Никола Груевски - малиот диктатор

24.04.2014 11:40
Никола Груевски - малиот диктатор

Никола Груевски, од 2006 година на власт, инсталираше полуавторитарен режим во етнички поделената Македонија. Во тоа му помага грчката политика на блокада.

Кога во Брисел и другите европски престолнини станува збор за Западен Балкан, Македонија ретко кога е тема на разговор. Фокусот многу повеќе се насочува на Србија и Косово, каде што дипломатите на ЕУ минатата година со „договорот за нормализација“ можеа да покажат успех. Но најмногу се зборува за Босна и Херцеговина, чија постојана криза сега треба да се третира економско-политички. За меѓународните медиуми Македонија е непознат терен. Само монументалниот проект за обнова на градот „Скопје 2014“, еден вид на национален тематски парк, повремено привлекува новинари во земјата: овој обид да се изгради историски идентитет отвора простор за многу исмејување.

Скапи подароци

Но, Македонија е тема, дури и школски пример, кога станува збор за тренд, кој политикологот од Грац Флориан Бибер го опишува како „авторитарно искушение“ на Југоисточна Европа: слаби држави чии институции се користат од страна на владините партии за згрижување на приврзаниците и постојани кампањи за да се одржат идеолошки будни. Бидејќи медиумите се зависни од владата, а судството е слабо, во јавниот простор во кој доминира државата, опозицијата е успешно маргинализирана. Овој модел се етаблира во нијанси од Грција до Унгарија, од Србија до Романија, внатре и надвор од ЕУ.

Она што ја прави Македонија посебна е консенквентноста со која премиерот Никола Груевски воспостави авторитарна полудемократија. Тој е шеф на владата од 2006 година и ќе продолжи да владее и по следните избори кон крајот на април. Неговото владеење се темели на три столба: идеологија на закана однадвор и однатре, хомогена историска слика на националната заедница и ефикасна контрола на институциите и медиумите. Сето ова е скапо, и токму тоа е Ахилова пета на системот. Тој функционира само доколку следбениците се среќни во однос на материјалното. Во економски слабата Македонија, ова долгорочно ќе стане проблем.

Раѓањето на системот беше на 3 април 2008 година. На самитот на НАТО во Букурешт барањето за членство на Македонија беше одбиено поради грчката закана за вето. На тој начин стана јасно дека евро-атлантската интеграција на Македонија ќе биде долго време блокирана. Од прогласувањето на независност на југословенска федерална република во 1991 година, Грција се противи новата држава да го носи името Македонија. Таа тоа го гледа како претензија во однос на нејзината територија, зашто северниот дел на Грција се вика исто. Атина се жали и на „крадење“ на нејзината историја, бидејќи се гледа себе како единствен наследник на античка Македонија. Иако двете земји склучија договор во 1995 година во кој Македонија се откажа од какво било проширување на својата територија и Атина се обврза да не ѝ застане на патот на соседната земја во пристапот кон меѓународните организации. Но, Атина го прекрши договорот. Оттогаш Македонија сѐ повеќе се лизга во една нездрава изолација.

Пред неколку години, земјата важеше за успешна приказна. Откако во 2001 година, една герилска група припадници на албанската заедница ја доведе Македонија до работ на граѓанска војна, преку Охридскиот договор – под притисок од Брисел и Вашингтон – беа договорени реформи. Тие го зголемија учеството на Албанците во државата, без притоа да се доведе во прашање единството. Но како последица на тоа се засили еден поинаков развој: политичките елити на Македонците и Албанците ја делат државата неформално и ја контролираат преку своите партии. Во општеството се продлабочува сегрегацијата.

Национален кич

Груевски во Грција има свој непријател, кого го култивира со страст, најочигледно во проектот „Скопје 2014“. Три пати Скопје го смени својот лик, раскажува Андреј Жерновски, градоначалник на општината Центар од опозицијата. 1689, кога генералот Пиколомини го запалил градот, 1963 преку фаталниот земјотрес и сега со проектот на Груевски.

Во суштина, скромниот главен плоштад, чија атракција беа османлискиот мост на Вардар, турската тврдина спроти него и погледот на околните планини, стана вулгарно уметничко дело. Опкружен со споменици на македонските патриоти, над фонтаната на височина од 25 метри се издигнува Александар Велики на коњ. Од другата страна на реката Вардар поздравува статуата на неговиот татко, Филип Македонски. А меѓу нив во трета фонтана седи мајката Олимпија во повеќе бронзени одливи: прво бремена со Александар, потоа како доилка и на крајот држејќи го во скутот идниот владетел. Барокни куполи, класични храмови и малку притеснета триумфална порта ја врамуваат шумата од фигури.

