Девојка ослабела 10 килограми користејќи ја чудесната комбинација - помали оброци и физичка активност

19.04.2014 12:47
Девојка ослабела 10 килограми користејќи ја чудесната комбинација - помали оброци и физичка активност

Скопје, 14 Април 2014

Мартина Георгиевска, студентка од Скопје, успеала да ослабе цели десет килограми и така да ја дотера својата линија, благодарение на чудесниот третман кој подразбира внесување на помали количини храна и почеста физичка активност.

Оваа студентка, која со години се борела со вишокот килограми, досега пробала различни диети, но ниту една не дала толку добри резултати.

„Пробав различни диети, ја мерев калориската вредност на секоја намирница за да ја доведам својата линија во ред, но оваа чудесна комбинација се покажа најуспешна до сега“, вели Мартина.

„Бев скептична кога слушнав за неа, но резултатите брзо го разнишаа мојот сомнеж. Килограмите почнаа да се топат и сега сум презадоволна со мојата линија“, повторно истакнува оваа девојка.

Мартина признава дека ѝ должи благодарност на својата сестра која ја наговорила да го проба овој третман за слабеење.

„Сестра ми долго ме наговараше да ги намалам оброците и физички да се активирам, но јас не ја слушав. Тогаш таа почна да ме носи на долги прошетки, па на пливање, што за мене беше напорно и досадно. Меѓутоа, брзо забележав дека малку изгубив на килажа, па продолжив со овие активности. На нејзино инсистирање почнав и помалку да јадам, што изгледа беше најважен предуслов за симнување на килограмите“, открива Мартина.

Денес оваа девојка е друга личност, физички се чувствува подобро, а со губењето на тежината ѝ порасна и самодовербата, па брзо си најде и момче.

„Знам дека на многу девојки им звучи неверојатно дека на овој начин може да се ослабне, но јас сум жив доказ дека методот е успешен. На сите кои мака мачат со килограмите им препорачувам да се обидат и цврсто ветувам дека нема да се покајат“, со насмевка препорачува Мартина.

Извор: www.njuz.net