Опара, опара, сиот свет е попара!

12.04.2014 14:29
Опара, опара, сиот свет е попара!

Пионерски воз

Брз ко утрен сончев зрак
воз по шини мине пак...
Тик-та-рак!
Тик-та-рак!
Минуваат
села,
ниви,
гледај, гледај
бели стада,
онде цути мак!
Под оние ридја сини
некои луѓе куќа градат...
Ура! Тик-та-рак!

И за миг -
слика нова -
поминува река,
уште малку,
уште малку -
градот гости чека.

А во градот луѓе рој...
На задниот дрвен праг,
возу, стој...
- Здраво, граде, дојдов пак!
Тик-та-рак! Тик-та-рак!

Како итра птица летав
да стигнам пред мрак,
пионерска носев чета -
Ура! Тик-та-рак!

Ние бевме в цветно поле
од изгревот ран,
а во дружба со нас беше
денот разигран.

Весели сме
и весел сум
како вчера пак.
Со нив татнев, песна пеев...
Ура! Тик-та-рак!

Нхма-Кхма

Ова е Пигмејчето Нхма-Кхма,
голем три детски педи -
ако се собере малку
на дожд под печурка седи.

А што прави Нхма-Кхма
кога е гладен?
Јаде:
од дикобраз опаш со зелка,
кафе од мелени мравки,
кајгана од јајца на желка,
од носорог сало,
од жирафа уво
и лепче мало.

Мало - колкаво?
Олкаво:
триесет фурни го печат
и испечен
три слонови глутници го влечат.

А што пие Нхма-Кхма
кога е жеден?
Морски бран еден,
три езера, седум реки
и чашуле топло млеко.

А млекото какво е?
Какво е, такво е.
Во Конго чув
дека е од лилјак или од був.

Малата вештица

Опара,
опара,
сиот свет е попара.

Таков ќе е
каков бил,
но и таков ми е мил.

Овде еже,
онде змија,
светулчиња над нив в лет.

Вештица сум -
мала, среќна -
и го сакам овој свет.

Како се роди јапонска принцеза

Навистина, како?
Вака:
...Се меси пченкарен леб
во утрена роса.
Ете ѝ лице.

Две зрна ориз
под свилени реси.
Ете ѝ очи.

Од рана вишна
две румени капки.
Ете ѝ усни.

Во ракави бели
трепетливи зраци.
Ете ѝ раце.

Уште само ова -
во пазуви птица.
Ете ѝ срце.

Прекрасно, мајсторе.
Но, камо ѝ нозе?
Секој ги има.

Фати го ветрот
од некое море.
Ете ѝ нозе.

Под исто небо
премал е светов.
Близу е Јапонија.

А Македонија, каде е?

Цртежи: Владимир Лукаш

Во издание на Темплум штотуку излезе стихозбирката со најдобрите песни за деца на Славко Јаневски: Како така? Зошто така? Сè да знае светов сакал!

Други песни за деца од Јаневски на Окно:

Си бил еднаш еден цар

Ти си само плашлив зајак!

ОкоБоли главаВицФото