа да повикуваат на единство, да се организираат во превози за митинг, да принудуваат пријатели да гласаат, да ги запушуваат патарините со бескрајните колони од автобуси, да навиваат, да скандираат за поединци кои нормален човек не би посакал да му управуваат ни со куќниот совет.

За ова има многу што да се пишува, но потребна е поента. Она што се случува е редефинирање на народот. Државата станува народ, но издвоен, избран, не целиот, само оној што учествува во еуфоријата на национализмот. Проблемот е што тоа е мошне привлечна халуцинација, мошне заразна и епидемична, која лесно ги зафаќа и оние кои се идеолошки на другата страна. Затоа што и тие се денеска убедени дека не е толку лошо. И тоа е најопасната измама, кога оној кој живее лошо и без ников план за иднината, тврди дека може да биде и полошо. Лошо е затоа што повеќе му одговара оваа еуфорија на национализам, отколку втората опција која смета дека нема доволно сила за да го преземе државниот апарат. Тоа е затоа што сме навикнати на еднопартиски систем, затоа што ни е туѓо, невидено до сега партиите да соработуваат во сечија полза. Затоа што тоа ни е неостварлива идеја по сите оцрнувања и стигматизирања кои партиите ги правеа меѓу себе.

Лошо е тоа што луѓето по една линија на штетна логика се чувствуваат задоволно. Им се нуди светот во рамките на државните граници, им се нудат илјадници нови проекти, патишта кои ќе ги поврзат. Но во тоа брдо од ветувања, ентузијазам и верба, доколку се копа ќе се дојде до шуплива и трула празнина, до маскарада, до фантом без суштина. Возот кој ни го претставуваат како забревтан си го пробива патот пред себе, всушност стои во место. И ќе се почешаме повторно за глава по десетина година кога ќе сфатиме дека се наоѓаме на истата станица.

За споредба, убеденоста дека се движиме, дека нешто се менува, дека Македонија збива напред е шуплива и проѕирна како што шупливо и безсмислено делува барокната фасада на новиот градски есктериер. Впрочем, од таму да тргнеме, пак таму ќе се вратиме. Милиони евра за приказна за една нацијата која ѝ се продава на истата нација; приказна за себе – што може полесно да се продаде од тоа. Впрочем, партијата посакала Скопје да го направи метропола, центар на својата мала нација, престолнина на својата партиска империја. Прв нацистички сон кој го гледаме пред себе.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото