Нуклеарното оружје и безбедноста

14.04.2014 12:40
Нуклеарното оружје и безбедноста

Во претходната статија пишувавме дека безбедноста е важен приоритет за државните планери - т.е. безбедноста на државната власт и нејзиниот главен клиент, концентрираната приватна моќ- што подразбира дека официјалната политика мора да се заштити од критиките на јавноста.

Во овој контекст државното дејствување се чини сосема рационално, притоа подразбирајќи ја рационалноста на колективното самоубиство. Дури ни моменталното уништување со нуклеарно оружје никогаш не котирало високо на списокот на грижи на државната власт.

Да наведеме еден пример од периодот на студената војна- во ноември 1983 година, Северноатлантскиот сојуз под водство на САД иницираше воена вежба за да ја тестира способноста на руската противвоздушна одбрана, симулирајќи воздушни и поморски напади, па дури и нуклеарна тревога.

Ова беше изведено во многу напнат момент. Стратешките проектили Першинг 2 беа распоредувани по Европа. Претседателот Реган веднаш по својот говор за „империјата на злото“ најави иницијатива за стратешка одбрана под наслов „Војна на ѕвездите“, што Русите го протолкуваа како оружје за прв удар - а тоа е стандардна интерпретација на противракетните штитови на секоја страна.

Секако, овие постапки предизвикаа голема збрка во Русија, која за разлика од САД беше прилично ранлива и чија територија беше често напаѓана. Новоотворените архиви откриваат дека опасноста била уште посериозна отколку што историчарите претпоставувале. НАТО вежбата „речиси претставуваше вовед во превентивниот (руски) нуклеарен напад“, како што се наведува во минатогодишната статија на Дмитрија Адамски во списанието Journal of Strategic Studies.

Ова не e единствен за влакно избегнат случај. Во септември 1983 година, руските системи за рано предупредување регистрирале напад од проектил на САД и испратија предупредување од највисок степен. Советскиот воен протокол наложил возвраќање со нуклеарни ракети.

Дежурниот советски офицер, Станислав Петров, сметајќи дека станува збор за лажна тревога одлучил да не пријави предупредување до своите претпоставени. Благодарение на оваа запоставена должност, денес сме живи и можеме да зборуваме за тој инцидент.

Безбедноста на населението не им беше нималку позначајна на Регановите планери отколку на неговите претходници. Таквата негрижа трае до денес, дури и ако ги оставиме на страна бројните едвај избегнати катастрофи опишани во застрашувачката нова книга „Command and Control: Nuclear Weapons, the Damascus Accident, and the Illusion of Safety” на Ерик Шлосер.


Тешко е да се оспори заклучокот на последниот заповедник на Стратешката воздухопловна команда, генерал Ли Батлер, дека човештвото до сега го преживеало нуклеарното доба „со некоја мешавина на снаодливост, среќа и божја промисла, иако претпоставувам дека ова последново играло неизмерно поголема улога“.

Државата толку често и лесно ги прифаќа заканите по опстанокот, што тоа е премногу неверојатно за да се опише со зборови.

Во 1995 година, долго после падот на Советскиот Сојуз, Стратешката команда на САД или Стратка, задолжена за нуклеарно оружје, објави студија под наслов „Основи на одвраќање од студена војна”.

Најважниот заклучок е дека САД мораат да го задржат правото на прв нуклеарен удар, дури и против нуклеарно невооружените држави. Освен тоа, нуклеарното оружје мора секогаш да биде на располагање, бидејќи „фрла сенка на секоја криза или судир“.

Така нуклераното оружје се кориси секогаш, баш како што се користи пиштолот ако држите некого на нишан додека ограбувате продавница, иако не пукате - што неколку пати го истакна Даниел Елсберг, човекот кој ги објави Пентагонските документи.

Стратком понатаму советува дека „планерите не би требало премногу рационално да проценуваат... што на противникот му е важно“, зашто сѐ мора да биде на мета. „Ни штети кога се прикажуваме како премногу рационални или премногу трезвени“. Фактот дека САД може да се однесуваат ирационално и одмаздољубиво ако нивните витални интереси се нападнати треба да биде дел од нашиот национален карактер кој го покажуваме на своите противници“.

