„Кој се плаши од молкот лош?“ - второ продолжение

16.04.2014 12:46
„Кој се плаши од молкот лош?“ - второ продолжение

Студентската организација „Излез“ ве кани на второто продолжение од приказната „Кој се плаши од молкот лош?“, завршен целодневен настан на проектот „Креативна младинска акција“.

Настанот ќе се одржи во втората половина на мај и е отворен за сите иницијативи, организации, групи и поединци што сакаат на креативен начин да изразат став за општествените прашања што ги засегаат.

Сите заинтересирани можат да се пријават најдоцна до 25 април на адресата kma@izlez.mk со испраќање на краток опис на активноста со која сакаат да се претстават.

Можните активности вклучуваат: работилници, перформанс, изложби, дискусии, книжевни читања, инсталации, проекција на кратки филмови, музички изведби и секаков друг вид борба против молкот, па дури и креативен молк.

На настанот учество ќе земат и учесниците од петте работилници на „Креативна младинска акција“ (креативно пишување, илустрација, фотографија, филм и перформанс/театар) и ќе ги претстават своите производи изработени во текот на претходните шест месеци.

Проектот „Креативна младинска акција“ има цел да одговори на идентификуваната потреба кај младите за креативно изразување, да направи чекор кон развивање култура на реакција и на граѓанска проактивност, која недостига во нашето општество, особено меѓу студентите и меѓу младите, кои често се критикувани поради нивната пасивност и недоволна бунтовност. Креативната акција ќе испрати порака дека општествените промени се одговорност на самите граѓани, кои треба постојано да наоѓаат организирани и креативни начини за изразување на својата волја.

Проектот е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, спроведуван од Фондација Отворено општество – Македонија.