Пораката е јасна: тука живеат потомците на античкиот народ. Очигледно е дека култот на Александар го отежнува согласувањето со соседот Грција, која е понижена од кризите и наредбите за штедење. Но можеби Груевски воопшто не е заинтересиран за рамнотежа. Зашто блокадата на Атина го поштедува од реформите кои се неизбежни во пристапните преговори со ЕУ.

Во една навидум историска новоградба „Музејот на македонската борба за држава и независност“, продолжува наративот на споменици. На гигантски хипер-реалистични платна е прикажана битката против Турците, Србите, Бугарите и Грците. Недостасуваат објаснувања, дијаграми и мапи. Затоа, пак, со голем ентузијазам сето тоа го објаснува младото момче Филип.

Речиси неверојатно е претставувањето на периодот на Тито. Во затемнета просторија, мешавина на гулаг и комора за тортура, македонскиот народ и неговите водачи гладуваат како „жртви на комунизмот“. Филип не кажува ни збор за тоа дека под Тито, земјата за првпат доби државност и почна да се шири соодветната национална свест. Најпосле ова место станува јасно дека ова не е национален музеј, туку храм на владејачката партија. Искривеното претставување на повоениот период треба да ги дискредитира и социјалдемократските наследници на комунистите.

Млади луѓе со нови идеи


Опозицијата против „Скопје 2014“ предизвика нови протестни движења, настрана од традиционалните партии. Имаше демонстрации за објавување на трошоците; се бараше редистрибуција на средствата во корист на училиштата и урбаната инфраструктура. Во овие групи сега работат спротивно на трендот, и Македонци и Албанци. Она што ги обединува повеќето млади луѓе се желбата за урбан начин на живот и одбивање на етнички заснованото владеење на етаблираните партии. Но, во секој случај, досега не постигнале многу.

Од ова профитираше „чаршијата“, стариот турски пазар со своите убави, еднокатни куќи и улици со калдрми. Со растечките етнички тензии и војната во Косово во деведесеттите години овој дел од градот стана пуст. Преку ден се пазареше и продаваше, но со паѓањето на ноќта луѓето исчезнуваа. Само неколку албански чајџилници останаа отворени, во кои мажи во бледата светлина играа карти.

Сега е многу активно тука. Во топлите ноќи луѓето се туркаат околу масите на малите барови. Светилки во различни бои ги осветлуваат старите ѕидини, гостите се нишаат со полни чаши на звуците на реге и салса. Поинаку отколку во кафулињата на главниот плоштад, тука никој не го подига гласот кога дискусијата ќе стане политичка. Она што ги лути многумина од младите е општествената идеологија на владеачката партија. Еден рестриктивен закон за абортус го укина либералното решение. Растечката стапка на разводи партиските функционери ја објаснуваат како еманципација на жените, „инспирирана од западот“. Иако, како што гордо додава една студентка, ситуацијата на жените во Југославија била подобра отколку на запад. Суптилно се поддржуваат хомофобични тенденции, раскажува еден активист. Законот против дискриминација нема член кој се однесува на дискриминација врз основа на сексуална ориентација. Државната постојана кампања за раѓање на повеќе деца не може да носи резултати, сѐ додека економијата стагнира.

Не е вистина дека само се расправаме и пиеме во „чаршијата“, уверува еден соговорник. Има културни и политички настани кои се добро посетени. Некој скептик може да се спротивстави дека „ние веќе не така млади“ тука го забораваме тмурното секојдневие благодарение на трговијата и културата. Социологот Катерина Колозова на тоа гледа поразлично. Посетата на новоразбудениот стар дел на градот со своите барови и места за собири за мнозина е свесен чекор да се прифати отоманското наследство - една трета понуда за идентитет, надвор од македонскиот и албанскиот национализам.

Шиканирачките инспекции на даночните инспекции и една владина пропаганда која го оцрнува движењето на младите како непатриотско, му го отежнуваат животот на „другото Скопје“. Но отпорот останува: против националистичкото уредување, јавниот простор во „чаршијата“ се брани како предуслов за демократија, вели Колозова.

Во ќор-сокак

Македонија очигледно се наоѓа во опасен ќор-сокак. Постојаното оттргнување од интеграцијата во ЕУ го зголемува ризикот од меѓуетнички конфликти. А веќе е несигурно дали земјата сѐ уште ги исполнува критериумите за преговори за членство, дури и без грчкото вето. Што да се прави? Наместо да се земе како предуслов за пристапни преговори решението за прашањето за името, тоа треба да биде последен услов за пристапување кон ЕУ. Оправдана е надежта дека во долгите години на преговори со Брисел ќе следува општествен пресврт, кој ќе го омекне авторитарниот систем на Груевски.

Извор: Ноје Цирихер Цајтунг, 23.04.2014.
Слики: Свирачиња