Порака до браќата луѓе

21.04.2014 12:16
Порака до браќата луѓе

Во август 1908 година, веќе во длабока старост, Лав Николаевич Толстој бил совладан од тешка болест, и верувајќи дека наскоро ќе почине, големиот мислител почувствувал потреба уште еднаш да се обрати до браќата луѓе со порака, во која сето искуство во животот го свел на еден збор: ЉУБОВ. Својството да љуби Толстој го истакнува како темелно својство и потреба на секој човек, додека отсутноста на љубов ja смета за причина на сето зло.

Обидувајќи се да закрепне од болеста, Лав Николаевич Толстој починал две години подоцна, на 20 ноември 1910 година, оставајќи ја својата последна порака како аманет за човештвото.

Сакани браќа, посебно вие кои кај нас во Русија се борите за вакво или онакво никому потребно убедување. На тебе, мил брате, кој и да си - цар, министер, работник, селанец, ти треба само едно. А тоа е да го проживееш овој неодредено краток миг на животот онака како што од тебе бара Оној кој ти го дал животот.

Сите знаеме, а јас тоа секогаш нејасно го чувствувам; колку подолго живеам - толку појасно; сега, кога првпат ја премолчив природната блискост на смртта разбирлива сама по себе како што на живиот човек му е разбирлива близината на утрешниот ден, близина која не само што не е страшна, туку која значи и толку природен и благ премин како што е и преминот во утрешниот ден - сега, кога го одмолчив тоа ми е страшно, и што е најважно - туѓо, да мислам на тој ужасен живот полн со омраза, со кој живее поголемиот дел од нас, луѓето родени за љубов и добро.

Кои сме ние, што сме ние? Само безначајни браќа кои секој момент може да исчезнат, суштества кои само за миг излегле од ништожноста во животот, прекрасен, радосен живот, со небо, Сонце, шуми, ливади, реки, птици, животни, со среќата на љубовта, кон ближните, кон својата душа, кон доброто и кон својот живот... И што понатаму? Ние, тие суштества, не умееме ништо подобро од тоа секој миг од тој неодредено краток живот, кој секој миг може да биде прекинат, да се упропастиме - со дваесеткатни облакодери, асфалт, чад, вовлекувајќи се во таа нездрава теснотија на градовите, риејќи под земјата за да се докопаме до каменот, железото, градејќи железнички шини и развозувајќи по нив низ светот никому потребни луѓе и непотребни багажи, и што е најлошо - наместо да се радуваме на животот, кој е љубов - се мразиме, стравуваме, ги мачиме другите и себеси, се затвораме во темница, се казнуваме со смрт, учиме да убиваме и се убиваме меѓусебно.

Тоа е страшно!

Тие што го прават тоа, велат дека го прават за да се ослободат од сè што е лошо, и што е поголема лага - за да ги ослободат другите луѓе од лагата, и дека правејќи го тоа, се раководат од љубовта кон човекот.

Мили браќа! Освестете се, огледајте се, размислете за сопствената слабост, минливост, за тоа како во ова неодредено кратко траење на животот помеѓу две вечности - или подобро безвремености на животот, кој не познава поголемо добро од љубовта: безумно не го правите она што ви го налага сопствениот разум, туку она што вие го правите.

Во погрешното расудување, кое ви го наметнува и кое е поддржано од општественото мислење, ви се чини дека сè што правите претставува неопходен вовед во животот на луѓето во нашето време - дека со вашите постапки учествувате во животот на целото човештво, дека вие не можете да не го правите она што го прават сите, она што сè уште го прават и она кое го сметаме како неопходно да се прави.

Би било убаво да мислите така, кога тоа што го правите би било во согласност со вашата душа, кога сето тоа би ви носело добро и вам и на другите луѓе. Но, не е така. Животот во светот, животот на целото човештво, онака како што е сега уреден, бара од вас да бидете зли, да учествувате во омразата кон едни луѓе заради други, но тој свет не им носи добро ниту на другите ниту вам.

„Ние работиме за иднината“ - така ќе одговорат на тоа. Но, зошто да се жртвува животот во љубов сега, поради животот во иднината кој ни е непознат?

Зарем не е очигледно дека тоа е чудно, убиствено празноверие? Јас тоа го знам без сомнежи, дека животот во љубов, според Божјиот закон и потребите на моето срце е да правам добро и за себе и за другите, и тогаш некои чудни умувања ме тераат да се одречам од вистината, чистината на моето добро, моите обврски, мојот закон... Поради што? Поради ништо. Поради обичаите, навиките, противењето.

Нека борците за „слобода“ или „општествениот поредок“ вложат барем стотинка од борбата за своите цели во тоа да ја засилат љубовта во себе и во другите - и тие - не како во борбата каде последиците се гледаат туку само се очекуваат - во истиот миг ќе ги спознаат плодовите на своето вложување во љубовта - не само во себе, туку и во последиците кои неизоставно ги предизвикуваат и во другите луѓе.

Мили браќа! Освестете се, ослободете се од страшната инерција на таа заблуда - заблудата дека борбата, борбата за живот, може да биде својствена и несмртоносна за човекот - и ќе ја спознаете радоста, доброто, светоста на животот, што ништо не може да ја наруши - ни нападите на другите луѓе - бидејќи тие напади само ќе ги засилат напорите на љубовта, ниту стравот од смртта - бидејќи љубовта е бесмртна.

Мили браќа! Не смеам да ви кажам: „Верувајте ми, верувајте!“ - не верувајте, туку проверете го она што ви го зборувам, проверете го барем еден ден. Барем еден ден, станувајќи со истите услови во кои денот ве затекнал, поставете си задача сè што ќе правите тој ден да биде раководено од љубовта. И знам - ако направите така само еднаш, вие повеќе нема да се вратите на старата, страшна, разорна заблуда.

Едно ве молам, мили браќа, сомневајте се во тоа дека животот, кој се обликувал во вашата средина, е онаков каков што треба да биде - тој живот е изопачување на животот - и верувајте дека љубовта, само љубовта е над сè, таа е смисла, суштина, доброто на нашиот живот, дека е стремење кон доброто кое живее во секое срце - израз на потребата за она што го нема, а што би требало да го има, дека тоа природно чувство мора да биде задоволено и дека е лесно да се задоволи, само ако луѓето не го разбираат изопачувањето на животот како вистински живот.

Мили браќа! За ваше добро сторете го ова - посомневајте се во тој надворешен живот, кој ви се чини толку важен во животот кој го живеете, сфатете дека - не спомнувајќи ги личните илузии - славата, богатството, итн. - се само измислени уредби на општествениот живот на милиони и милиони луѓе, сите тие се ништожни, бедни трици во споредба со душата, која ја спознавате во себе во овој краток миг на животот помеѓу раѓањето и смртта, и која, неуморно, ви ги поставува своите барања. Живејте само за неа, со неа, со љубовта која ве повикува - и сите добра ќе ви се вратат безброј пати помножени.

Само поверувајте во доброто на љубовта, и отворената покана што ви ја упатува.

Јасна Полјана, 21 август 1908

Мислев дека умирам дента кога го пишував ова. Не умрев, но мојата вера во она што тука го искажав останува еднакво цврста, и знам дека ќе остане непроменета до мојата смрт, која во секој случај може да дојде многу скоро.

Извор: 6yka.com
Фотографии: Tamas Dezso

ОкоБоли главаВицФото