Избори се можни само во слобода

16.04.2014 11:10
Избори се можни само во слобода

Да беше Македонија демократска земја во која владее правото и во која уставно загарантираните права и слободи ги уживаат сите граѓани, денес ќе го славевме враќањето на надежта и победата на Стево Пендаровски во првиот круг од изборите. Да се случеше тоа чудо, таа праведна победа на разумот и човештината, новиот претседател од првиот ден ќе мораше да го понесе тешкиот факел на надежта со кој ќе ги запалеше позитивните очекувања на ограбените и онеправдените македонски граѓани. Со тој симболичен факел на надежта ќе беше потпален и раширен огнот на слободата, во чијшто историски пепел и чад ќе исчезнеше повеќегодишната диктатура на ДПМНЕ, која ја уништи македонската демократија, ги укина македонските слободи, ги искраде македонските национални блага и ја затемни македонската иднина. Но, чудата се ретки и во светот на религиските фикции, а не, пак, во грдата стварност на недемократските општества какво што е нашето.

Доколку првиот круг на изборите резултираше со изедначен резултат помеѓу режимскиот кандидат кој пет години со секое отворање на устата и со секое бацување на раката на неговиот господар, докажувал дека е најголемиот срам и резил за македонската држава, и кандидатот на опозицијата кој е негова светла спротивност, и тоа ќе беше сосем јасен индикатор дека надежта во македонскиот темен вилает сѐ уште не го победила стравот од партиско-полициската држава. Меѓутоа, убедливото водство на едно кафено петно од кандидат над харизматскиот кандидат на опозицијата, е само уште еден доказ дека и овие избори биле „спроведени ефикасно“ и поминале „тивко и уредно“, како и сите претходни ефикасно лажирани избори во организација на режимот. Повторно, по којзнае кој пат, со полни усти и ретриверски ентузијазам ќе ги читаме здодевните извештаи од набљудувачите за техничката коректност и ефикасност на изборниот процес. Сето тоа, се разбира, ќе биде проследено со задолжителниот куп „строги“ забелешки за масовно поткупување на избирачите и за режимските манипулации со избирачката волја, од кои на власта што осум години лажира избори очигледно не ѝ фали ни влакно од главата. И повторно до болка несоодветната „демократична“ реторика за избирачката волја, за неопределените, за квалитетот на кандидатите, ќе произведе таква неподнослива врева што ќе ја покрие очебијната вистина дека изборите во организација на ДПМНЕ се закономерно и неизбежно лажирани, затоа што живееме во тоталитаристички режим што ги укинал сите структурални демократски, институционални, медиумски и психо-социјални услови за одржување слободни и фер избори.

Навистина е нејасно кога ќе сфатиме дека недемократската стварност, која Груевски и ДПМНЕ ја создаваат веќе осма година, е длабоко вградена во институциите на системот и дека и да се случеше чудото – долго посакуваната победа на опозицискиот кандидат – тоа немаше да биде победа на демократски избори, туку чудесна, неверојатна победа над партиско-државното чудовиште кое ги лажира изборите, држејќи го целото општество во коруптивна уцена и закана. Апсолутно е неопходно да ја смениме мисловната рамка во која се обидуваме да му се спротивставиме на авторитарниот режим на Груевски. Конечно, Ајнштајн укажал дека е невозможно да се реши кој било проблем со истиот начин на размислување со кој проблемот и настанал. Тоа значи дека доколку сакаме да ја согледаме сопствената стварност, мораме да сфатиме дека македонската држава веќе одамна не е демократска и дека ќе мораме да ја замениме доктринарната предрасуда за политичкото уредување на земјата од „парламентарна демократија“ во „авторитарна псевдодемократија со елементи на тоталитаризам “. За жал, природата на проблемот на „авторитарните псевдодемократии“ очигледно ја надминува вообичаената демократска институционална логика, зашто се работи за автоимуна генетска болест на капиталистичката либерална демократија. Имено, таа нема системски лек за ниту една внатрешна фашистичка окупација во која институциите на системот самите го рушат уставниот поредок и го суспендираат владеењето на правото, притоа не менувајќи ги формално, односно задржувајќи ги како маска. Либералната демократија нема институционален имуно одговор за ситуации како нашата, кога една партија што дошла на власт со демократски избори, ги окупира институциите на државата и се одржува на власт со лажирани избори.

Затоа, сѐ додека е на власт овој режим и додека партиско-полициската држава ги обединува извршната, законодавната, судската и локалната власт во една хомогена субординирана пирамидална структура, која ја одржува атмосферата на државна уцена, закана и страв, во Македонија нема да биде можна демократијата запишана во Уставот. Нема да бидат можни ниту слободни демократски избори. До одржувањето демократски избори ќе дојдеме не со повторувано одржување лажни избори, туку со оневозможување лажни избори воопшто да се распишуваат и да се одржуваат. Демократијата во Македонија ќе можеме во целост да ја возобновиме дури откако ќе изведеме темелна и сеопфатна делегитимација на криминалниот режим. Но, партиската држава на ДПМНЕ треба да се руши долго време по нивното соборување, и тоа со јасна и остра идеолошка, културна и правна осуда на злосторите, со цврста решеност за систематска, долготрајна и бескомпромисна дегруевизација на Македонија.

Гиф: Un-gif-dans-ta-gueule:

Leçon d’anatomie du docteur Tulp (1632) - Rembrandt Harmenszoon van Rijn

Извор: Слободен печат