Самотијата на Латинска Америка

23.04.2014 15:08
Самотијата на Латинска Америка

Антонио Пигафета, фирентински морепловец кој го придружувал Магелан на неговото прво патување околу светот, напишал ригорозна хроника за минувањето низ Јужна Америка, која сепак изгледа како фантастична авантура. Раскажал дека видел прасиња кои имале папок на грбот, како и птици без канџи, чиишто женки седеле на јајацата на грбот на мажите и други чудни животни како што се пеликан без јазик, чијшто клун личел на лажица. Раскажал дека видел животно кое имало уши на муле, тело на камилa, копита на елен и кое врескало како коњ. Раскажал дека првиот домородец кој го нашле во Патагонија го изгубил разумот, а кога го ставиле тој џин пред огледало, многу се исплашил од сопствената слика.

Таа мала книшка, во која веќе се наоѓале никулците на нашите денешни романи, не е ништо помалку зачудувачко сведоштво од нашата стварност од ова време. Американските хроничари ни оставиле во наследство толку работи што е тешко тоа да се раскаже. Елдорадо, нашата илузорна земја, по која толку се копнеело, постоела на многу географски карти долга низа години и нејзиното име како и нејзиниот облик се менувале според фантазијата на каргографите. Барајќи го Изворот на Вечната Младост, Алваро Нуњез Кабеза де Вака, кој станал мит, осум години го истражувал северот на Мексико, со истражувачка група чиишто членови се изеле едни со други и само петмина од вкупно 600, колку што тргнале, успеале да се вратат. Една од многуте тајни, која никогаш не е разјаснета, е што се случило со 11.000 маски, од кои на секоја биле натоварени сто либри злато, кои еден ден тргнале од Кузкоа како откуп за Атахуалпа и кои никогаш не стигнале на целта. Подоцна, кога тоа место станало колонија, во градот Картагена се продавале кокошки одгледувани на земја која претходно била поплавена, во чијшто хранопровод се пронајдени златни камчиња. Тој златен делириум на нашите основачи нѐ следеше сѐ до неодамна. Пред едвај еден век една германска фирма, која добила задача да ја проучи изградбата на железница на Панамскиот теснец, дошла до заклучок дека проектот би бил изводлив под услов шините да не бидат изградени од железо, кое недостасува во тој крај, туку да бидат направени од злато.

Ослободувањето од шпанската доминација не нѐ заштитило од лудоста. Генералот Антонио Лопез де Сантана, кој три пати бил диктатор во Мексико, ја испратил со прекрасна придружба својата десна нога, која ја загубил во војната наречена Вона за лос Пастелас. Генералот Габриел Гарсија Морено бил гувернер на Еквадор 16 години и се однесувал како апсолутистички владетел, а бдеењето над неговото мртво тело било изведено така што трупот го облекле во гала униформа и на него навлекле украсен оклоп, а бил седнат на претседателското столче. Генералот Максимилијано Хернандез Мартинез, теозофски господар на Салвадор, кој во еден масакр наредил дивјачки да се убијат 30.000 селани, го измислил нишалото кое проверувало дали храната му е отруена, а наредил и да се стави црвена хартија преку јавното осветлување, за да ја спречи епидемијата на шарлах. Споменикот на генералот Франциско Моразан, кој е подигнат на најголемиотплоштад Тегуцигалпа, всушност е статуа на маршалот Неј, купена во Париз во еден склад со стари скулптури.

Пред единаесет години, еден од најголемите поети на нашето време, Чилеанецот Пабло Неруда, со своите зборови ја осветли оваа забрана. Кај оние со чиста совест во Европа, а понекогаш и кај оние со нечиста совест од тоа време, одненадеж избил, повеќе од кога било порано, интерес за фантастичните вести од Латинска Америка, таа огромна татковина на халуцинантни мажи и жени, кои влегле во историјата, чијашто беспримерна тврдоглавост се меша со легендата. Кај нас немало ниту миг мир. Еден прометејски претседател отсечен и нападнат во сопствената палата во пламен, умира борејќи се сам против цела армија, а потоа се случуваат две сомнителни авионски несреќи, кои никогаш не се расветлени и го прекинуваат животот на еден претседател со благородно срце и на еден друг, кој по струка беше војник, но беше демократ и му го врати достоинството на сопствениот народ. Кај нас се случија 5 војни и 17 државни удари, а од нив произлезе диктаторот со луциферски нарав, кој во името на Бога спроведува вистински етноцид во Латинска Америка во наше време. Во тоа време 20 милиони латиноамерикански деца умреа пред да навршат две години од животот, а тоа е број еднаков на сите деца родени во Европа во 1970 година. Поради репресијата во Латинска Америка имаме 120.000 исчезнати лица, а тоа е како денес да не се знае каде исчезнале сите жители на град голем колку Упсала. Многу бремени жени уапсени ги донеле на свет своите деца во аргентинските затвори, но сѐ уште не се знае ниту идентитетот ниту судбината на тие деца, кои тајно се дадени на посвојување или се затворени во сиропиталишта од аргентинските воени власти. Затоа што не сакале работите и понатаму да одат во тој правец, околу 200.000 жени и мажи доброволно го дале животот борејќи се во Средна Америка, Никарагва, Салвадор и Гватемала. Да се случеше тоа во САД, бројот во пропорција би изнесувал еден милион и 600 илјади случаи на насилна смрт во период од само четири години.

Од Чиле, земја која е традиционално многу гостопримлива, побегнале еден милион луѓе: 12% од населението на земјата. Во Уругвај, минијатурна нација од 2,5 милиони жители, сметана за најцивилизирана земја на континентот, денес секој петти жител е во бегство. Граѓанската војна во Салвадор на секои две минути раѓа по еден бегалец и тоа почнувајќи од 1979 година. Земјата која би можела да се состави од сите тие бегалци и емигранти поради насилството во Латинска Америка би имала повеќе жители од цела Норвешка.

Се осмелувам да мислам дека оваа извонредна стварност, а не само нејзиниот книжевен израз, оваа годиниа го заслужи вниманието на Шведската Академија за Книжевност. Тоа не е хартиена стварност, туку стварност која живее со нас и во секој миг ја одредува недобројната цифра на нашите секојдневни умирања, и токму таа го одржува жив непресушниот извор на нашата креативност, полна со несреќа и убавина, поради која еден Колумбиец талкач, обземен од носталгија, само еден помеѓу многуте други, има среќа да го забележат и да го разликуваат меѓу многуте чијашто судбина е сосема иста. Поетите и просјаците, музичарите и пророците, војниците и подлеците, сѐ се тоа креатури на таа незауздана стварност и многу малку требаше да се бара од фантазијата, бидејќи за нас најголем предизвик беше токму недостигот од конвенционални средства, за нашиот живот да изгледа веродостоен. Тоа е, пријатели, јазолот на нашата самотија.

Па ако нашите тешкотии нѐ умртвуваат, тие истовремено се и наша движечка сила и не е тешко да се сфати дека рационалните таленти на оваа друга страна од светот, обземени со набљудување на сопствените култури, останаа без успешен метод да нѐ интерпретираат. Сфатливо е тоа што тие бараат да се мериме со истата мера, која тие ја применуваат за себе и не е ни потребно да се потсетува дека животните искушенија не се еднакви за сите и дека потрагата по сопствениот идентитет е исто толку тешка и крвава за нас колку што била и за нив. Интерпретирањето на нашата стварност со помош на туѓите схеми придонесува единствено за тоа да станеме сѐ помалку познати, сѐ помалку слободни, сѐ повеќе осамени. Можеби Европа достојна за почит би имала повеќе разбирање, доколку би настојувала да нѐ види и запознае преку своето сопствено минато. Кога би се потсетила дека на Лондон му требале 300 години да го подигне својот прв ѕид и уште 300 да го добие својот бискуп, дека Рим се препелкал во мракот на неизвесноста цели 20 века пред еден етрурски крал да го всади во историјата, дека уште во XVI век денес толку мирољубивите Швајцарци, кои нѐ одушевуваат со своите вкусни сирења и своите беспрекорни часовници, ја раскрвавиле Европа како платени војници. И за време на славниот апогеј на Ренесансата 12.000 војници на ландскнехтот на царската армија го ограбиле и разориле Рим и со ножеви заклале илјадници жители на тој град.

