Автоцензура – новинари во „костумот“ на власта

25.04.2014 07:56
Автоцензура – новинари во „костумот“ на власта

Вака би изгледале македонските весници со отпечатени, па покриени автоцензурирани сегменти. Фото: Marco Bernardini, 2007

Набљудувачите на мониторинг мисијата на ОБСЕ/ОДИХР и Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), го забележале „феноменот автоцензура кај медиумските чинители“ во државата и го нотирале во прелиминарниот Извештај за првиот круг од претседателските избори.

Но, зошто новинарите се решиле да ги повлечат границите на својата слобода и какви размери добива оваа опасна болест за здравјето на нашето општество? Во март годинава беа објавени поразителни резултати од Истражувањето на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и агенцијата „М-проспект”, за работничките и професионалните права на новинарите во Македонија. Ова истражување, во кое биле опфатени 300 испитаници, од кои 98 проценти новинари, покажа дека дури 65 проценти од нив на своја кожа искусиле цензура, а 53 проценти практикувале автоцензура!

ФИЛТРИРАЊЕТО СТАНУВА РУТИНА

Со други зборови, голем процент новинари се пожалиле на висок дефицит на слобода во медиумите и признале дека делувале спротивно на професионални убедувања. Впрочем, не е никаква тајна дека секојдневниот притисок (економски) на кој се изложени новинарите, често пати резултира со прифаќање на наметнати правила на игра. И во една таква ситуација новинарот самиот ќе ги прочисти информациите уште пред да ги стави на хартија. Филтрирањето станува рутина и се прави дури и кога оние, кои ја креираат политиката на медиумот, нема тоа да го побараат. А, со таков притисок новинарот не може да остане независен, ниту да биде објективен и правичен – и кон јавноста и кон оние за кои известува.

И додека цензурата се доживува како форма на контрола на информациите и идеите што циркулираат во општеството, а која се манифестира во сите облици на власт, феноменот автоцензура се случува кога самите новинари го стопираат објавувањето на податоците и свесно ја лимитираат сопствената слобода на творештво. Така што, автоцензурата е многу пострашна од цензурата и оди рака под рака со конформизмот.

ОГЛАСУВАЧИТЕ НЕ СМЕАТ ДА СЕ НАЛУТАТ!

Постојат бројни дефиниции за самоцензурата. Таа главно се дефинира како контрола на изразување или творење со цел да се избегнат одредени непријатности, но без отворен притисок од партијата на власт, некоја државна институција или компанија. Во Википедија е запишано дека за разлика од државната цензура:

„Автоцензурата значи ограничување на слободата на изразување и слободата на објавување, што сами си го наметнуваат електронските и печатените медиуми, како и издаваштвото. А, ставено во контекст на слободата на медиумите тоа се смета за крајно проблематичен процес. Државата не интервенира кај автоцензурата, бидејќи, самоцензурата ја прави институционалната цензура речиси непотребна . Типичен пример за автоцензура е кога уредникот, за да не си прави проблеми, свесно или несвесно се определува да не известува за теми кои би можеле да ги налутат огласувачите или сопствениците на медиумот (матичната компанија).“

НОВИНАРИТЕ ВО ГРЧ

Претставниците на „Репортери без граници“, пред два месеци во Скопје говореа како Македонија се најде на 123 место во нивниот Извештај за 2014 година. Како главни причини поради кои земјата е толку ниско позиционирана на листата на држави според слободата на медиумите, беа посочени автоцензурата и државното рекламирање. Според мислењето на Антоан Ери, шеф на канцеларијата на „Репортери без граници“ за ЕУ и Балканот , според сите параметри Македонија си го заслужува ова место.

„Македонија се најде на 123-то место во Извештајот , што за 4 години е вртоглав пад од 87 места поназад, тоа јасно говори за ерозија на слободата на изразувањето во медиумите. Автоцензурата достигна таков степен, што новинарите мораат да ја извршуваат професијата во клима која е сè потешка, дури и задушлива. Македонските власти имаат влијание кое е нетолерантно кон редакциите и има изразен интервенционизам,“ кажа тогаш шефот на канцеларијата на „Репортери без граници.

Не може да се остане рамнодушен на вакви оценки и на фактот што овој феномен, кој се активира кога има клима на страв, нашол плодна почва во македонското новинарство. Напротив, загрижува сознанието за толку многу самоцензура во медиумите и отвора многу прашалници. Што е тоа што ги натерало новинарите да ги „омекнуваат“ своите текстови или да ги кријат информациите, иако знаат дека се вистинити? Иако знаат дека поради фабрикуваните извештаи нема добро да се чувствуваат, дека ќе им тежат на душата и нема мирно да спијат. Причината за тоа, главно, е стравот од губењето на работното место. И тој страв ги држи во константен грч. Затоа и се подложни на мека или пријателска цензура и автоцензура.

