1025 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 05:59
Во САД се подготвува федерален закон за заштита на жртвите на еден посебен вид интернет-насилство наречено „revenge porn“. Најчесто станува збор за интимни фотографии на млади девојки и жени кои нивните поранешни партнери ги поставуваат на специјализирани веб страници како еден вид одмазда за прекинот на односите.
Иако поставени на интернет без нивна согласност, со фотографиите и видео снимките се објавуваат и имињата и презимињата на девојките, како и Фејсбук профилите и други податоци за контакт, што директно доведува до вознемирување на жртвите од страна на непознати луѓе од целот свет, но и го загрозува семејниот живот и кариерата на жртвите.
И покрај очигледниот голем проблем, во САД во моментов постојат само пет сојузни држави кои имаат некаков облик на заштита против ваквиот тип злоупотреба, а уште 20-тина подготвуваат слични закони. Тоа значи дека повеќе од половина од сојузните држави не предвидуваат никаква законска рамка за процесирање на овие злосторства. Како резултат на тоа, полициските службеници често не ги сфаќаат сериозно пријавите на жртвите.
Џеки Спаер, застапничка во американскиот Конгрес, најави донесување на нов федерален закон врз основа на кој злонамерните поранешни партнери, како и сопствениците на веб страниците со таква содржина на ниво на целата федерација ќе можат да бидат кривично гонети. Во моментов се заштитени со Делот 230 од Законот за пристојност во комуникациите кои ги штитат давачите на услуги на веб порталите од одговорноста за содржината која на нивната страница ја поставува некоја трета страна.
Слободата на говор и славниот Прв амандман не се загрозени со новиот закон, смета Мери Ен Френкс, професорка по право на Универзитетот во Мајами, која учествува во изработка на нацрт-законот и вели:
„Законот би забранил тесно дефиниран облик на однесување со намера. Така би се додал овој вид недоброволна порнографија кон другите закони кои ја регулираат, на пример, детската порнографија или кражбата на идентитетот.“
На донесување вакви закони се повикува и во Велика Британија, бидејќи и таму оваа пракса стана зачестена, предупредуваaт организациите National Stalking Helpline и Women's Aid. Некои жртви велат дека освен снимките се објавени и нивните лични податоци, но многу од нив се чувствуваат премногу посрамотени за да побараат помош или совет, а законодавството не е координирано по тоа прашање.
Извор: Gawker