„Корисно за нашата стратешка позиција е некои елементи да изгледаат потенцијално „надвор од контрола“ - и со самото тоа да претставуваат константна опасност од нуклеарен напад.

Во овој документ нема многу за обврската по Спогодбата за ширење на нуклеарното вооружување да се направи „добронамерен“ напор за елиминирање „чумата“ на нуклеарното оружје од лицето на земјата. Наместо тоа, одекнува адаптацијата на познатата строфа на Хилер Белок од 1898 година за митралезот Максим:

Што и да се случи ние имаме
Атмоска бомба а тие немаат

Плановите за иднината не се толку светли. Во декември Конгресната канцеларија за буџет објави дека нуклеарниот арсенал на САД ќе чини 355 милијарди долари во наредните десет години. Во јануари Центарот за проучување на невооружувањето Џејмс Мартин процени дека САД ќе потроши трилион долари на нуклеарен арсенал во текот на следните 30 години.

Секако, Америка не е сама во трката за вооружување. Како што забележува Батлер, вистинско чудо е што досега го избегнавме уништувањето. Колку подолго ја искушуваме судбината, толку е помала веројатноста дека можеме да се надеваме на божјата промисла што ќе го продолжи ова чудо.

Во случајот на нуклеарното оружје, барем теоретски знаеме како да ја избегнеме опасноста од апокалипса: треба да го елиминираме.

Но, уште една страшна опасност фрла сенка на размислувањето за иднината - еколошката катастрофа. Не е извесно дека воопшто постои излез, иако колку повеќе чекаме, заканите ќе станат толку посериозни - не само во далечна иднина. Грижата на државата за безбедноста на своите жители јасно се гледа во тоа како пристапува кон овој проблем.

Денес Америка се удира во гради заради своите „100 години енергетска независност“, додека државата станува „Саудиска Арабија на наредниот век“ - што веројатно ќе биде последниот век на човечката цивилизација доколку денешната политика потрае.

Говорот што претседателот Обама го одржа пред две години во нафтениот град Кушунг во Оклахома би можел да се сфати како елоквентно посмртно ѕвоно за човечкиот род.

Тој со гордост објави, со салва од аплауз, како „Сега, под мојата администрација, Америка произведува повеќе нафта отколку во било кој момент во последните осум години. Важно е да се знае тоа. Во последните три години ѝ наложив на својата администрација да отвори милиони хектари за истражување на гасот и нафтата во 23 држави. Отвораме повеќе од 75 отсто од нашите потенцијални извори на нафта под моркото дно. Четирикратно ги зголемивме активните дупчења до рекордно висока бројка. Додадовме доволно нови нафтоводи и гасоводи чија должина би можела да ја обиколи целата Земјина топка и да остане уште.“

Аплаузот кој го доби открива нешто и за државната грижа за безбедностa. Индустриските профити ќе бидат сигурно загарантирани сѐ додека „производството на дополнителни нафта и гас овде во земјата“ е пресуден дел на енергетската стратегија, како што вети претседателот.

Корпоративниот сектор води голема пропагандна кампања да ја убеди јавноста дека климатските промени, ако воопшто ги има, не се резултат на човечкото однесување. Овој труд е насочен кон справување со претерано рационалната јавност, и понатаму загрижена за заканите кои научниците во голема мера ги сметаат за речиси извесни и кобни.

Просто кажано, во моралната пресметка на денешниот капитализам,утрешниот поголем бонус е поважен од судбината на некои далечни внуци.

Какви се тогаш изгледите за опстанок? Не се баш сјајни. Но, достигнувањата на оние кои со векови се бореле за поголема слобода и правда оставаат наследство кое може да се преземе и да се пренесе понатаму - не само што може туку и мора, и тоа брзо, доколку мислиме да ја одржиме надежта за пристојно преживување. Тоа најелоквентно ќе ни каже какви суштества сме.

Извор: In These Times