ПРИЈАТЕЛСКА ЦЕНЗУРА ИЛИ САМОЦЕНЗУРА

Еден од најистакнатите и најинтересни писатели на балканските простори , Данило Киш (1935-1989) таканаречената „пријателска цензура“ – добронамерните совети за исфрлање на одредени чувствителни делови од текстот, ја опишал како своевиден премин од цензура кон автоцензура.

„Самоцензурата е невидлива, а присутна, далеку од очите на јавноста, потисната во најскриените предели на духот, таа ја врши својата работа поефикасно од која било цензура. Иако и двете се служат со истите средства: закани, страв и уцени, автоцензурата го прикрива, или барем не го денунцира постоењето на притисокот. Борбата со цензурата е јавна и опасна, па затоа е херојска. Додека борбата со автоцензурата е анонимна , осамена и без сведоци и поради тоа кај личноста предизвикува чувства на понижување и срам поради колаборационизмот.“

СЕСТРА НА ЛАГАТА – ДУХОВНА КОРУПЦИЈА

Познатиот писател на автоцензурата гледа како на читање на сопствениот текст со туѓи очи. И таквиот, нималку пријатен чин го опишува многу сликовито:

„Самите станувате сопствен обвинител, сомнителен и строг, повеќе од кој било. Затоа што вие во таа улога го знаете и тоа што никогаш ниту еден цензор нема да го открие во вашиот текст, тоа што сте го премолчиле и тоа што никогаш не сте го ставиле на хартија, но што ви се чини дека останало меѓу редови “.

Данило Киш за автоцензурата ќе каже уште дека е сестра на лагата, духовна корупција и негативен набој на креативната енергија. Како и тоа дека долготрајното делување на автоцензурата неизбежно води кон творечки, креативни и човечки катастрофи, не помали од оние кои ги носи цензурата.

РУТИНСКИ ПОВИЦИ ОД ВЛАСТА

Самоцензурата кај македонските новинари е еден од проблемите посочен и во Извештајот за човековите права на Стејт Департментот за Македонија во делот за слободата на медиумите за 2013 година. Во овој Извештај објавен на крајот на февруари оваа година, исто така, се вели дека автоцензурата е резултат на притисокот на Владата врз медиумите и новинарите.

„Голем број новинари соопштија дека биле под притисок да заземат провладин став во известувањето, а во спротивно би ги изгубиле своите работни места. Имаше тврдења дека Владата вршела притисок врз медиумите и ги принудувала новинарите да практикуваат самоцензура. Новинарите соопштија дека е присутна многу поголема самоцензура при известувањето за прашања чувствителни за Владата. Медиумите во приватна сопственост тврдеа дека примале рутински повици од претставници на највисоките нивоа на власта, диктирајќи им како и за што да известуваат во однос на политичките прашања“, е констатирано во Извештајот.

КОНФОРМИЗМОТ ГО ГАЗИ ПРОФЕСИОНАЛИЗМОТ

За жал, бројни се примерите на самоцензура во македонските медиуми. На пример, во дел од извештаите за новинарскиот протест против пресудата за затворска казна на колегата Томислав Кежаровски, некои новинари ги оцрнија демонстрантите – нивни колеги, а целосно го премолчија грубото однесување на полицијата. Сакајќи да го минимизираат и дискредитираат протестот (што е навистина поразително) објавија дека имало едвај 50 новинари, а другите биле постари лица и опозиционери, „кои дошле со цел да прават немири“!

За тоа, пак, што навистина се случуваше на протестот, сведочат снимките од настанот. А, ваквите „осакатени“ извештаи само покажуваат како професионалната совест и свест била поразена од конформизмот. Ова, за авторите на текстовите, веројатно не била лесна битка. Најмногу поради тоа што беше во прашање новинарски протест за колега, кој во тоа време се уште беше во притвор. Токму затоа, барем од колегијален аспект, новинарите кои известуваа требаше да ја пренесат атмосферата онаква каква што беше – ниту да одземаат, ниту да додаваат. А не, да го „искасапат штофот“ на сопствениот новинарски еснаф, растргнат меѓу кордонот од специјалци и Музејот на револуционерната борба за да биде поличен „костумот“ на Владата!

