Научник тврди дека наскоро на Марс ќе може да се одгледува овошје и зеленчук

23.04.2014 09:23
Научник тврди дека наскоро на Марс ќе може да се одгледува овошје и зеленчук

Холандскиот истражувач Вигер Вамелинк претпоставува дека за десет години на Марс ќе може да се одгледува овошје и зеленчук. Тој направил експеримент кој траел 50 дена, на т.н. копија на Марс, која се наоѓа во близина на хавајските вулкани, каде се создадени услови слични на условите на Марс.

Експериментот на Вамелинк покажал дека 14 видови билки кои ги посадил се „фатени“ и почнале активно да растат, а некои дури и процветале. Завршната фаза на овој експеримент би требало да се одвива директно на Марс, каде во иднина треба да отиде експедиција.

Мисија на Марс најави и НАСА и некои приватни компании кои веќе правеа и посебни аудиции за избор на „патници во еден правец“.

Идејата е астронаутите во парови да одат на Марс и да останат таму засекогаш, градејќи населби-колонии.

Сето тоа би било пренесувано на ТВ мрежите на Земјата во вид на „реално шоу“. Меѓутоа, научниците предупредуваат дека луѓето во моментов немаат ресурси за пат на Марс и дека тоа би претставувало самоубиствена мисија.

Многу експерти и научници предупредија дека патниците физички не би го издржале повеќемесечниот пат до Марс, дека им се закануваат голем број заболувања и дека сѐ уште никој не знае како таа мисија би почнала и би завршила.

Извор: klix.ba