1026 hPa
87 %
5 °C
Скопје - Вто, 12.11.2024 00:58
Дали сексуалната разноликост треба да им се приближи на децата преку наставната програма? Токму тоа го планираат социјалдемократите и Зелените во една германска покраина. Црквата се противи и од тоа се раѓа уште една дебата за вредностите.
Учениците во Баден-Виртемберг би требало да учат дека семејство можат да основаат не само маж и жена, туку и двајца мажи или две жени. Или бисексуалци. Или транссексуалци, интерсексуалци и трансродови лица. Рака на срце, повеќето луѓе не ја знаат точната разлика помеѓу ваквите сексуални ориентации, но учителите и наставниците во оваа покраина на југот на Германија наскоро би можеле да ја подучуваат младината за сексуалните разлики. „Целта е да ги пренесеме вредностите како почитта, толеранцијата и отвореноста кон светот“, соопшти покраинското Министерство за култура, кое е задолжено и за образованието. „Сакаме да ги охрабриме децата и младите гледаат на себе и своите блиски со почит и без предрасуди.“
Учење или превоспитување?
Сосема очекувано, на иницијативата се спротивставија двете најголеми црковни заедници, католичката и евангелистичката. Дури двете големи христијански цркви во Германија издадоа и заедничко соопштение: „На децата и младите не смее да се влијае кога е во прашање нивната потрага по идентитетот“, пишува во текстот. Црквите кои се соочуваат со драматично намалување на бројот на верници (и со самото тоа на приходите, бидејќи во Германија верниците плаќаат црковен данок, доколку сакаат) и понатаму инсистираат на традиционалната слика на семејството која подрабира еден маж и една жена. Црквите сметаат дека е важно да се избегне индоктринацијата и инструментализацијата на младината, особено на „чувствителното поле на сексуалниот идентитет и личните и семејни модели на живот“.
Ставовите на протестантите за Дојче Веле ги појасни покраинскиот бискуп Франк Отфрид Јули, кој вели дека „различноста на човечката сексуалност“ може да се тематизира и во училиштата, но притоа „библиската слика на човекот мора да се земе предвид“. Отпор има и во училиштата. Наставникот Габриел Штенгле кон крајот на минатата година, откако е објавен предлогот за новиот наставен план, покрена онлајн петиција. Насловот на иницијативата гласи „Иднина-одговорност-учење: Против наставната програма 2015 под идеологијата на боите на виножитото“. Штенгле смета дека учењето за различностите претставува обид за „морално, педагошко и идеолошко превоспитување“ на учениците. Петицијата ја поддржале 190.000 луѓе, додека интернет петицијата на заговорниците на новата програма има само 90.000 потписи.
Судир на два света
Покраинскиот премиер Винфрид Кречман, чијашто влада прва во Германија покрена ваква иницијатива, се обиде да води дијалог со претставниците на црквата. „Не правиме идеолошка училишна програма“, вели овој политичар од Зелените. За да ги побие адутите на противниците, најави промени на наставната програма. Како ќе изгледаат тие и дали ќе ги задоволат конзервативците и црквата, за сега не е познато.
Јасно е дека наставата за сексуалните различности, по малку непланирано, стана најважна тема во Баден-Виртемберг, тема на која би можела да се одлучи и судбината на сегашната покраинска влада. Во главниот град Штутгарт веќе со месеци излегуваат наставниците и родителите, поддржувачите и противниците на „модерната настава“. Кажувајќи сосема различни аргументи, и едните и другите наводно се залагаат за иста цел - доброто на децата. Жестоката дебата за образованието е културна борба на два света.
Извор: Deutsche Welle