САМО ДОБРИ ВЕСТИ

Во почетокот на декември една телевизија со национална концесија, ги пренесе само добрите вести од прес-конференцијата на еврокомесарот за проширување, Штефан Филе. Притоа, од обраќањето на еврокомесарот за проширување свесно е изоставен најважниот дел во кој упатува јасна порака до државното раководство:

„Перспективата за самитот во декември, но и за подоцна, и понатаму е темна. Јас сум загрижен за домашната политичката ситуација во ПЈР Македонија и тензиите меѓу Владата и опозицијата, како и од тоа што нема опипливи резултати за прашањето за името…“

Што ги натерало колегите да избришат, или, сокријат цели пасуси кои се неповолни за Владата, не е тешко да се претпостави.

НЕМА АФЕРИ ВО ВЛАДАТА – КРИСТАЛНО Е ЧИСТА!

Пример 1

Некои медиуми го слушнале само гафот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кога тој на прес-конференцијата на 15 април оваа година јавно го праша премиерот, Никола Груевски:

„од кој познат бизнисмен зел 1,5 милиони евра во кеш, зошто ја оштетил државата за 225.000 евра за неплатен данок, дали е тој прататкото на оф-шор мрежите, оф-шор компаниите преку кои се изнесува капиталот на македонските граѓани, а се внесува како капитал на фамилијата, и дали со овие пари купува гласови“,

Заев, тогаш наместо „оф-шор“ компании, рече „оф-шорт“ компании. Па, освен за гафот на лидерот на СДСМ, во овие медиуми немаше ниту збор за обвинувањата кои Заев ги упати до Груевски.

Интересно е што само дел од медиумите што пишуваат со симпатии кон власта, го пренесоа соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, во кое се вели дека „Заев измислува и халуцинира“ и дека премиерот ќе поднесе тужба за навреда и клевета.

Но, ниту еден од овие медиуми не ги пренесе и прес-конференциите на Заев што следуваа во наредните два дена. На едната, лидерот на СДСМ обелодени дека Груевски, наводно,

„за продажбата на Македонска банка земал 1,5 милиони евра во кеш од контроверзниот српски бизнисмен Јовица Стефановиќ- Нини “.

На другата прес-конфернција Заев на медиумите им ја достави аудио снимката, која според него, е доказ за „скандалот во кој е инволвиран премиерот“.

За одбележување е и тоа што имаше речиси целосен молк (со ретки исклучоци) и во печатените медиуми. Исто така, за овој скандал што го отвори опозицијата, воопшто не информираа државната телевизија (МРТ), како три и телевизии со национална концесија, наклонети на власта. Веројатно, проценката била дека аудио снимката може да предизвика нервоза кај оние кои не е препорачливо да ги нервираат. Па, затоа, се определиле да бидат прагматични и целосно да го игнорираат случајот, бидејќи, и онака, Владата си е кристално чиста!

Пример 2

Дел од медиумите покажаа незаинтересираност и кога опозицијата го обелодени случајот „Актор“ и изрази сомнеж за тоа како е можно за „автопат долг само 28 километри Владата да потроши 271 милион евра, односно по 10 милиони евра за секој километар од автопатот Демир Капија–Смоквица“.

Меѓутоа, овие медиуми интегрално ги пренесуваа реакциите од ВМРО-ДПМНЕ за тоа дека: „За реализација на овој проект се почитуваат сите европски и македонски законски правила. “

Само, прашање е какви сопирачки треба да повлечат новинарите, за да не објават информации поврзани со мега афери кои водат до врвот на Владата?

Пример 3

Дел од медиумите не обрнаа внимание ниту кога опозицијата во почетокот на јануари обелодени скандал со милионски тендер во здравството, објавувајќи документи, според кои се тврдеше дека „омилената уредничка на премиерот и на владејачката партија била бизнис партнер на власта во секторот здравство“. Но, иако не видоа провокација во споменатата афера, неколку дена подоцна во истите медиуми имаше прилично опширни написи посветени на образложението на министерот во врска со случајот.

Па, кога ќе се прочитаат само тие текстови, се добива впечаток дека всушност, немало афера. Дека се било законски, освен, можеби „малку неетички“.

И конечно, дали нештата ќе се кажат, или ќе се премолчат и беспоговорно ќе се исполнат очекувањата на уредништвото или менаџментот, е лична одлука. Исто како и одлуката каде да се повлечат линиите помеѓу самоконтролата, конформизмот и автоцензурата. Па, ако се очите огледало на душата, а медиумите огледало на општеството, сликата во огледалото на нашата македонска сага, за жал, не е многу привлечна.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).