За што не размислувам

12.04.2014 10:39
За што не размислувам

Апстракт

Предмет на овој труд е утврдувањето на потребните услови кои водат кон излишност на мислата. Конкретно, овде се прави обид да се даде одговор на прашањето: Зарем мора да се мисли за да се живее? Притоа, во фокусот на истражувањето се наоѓа секојдневното размислување, т.е. воошто не се навлегува во анализата на неопходноста и делотворноста на фундаменталното размислување.

Клучни зборови: совршена празнина, олеснување.

Вовед

Времето е лигаво, седам дома, не знам што да правам со себеси, намерно си копам бразди на градите и се обидувам да не испуштам глас. На влезната врата е запишан бројот на станот, но иако го нарекувам дома, ова место никогаш нема да биде мојот дом. Низ прозорецот го слушам завивањето на автомобилите и секој нивни звук ми предизвикува морници. Ги жалам луѓето кои се заглавени во оваа нечистотија, но не можам да им помогнам, зашто за нив нема спас. Веројатно, ниту за мене.

Знам дека мојот живот, на крајот, ќе се сведе на ништо. И јас ќе се претворам во ништо, ако веќе не сум се претворил досега. Во последно време, престанав да изговарам зборови, зашто се плашам да не ја нарушам оваа огромна тишина. Изгледа дека сè се претворило во еден џиновски гроб, заеднички гроб за сите нас.

Повторно, неколку обични нешта

Еве, неколку обични нешта за кои не вреди да се размислува: На пример, никогаш не размислувам за гладните во Африка и за нивните соништа додека гладуваат. Не, причината за тоа не лежи во мојот егоизам, туку во очигледниот факт дека воопшто немам време за тие несреќни суштества. Впрочем, ниту јас не сум секогаш задоволен од ручекот што го подготвила мојата неверна жена.

Понатаму, не вреди да се троши време на испитување на причините за искривувањето на мојот нос и за последиците од сето тоа. Добро, сè се случи во една зимска вечер, кога се обидов да се пуштам по лизганицата што беше ја направиле децата. Но, тоа веќе не претставува размислување, туку само непотребно сеќавање, коешто, впрочем, е немоќно да ми помогне. Мислам дека никој не може да ми помогне.

Нема причина ниту да се размислува за љубовта, мојата или туѓата, зашто и таа е мртва. Ако човекот заглави во своите сеќавања, нема да забележи дека низ рацете ќе му се лизне она што му се нуди денес. Зарем треба да ми биде жал за оние кои се неутешно расплакани? Имам таква обврска? Но, во мојата празнина нема ништо, значи, ниту утеха. Неправедно е да барате од мене нешто што не го поседувам.

Не сакам да размислувам за безвредните нешта, на пример, за себеси. Прстите на рацете ми се евтини и лесно би можеле да не бидат мои. Сите убави погледи ги раздадов бесплатно, а тоа значи дека ни тие немале некоја особена вредност. И што ми преостанува? Да зборувам без никаква цел, само да го потврдам моето присуство? И очите ми се сиромашни, сега, кога останаа без солзи. Немам сила ниту да ја завртам главата на едната или на другата страна. Само можам да се надевам дека ќе останам незабележан од другите.

Се разбира, воопшто не размислувам за нештата коишто не постојат или не ги познавам. Првото е очигледно самото по себе: она што не постои, тоа не постои ниту во моите мисли, затоа што не постои никаде. Оттука, не е потребен никаков напор за да не се размислува за она што не постои. И јас сумблагодарен за тоа, иако не знам кому му ја должам благодарноста. Така, доаѓаме до второто - она што не го познавам. Овде, работите стануваат малку посложени. Навистина, не ми претставува тешкотија да не размислувам за она што не го познавам, но сепак, ако не знам нешто, тогаш не можам да бидам сигурен ниту за моите мисли во врска со тоа. Ја разбирате мојата незавидна положба, зар не? Едноставно, не знам, но знам дека незнаењето е опасно и може да крие разни нешта во себе, нешта за кои не знам ништо. Да, да, работата е замрсена, дури може да ви се распрсне главата, ако не застанете во вистинскиот момент. Точно, не можам да размислувам за она што не го знам, но што ако, незнаејќи, размислувам за тоа? Од друга страна, што ако не размислувам? И како можам да направам разлика, да погодам дали размислувам или не? Сепак, најстрашна би била заблудата: да живеам спокојно, убеден дека не мислам на тоа, а тоа цело време да се крие во мене и да ми се потсмева со искривена уста.

Никогаш не размислувам за вашите соништа, коишто се, истовремено, бедни и смешни. Не, никогаш нема да се разбудите наутро со желба да одите на работа. Не, вашите деца никогаш нема да бидат како вас. Госпоѓо, вие никогаш повеќе нема да имате мазна кожа, а вашата ќерка ќе остане стара мома. Ти, момче, засекогаш ќе си останеш кретен, иако сношти налегна уште една пијана средношколка. Господине, ти си за жалење, жена ти никогаш нема да те засака, таа се омажи за тебе само поради парите. И овој град е за жалење, зашто лисјата на дрвјата траат подолго од луѓето. Во овој миг, јас ќе се помочам на вашите соништа!

Најпосле, никогаш не размислувам за прашањата на кои нема одговори, зашто тие се мртви и не можат да ме возбудат. Наспроти нив, ме привлекуваат одговорите кои се прифатени од сите, иако никој не ги поставил прашањата што се наменети за нив.

Заклучок

Што може да се заклучи од она што не постои ниту во мислата? Веројатно е подобро да не извлекуваме избрзани поуки од совршената празнина. Би било лекомислено од нас да веруваме во она што најдобро може да се опише како ништо.

Уште еден расказ истата збирка може да прочитате овде.

Извор: Одбрани трудови, Темплум, Скопје, 2014
Слики: The Royal Art Lodge

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото