Пресвртувај се, сине

14.04.2014 09:00
Пресвртувај се, сине

Пресвртувај се, стани еден од нив. Пристапи им. Запиши се. Зачлени се. Партиите се овде единствените перспективни претпријатија. Пријди им понизно, бакни ја раката со жигосувачкиот прстен, наведни се да те помилуваат. Прими го нивниот јазик, саскај во клопчето.

Пресвртувај се, сине. Моли се на глас и цивкај во тишина. Гази ги слабите како да танцуваш твист. Зборувај како јагне, прави како волк. Имај тврдо срце за меки души. Колни се во татковината со дланката врз шлицот, т.е. дуќанот. Наполни ја устата со демократија како со тутун за џвакање, застани пред народот како пред плукалница. Носи го костумот како дрес, краватата како знаме, закити го реверот со значка како со каранфил. Биди еден од нив.

Мудро ќути си, водачот нека говори во твое име. Мисли со неговата глава. Кога ќе занемиш, пеј ја химната. Фали го постот со полна уста. Биди јагула во законот. Имај мозок од пластелин. Пуштај нокти. Зашили ги лактите. Вооружај се со плунка. Кради во самоодбрана...

(фрагмент од расказот „Ишју“ од книгата „Витез на шведската маса“, 2013)

Слика: Keith Boadwee

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото