(Мон)тажна Македонија

24.04.2014 08:17
(Мон)тажна Македонија

Сите со право на глас – свој или монтиран, сеедно – в недела ќе треба да ја легализираат монтажната дивоградба наречена Македонија, земја во која одамна (види „Отчет“) ништо не е тоа за што се претставува. Да излезат и наместо на десниот, да бидат жигосани на „левиот палец од левата рака“, како неизбришлив доказ дека прифатиле Македонија да се претставува како држава, Груевски како премиер, Иванов како претседател, Зврлевски како обвинител, весниците, радијата, телевизиите и порталите како медиуми, МРТВ како јавен сервис, едноумието како плурализам, диктатурата како демократија, послушниците како интелектуалци, фамилијарните интереси како државни, кичерајот како уметност, предавниците како патриоти, судиите како делители на правда... (Единствено нешто што не се претставува никако или, во најдобар случај, како непостоечко, се доказите за корупциските мегаскандали поврзани со властодршците.)

Тоа што изгледа дека никој при здрав разум и чиста совест нема морално право да го прави, не менува многу на теренот. Зашто, голем дел од таканареченото гласачко тело има обврска да гласа. Не толку граѓанска и законска, колку партиска и нелегална: за десетина евра, за додаток, за покачување, за скијање, за ветената работа, за да остане на работа, за социјална помош, од страв...

За среќа, тоа веќе не е ни страшно ни тешко да се направи. Во оваа земја на кулиси, монтажи и Потемкинови села, лажното е единственото вистинско претставување.

(редакциски коментар во Слободен печат)

Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото