Соопштение на ДПМНЕ: снимката со Армстронг на Месечината е монтажа

18.04.2014 15:55
Соопштение на ДПМНЕ: снимката со Армстронг на Месечината е монтажа

Скопје, 18 април 2014

Откако соопшти дека снимката на која Никола Груевски ја договара криминалната продажба на Македонска банка е монтажа, ВМРО-ДПМНЕ излезе со ново соопштение во кое открива дека и снимката од Нил Армстронг на Месечината исто така е монтирана.

Американскиот космонаут никогаш не стапнал на Месечината, а монтажата е дело на структури блиски на СДСМ, кои сакале да ја дискредитираат ВМРО-ДПМНЕ уште во 1969 година, пред партијата да биде формирана.

„Не е прв пат опозицијата да се служи со нечесни методи, но не мислевме дека ќе паднат толку ниско. Заслугите за македонскиот успех на Месечината и во целата вселена се на Никола Груевски и никој не може да му ги одземе“, стои во соопштението.

Понатаму се вели дека платеничките опозициски портали, кои работат за интересите на НАСА, не можат ништо против фактот дека првиот човек кој стапнал на Месечината е токму Никола Груевски, на едно негово роуд шоу во потрага по инвеститори.

Тоа го потврди и научно го образложи и претседателот Ѓорге Иванов, при неговото гостување на Универзитетот Ломоносов.

„Пред фактите и боговите молчат, а пред аферите на власта молчат медиумите, барем поголемиот дел од нив. Уствари не, без второво, грешка, лапсуз...“, изјави претседателот Иванов.

Слика: Свирачиња