Не настојувам да станам отелотворение на илузијата на Тонио Крегер, чиишто соништа за единство на невиниот Север и страсниот Југ длабоко го возбудувале Томас Ман пред 53 години на ова исто место. Сепак, уверен сум дека Европејците со просветлен дух, оние кои овде исто така се борат за голема, похумана и поправедна татковина за сите, би можеле далеку повеќе да помогнат кога темелно би го промениле начинот на мислење и поинаку би гледале на нас. Солидарноста со нашите соништа нема да направи да бидеме помалку осамени додека не се претвори во конкретни дела на легитимно помагање на оние народи кои ја прифателе илузијата дека имаат право на сопствен живот при поделбата на светот.

Латинска Америка не сака и нема зошто да биде лудак без разум и нема ништо нестварно во фактот нејзиното тежнеење за независност и за оригиналност да станат исто така и аспирации на западот. Сепак, се чини дека напредокот во навигацијата, кој толку ја намалил далечината помеѓу Америка и Европа, за возврат ја зголемил нашата културна оддалеченост. Зошто оригиналноста, која безрезервно ни се дозволува во книжевноста, бидува одбивана со сите можни сомничења, кога станува збор за обидите за промена на општествениот поредок? Зошто се мисли дека социјалната правда која авангардните Европејци сакаат да им ја наметнат на своите земји, не може да биде и латиноамериканска цел постигната со различни методи во услови кои се сосема различни? Не: безмерното насилство и болката на нашата историја се разултат на вековни неправди и неискажлива горчина, а не некој комплот, скован 3.000 милји далеку од нашиот дом. А извесен број европски водачи и мислители поверуваа во тоа, со детинест дух на дедо и баба, кои заборавиле на плодоносната лудост на сопствената младост, како да не постои ниту една друга судбина освен да се живее изложен на милоста и немилоста на двата големи господари на светот. Толкава е, пријатели, големината на нашата самотија.

Сепак, пред угнетувањето, пред грабежот, пред напуштеноста, наш одговор е животот. Ниту поплавите, ниту чумата, ниту гладот, ниту природните катаклизми, па дури ни вечните војни, кои траат со векови, не успеаја да ја намалат постојаноста на животот пред смртта. Таа предност на животот се зголемува и добива забрзување. Секоја година има 74 милиони повеќе раѓања од умирања, таа количина на нови животи е толку голема, како за една година седум пати да сте го зголемиле населението на Њујорк. Најголемиот број новороденчиња доаѓаат на свет во земјите кои имаат најмалку средства, и меѓу нив, секако, во Латинска Америка. Како реванш, земјите со најголем просперитет успеаја да натрупаат толку разорувачка моќ, да можат да ги уништат сто пати не само сите човечки суштества кои денес постојат, туку севкупните живи суштества, кои минуваат низ оваа несреќна планета.

Еден ден сличен на овој, мојот учител Вилијам Фокнер кажал на ова место: „Одбивам да го признаам крајот на човекот“. Би се сметал за недостоен да го заземам ова место, кое било негово, кога не би бил сосема свесен дека за прв пат од почетокот на човештвото, колосалната катастрофа, која тој одбивал да ја признае пред 32 години, денес стана само една од научните можности. Пред таа запрепастувачка реалност, која од памтивек морала на луѓето да им изгледа како утопија, ние, измислувачите на приказни, кои би поверувале во што било, чувствуваме дека имаме право да веруваме дека сѐ уште не е доцна да се тргне во создавање утопија во спротивен правец. Нова и победничка утопија на животот, каде никој не може да одлучува за начинот на кој некој друг треба да умре, каде навистина љубовта ќе биде вистинска љубов, каде среќата ќе биде можна и каде расите, осудени на сто години самотија, конечно ќе имаат, и тоа засекогаш, втора шанса на Земјата.

(8 декември 1982)

 

Извор: www.nobelprize.org

ОкоБоли главаВицФото