Изложба на Филип Јовановски: културата не е политички декор

14.04.2014 11:40
Изложба на Филип Јовановски: културата не е политички декор

Во Отворено графичко студио на Музеј на град Скопје, на 11 април беше отворена изложбата на Филип Јовановски, насловена како „Силата на Спартакистите или моќта на љубовта?!“. Ова е прва самостојна изложба на Јовановски во Скопје, иако има учестувано во голем број групни проекти и и уметнички иницијативи.

Изложбата претставува заокружување на двегодишната работа со висококвалификуваните работници кои учествувале во проектот Скопје 2014, коишто во случајот учествуваат во самата изведба на делото и со тоа во позиционирањето на производството на културата како политичка одлука, а не техничко-организациска, независна од општествени потреби и проблеми.

Јовановски вели дека се обидува да ја дефинира ангажираноста на уметноста во своите дела преку методoт на работа, поточно да се направи разлика помеѓу правењето политичка уметност и правењето уметност политички.

„Во таа смисла, во ова дело ги вклучувам работниците да учествуваат во изработка на делото (каталогот на изложбата), како еден вид политичка постапка и учество во правењето уметност и култура. Со тоа се прави преиспитување на позициите, не само на моќ, туку и на уметнoста како нераскинлив дел од општествените проблеми, а не како политички памфлет, дизајн, декор, додаток на политичките желби; напротив - алатка во борбата за подобро општество“, вели Јовановски.

Изложбата во Отвореното графичко студио на Музејот на град Скопје ќе биде отворена до 25 април.