Јас сум лута!

22.04.2014 14:27
Јас сум лута!

Настрана моите идеали, заложби и верувања. Настрана моите ставови, аргументи, погледи на светот. Настрана здраворазумните колумни и објаснувања. Јас сум лута.

Лута сум затоа што невоспитани, необразовани маалски мрсули од луѓе ми ја уништуваат земјата која што и тоа како ја сакам. Лута сум затоа што систематски и неселективно нѐ затапувуваат и туркаат кон пропаст која не е само метафоричка.

Да се објасниме... Не сум националист, ниту пак исклучиво заљубена во Македонија. Истото го тврдам за сите ни државички на Балканот, оти само Балканот ми има смисла на топкава Земјина. И поради тоа се имам вратено. Мој избор е да живеам на Балканот, моментално во Македонија. Мој избор е да го работам тоа што го работам и мој избор е да се откажам од многу полагоден живот за да го работам она што сметам дека е најисправно.

И затоа,  Коглута сум кога гледам како безобразно ја задолжуваат државата, а со тоа и сите нас, небаре земаат пари од паричникот на баба им. Нашата, македонска реалност е дека државата е пред колапс оти буџетот е пред колапс. Кога ќе нема пензии за пензионерите, кога ќе нема плати за професорите, лекарите, учителките, администрацијата.... На која тераса ќе излезеш?!

Кога денешниве студенти на Медицинскиот, Правниот, Архитектонскиот факултет ќе станат лекари, адвокати, архитекти и градежници, кому ќе се јавиш? Дали ќе му довериш да те излекува на студентот кој ти се фалел дека препишувал на пола од предметите? Дали ќе му довериш да те брани на адвокатот кој платил две илјадарки за туѓа семинарска работа? Дали ќе му дадеш да ја изгради твојата куќа на архитектот кој ем препишувал, ем купувал семинарски (секоја чест на исклучоците)?

Лута сум оти македонското образование денес е БЕЗВРЕДНО. Споредувајќи го со средното и високото образование коешто го посетував надвор од Македонија, без никакви тешкотии доаѓам до заклучокот дека македонската иднина само се обезвреднува преку систематско обезвреднување на образованието!

Кога твојата мајка, чичко, син, внука ќе умрат среде ходниците на македонските болници, оти за нив нема соодветен лек, а уште помалку лекар, што ќе направиш? Кој Господ, а кој ѓавол ќе обвиниш? Или тогаш веќе ќе си туфкаш над сопствената несреќа оти живееш во држава каде Министерот за здравство, по професија правник, објаснува дека нашол гинеколог за мажи?!

Ниту сите песни, ниту сите дресови, ниту сите химни, ниту сите пароли, ниту сите празни зборови, ниту сите порнографски истории нема да ја направат Македонија подобро место за живеење. Само паметни политики и домаќинско работење можат да нѐ извлечат од калта во која се наоѓаме. Ако посакувањето подобар живот за сите непознати сограѓани ме прави предавник, со крената глава ќе си го носам жигот!

„За среќа или несреќа“, колку повеќе ме разлутуваат, толку помалку размислувам за какво било откажување. Јас сум во право и отстапување од правдата - нема!

(Ако сѐ уште не сконтавте дека колумнава е за предстојните избори, кратко упатство:

1. На 27 април, стани, измиј се, облечи се, земи ја личната карта и излези од дома.

2. Упати се кон избирачкото место. Влези, поздрави ги присутните културно.

3. Покажи ја личната карта, потпиши се во списокот, пружи го палецот да те обележат.

4. Земи го ливчето за гласање и влези зад гласачкиот пулт.

5. Гласај ПРОТИВ оние коишто ја создадоа моменталната ситуација.

6. Излези и пушти го ливчето во избирачката кутија.

7. Браво.)

Извор: ivanatukatamu.blogspot.com
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото