Гол гас таламбас

15.04.2014 09:11
Гол гас таламбас

1.

Џабе му е на „претседателот“ (решив, во неговиот случај, да ги задржам наводниците) што сега се вади на некакви технички или печатни или незнам какви грешки. Не е проблемот во грешките, тие секогаш се препознаваат. Овде проблемот е во менталниот склоп, во знаењето, во умот, ако сакате. И не е точно дека некои медиуми ги прават луѓето тоа што не се. Барем во овој случај. Зашто ниту еден медиум не може зелката да ја направи – роза. Дефинитивно! Но, затоа, секој, и буквално секој, може да излезе на бина и да треска глупости. И народот ќе го слуша. И ќе „гласа“ за него. Ама тоа автоматски не го прави – претседател!

Затоа, сигурен сум, еден ден, и повеќето главни актери на сегашнава македонска јавна сцена (политичка, културна, медиумска, образовна …) ќе се вадат на истото. На техничките, на печатните, на медиумските, на градежните, на финансиските… на не знам каквите грешки. Ама не ќе можат баш сите да се вадат на грешки. Па белким некој нешто направил и свесно? Или, ќе биде типичната за нас амнезија, од типот: кој, јас, не бе, немам поим, не сум бил таму, не ги ни познавам …!?

2.

Како и да е, потрагата по „новиот вредносен систем“ – кој и да е, каков и да е – се разбира, не би требало да се ограничи само на елементарните нешта од типот на хорхеизираниот „татко“ на нацијата како некаков политички репер и на „велелепните“ но сепак длабоко ретардирани архитектонско – естетски и скулптурални изблици на македонската творечка неписменост. „Новиот вредносен систем“ (во понатамошниот текст наводниците треба да се подразберат), за да биде сеопфатен и навистина систем, треба да се препознава (и) во сите сегменти на реалноста, на сите рамништа на општествениот живот. А пред сѐ во суштинските прашања за една нација!

Според тоа, дали доградбата / преградбата / изградбата / потрагата … на / по идентитетот (до кога, по ѓаволите, ќе го бараме?) е такво стратешки суштинско прашање за новите вредности на Македонецот? Веројатно, штом толкави таламбаси се кренаа околу губењето на сегашниот и барањето / наметнувањето на некој нов идентитет. Иако сите се плашат да речат, ако воопшто и знаат, дека таа наша вечна потрага по етногенезата и идентитетот е всушност резултат на „неконсолидирана национална држава и криза на општествениот идентитет“ (Тодорова)!

И никој не кажува кој идентитет би го загубиле? Овој Фиромски, оној некогашен Македонски, оној уште подалечен македонско – балканско – отомански, или најактуелниот антиквизациски или древномакедонски? Кој идентитет ни го оспоруваат соседите, а кој идентитет го браниме ние? И дали, случајно, ранобудноно „филозофче“, кое се прашуваше себеси „а кој сум јас?“ по распадот на СФРЈ е реперот според којшто сите ние нема(в)ме појма кои сме и што сме, па се побаравме во антиката? Ни мање ни више?! И – се пронајдовме?! Можеби некому навистина му импонира да се гледа како потомок на Ацета и да се замислува онака качен врз Букефал со мечот во раката, ама тој имиџ веќе му служи за потсмев на светот. А и кај нас одвај се крепи врз очајно мемливите сомнабулни приказанија на маалските ни историчари и археокриминалци. Тоа се, докажано, приказни за претшколска возраст или за поодминати пензионери со шише пиво пред кооператива! И овие нашиве „стручњаци“, за интерни потреби можат да изѕидаат уште стотина такви бајки. Ама до таму ли спаднавме тие да ни го градат новиот систем, на темелите на нивните роднокрајни дијалекти и приказни од средсело?

3.

