ОБСЕ и ПССЕ со куп забелешки за изборите и за кампањите

14.04.2014 15:23
ОБСЕ и ПССЕ со куп забелешки за изборите и за кампањите

„Организирано гласање во Шуто Оризари, пристрасно и неизбалансирано медиумско известување и неразграничување помеѓу државните и партиски активности. Државната изборна комисија главно функционираше ефикасно, иако одредени нејзини членови даваа партиски изјави. Јавниот радиодифузер не успеа да обезбеди избалансирано покривање на изборите. Не е демократски да се апелира за бојкот на изборите, како што се случуваше, потоа има недоворба во Избирачкиот список и грешка беше што се користеше маркерот, наместо невидливото мастило.“

Тоа се само дел од низата забелешки кои денеска ги изнесоа мисиите на ОБСЕ и Парламентарното собрание на Советот (ПСС) на Европа, ден по завршувањето на првиот круг од петтите претседателски избори во Македонија.

Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Герт Хајнрих Аренс рече дека актуелниот претседател и воедно кандидат на ВМРО-ДПМНЕ имал значителна предност во однос на ресурсите и доминирал во однос на платеното политичко рекламирање.

„Јасната поддршка од Владата за актуелниот претседател и кандидат не ја испочитува во целост одвоеноста на партијата и државата. Кампањата беше активна и кандидатите се впуштија во динамична агенда на митинзите, меѓутоа теренот за натпревар не беше рамноправен“, изјави Аренс.

Стефан Шенах, шеф на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, нагласи дека кампањата го поделила општеството по етнички линии, и повикот од страна на една албанска етничка партија е предмет за загриженост.

„Видовме случаи на организирано гласање, како и некои мали неправилности. Овие случаи фрлаат сенка на воглавно добриот изборен ден. Таква сенка имаше во Шуто Оризари, каде имаше организирано гласање и имаше активности иако беше молк. Имаше размена на негативни обвинувања во албанскиот етнички блок, како и повик да не се гласа. Родовите прашања не беа застапени во програмите на кандидатите. Барањето за 40 проценти излезеност во вториот круг на претседателските избори би можело да доведе до циклуси на неуспешни избори. Механизмот за разрешување на изборните спорови е неефикасен. Отсуството на рокови за разрешување на изборните спорови не гарантира навремен правен лек - нагласи Шенах.

Двајцата шефови на странските мисии нагласија дека Македонија како земја членка на ОБСЕ не е со правен лек обврзана да ги спроведе нивните препораки, туку да ги имплементира уште сега, за да се избегне критиката по завршувањето на вториот изборен круг од претседателските избори.

Извор: plusinfo.mk
Слика: Свирачиња