Понатаму, евидентно е дека новиот ни систем на роднокрајциве се обидува да се налакти и на одделни такозвани (или самозвани) нови институции. Особено во областа на културата. Ги сакаат новиве зашто, како што вели Синоличка, старите не ги чувствуваат како свои. (Во времето на старите македонски институции тие изгледа биле нешто друго?). Дел од новиве – особено оние од поблиското ни колонијално минато – им се посебно прираснати за срце и веќе беа спомнати во претходниот текст. Оние од „блескавоста“ на позлатените фолии во театарот „Александар I Караѓорѓевиќ“ како симбол на некогашната културна асимилација и туѓа доминација, како и идниот Офицерски дом (алооо, вие нормални ли сте, па поарно инсталирајте една убава и сјајна војничка чизма!). Меѓу овие „носители“ на новите вредности неодминлив секако е и Музејот на македонскиот хорор – институција несфатлива за една (национална) култура во 21-от век, „музеј“ во којшто нема ни „м“ од дејноста што треба да ја извршува, објект спуштен директно со политички падобран покрај Вардар во вид на „восочен музеј“ што бесрамно лаже дека добива некакви меѓународни признанија само за да го оправда (не)постоењето пред газдите?

Или можеби носители на новите вредности се такозваната Спомен куќа на Тоше Проески или на Мајка Тереза? Или тоа ќе биде новиот Археолошки музеј, исто онака падобрански атериран на самиот брег на реката, и кој ќе прикажува вредни копии на вредни артефакти како сензација за туристите од целиот свет? И со којшто неговата идна „директорка“ се фали заради „неговата уникатност … по две основи, по својата архитектонска грандиозност и раскошната архитектура, и по местоположбата“!

Меѓутоа, како што неодамна напиша една од малкуте мислечки новинарки кај нас, културните институции не се само градби. Особено не институциите што треба да бидат носители на новото во еден систем. Тие треба да произведат резултат, да создадат вредност – па нека е и стара, не мора веднаш нова, тие треба да бидат носители на новата естетика, на компетитивниот со светот прогрес во културата, треба да покажат дека умеат и знаат што е уметност а што травестија. И – покажаа ли, произведоа ли, прикажаа ли? Повторно: гол гас таламбас!

4.

Па оттука, ако сѐ, и буквално сѐ заедно со новиве „институции“ и новокомпонирани „вредности“ повеќе заличува на драгачевски дувачки оркестар отколку на нов вредносен систем, за што трубат тоа мегафоните? И ако во слични немузикални медиокритетски насоки се движи и остатокот од реперниот јавен живот / простор, тогаш каде е сокриен тој нов систем, по што го препознаваат? По 123-то место по слободата на медиумите, по 80-то место во фудбал, по новата Академија за реалистичко сликарство (?) во Штип, по што? По оние „реформи“ во здравството со коишто нѐ учат како се ословува лекарот, а како сестрата? Дали новата естетика се крие во оној луд галоп на коњски полутки во фонтаните преку Вардар?

Тоа ли е тој долгоочекуван „нов дијапазон на иницијации во новата идеализирана стварност, која, потпомогната од финансиите на моќните заинтересирани страни, добива сеопшта пропагандистичка улога во постојните општествени структури“, за којшто сладострасно булазни Сарајлија? Или тој навистина го доживува општеството како некоја тајна братија од Долногаштани па измислува соодветни иницијации за прием во истото?

Или допрва треба да нѐ изненадат новите „… европски аеродроми, европски институции, европски стандарди на нашите производи што сѐ повеќе се извезуваат од Македонија“, како што тртља „претседателон“ кој со седумка просек станал редовен професор. Па дали навистина некој уште верува во таквите будалаштини?

За жал, нашата неидеализирана стварност, нашиот болно реален светоглед понуден од новиот вредносен систем е токму „претседател“ со седумка просек, „уметник“ за кој алтернатива на науката се „религијата и сите други видови мистицизми, како и мистерии“, „филозофи“ кои во средината на животот сѐ уште не знаат кои се и што се, „историчари“ на восочна национална историја, археокриминалци, аутистични културни институции, полуписмени партиски бастиони во форма на државен апарат…

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото