Што е глупо во Програмата на ВМРО-ДПМНЕ?

25.04.2014 10:37
Што е глупо во Програмата на ВМРО-ДПМНЕ?

Glupo je što ga bese – oni će znači da ga obese a čovek se nije ni nadao.
(од книгата „Како расте памет“)

 

Глупо е што не е наменета за граѓаните на Република Македонија, бидејки има 384 страници кои само будали како мене ќе решат да ги прочитаат.

 

1. Глупо е тоа што тој што ја правел не знае дека станува збор за парламентарни, а не за за локални избори.

Во програмата има стотици проекти кои се во надлежност на локалната самоуправа, а не во надлежност на пратениците во Собранието на Република Македонија.

Само како пример:

Проект: изградба на улицата 6. Во рамки на проектот предвидена е комплетна изградба на ул. „6“ во должина од 583 м, што вклучува поставување на тампонски слој, рабници, асфалтирање и пешачки патеки од двете страни на улицата.

СПОРЕД ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНИ ПАТИШТА (чл. 14 - Работите на изградбата, реконструкцијата, рехабилитацијата, одржувањето и заштитата на општинските патишта ги вршат општините, односно градот Скопје.)

или:

Проект: паркинг за велосипеди пред јавните институции

или:

Проект: асфалтирање на улица Славе Евтовски во Градско; асфалтирањето ќе биде во должина од 360 метри и ќе овозможи полесен, побрз и побезбеден транспорт на оваа релација.

2. Глупо е што во неа се измешани баби и жаби (стратешки цели, национални интереси, активности на ниво на држава и маалски цели и активности во месни заедници).

На пример, под насловот Заштита и унапредување на животната средина и природата нема активности со кои би се намалила загаденоста на воздухот, со кои би се заштитило зеленилото во градовите и националните паркови, нема ни збор за заштита на загрозени видови, меѓутоа има проект за промоција на ружите:

Проект: рози. Проектот има цел розите да станат препознатлив симбол на Република Македонија, преку нивно засадување покрај булеварите – кружните текови, сообраќајниците, парковите, дворовите и балконите, со што ќе се поттикне еколошката свест, континуирана заштита и прочистување на медиумите на животната средина, како и хортикултурно разубавување на јавните површини. Ова ќе поттикне и развој на цвеќарството, како една современа земјоделска дејност. Во проектот ќе бидат вклучени сите општини во Р. Македонија.

Додека во Скопје рапидно се намалуваат зелените површини, ВМРО-ДПМНЕ ќе сади ружи.

Или:

Проект: 100 повеќенаменски маалски игралишта (дури не се ни општински)

3. Глупо е што ВМРО-ДПМНЕ наместо системски решенија и активности предлага проекти кои соодветствуваат на невладини организации или специјализирани асоцијации формирани за таа намена.

Проект: едукација за селектирање отпад. Се планира да се реализираат серија едукативни активности во училиштата, општините и во приватните компании, со цел да се презентира значењето на селектирањето на амбалажниот отпад.

Или:

Проект: поддршка на млади поети. Проектот има за цел да го поддржи творештвото на младите поети. Средношколците и студентите кои пишуваат поезија ќе имаат можност да ги пријават своите творби на конкурс каде комисија од истакнати писатели ќе ги одбере најдобрите творби на околу 20 млади автори. Одбраните творби ќе бидат наградени така што ќе бидат објавени во збирка поезија. На овој начин покажуваме поддршка за младите автори и за унапредувањето на македонската литература.

Или:

Проект: од дете за дете. Овој проект континуирано се реализира веќе 3 години и има за цел да ги стопли срцата на сите болни дечиња сместени во болници и установи низ целата република, децата од ранливи категории и децата без родители. Децата од детските градинки изработуваат играчки за своите врсници со цел да ги приближат до нормалното секојдневие.

4. Глупо е што ВМРО-ДПМНЕ располага со средства кои ги нема и претпоставената поддршка од надвор ја прикажува како сигурно вложување.

На пример:

Проект: чиста вода за Кичево. Овој проект е планиран да се реализира со средства од ЕУ-ИПА, за што ќе се изработи потребната техничка документација за да биде одобрен проектот за финансирање од ЕУ. Во рамките на проектот ќе се изгради нова современа пречистителна станица за третман на отпадни води за жителите на градот Кичево.

Ако ЕУ не го одобри проектот – таа ќе биде крива што жителите на Кичево нема да имаат чиста вода за пиење.

5. Глупо е што ВМРО-ДПМНЕ предвидува Собранието да ја извршува улогата на сите институции.

На пример, Собранието ги заменува факултетите, институтите, образовните институции:

Проект: превод на дела со историска содржина на македонски јазик

Или:

Проект: уредување и обележување на 184 планинарски патеки од цела Македонија (со што Собранието ја презема улогата на македонската планинарска асоцијација)

6. Глупо е што промовира дискриминација на сопствените граѓани во однос на државјани на други држави.

На пример, со проектот крај за дискриминацијата на нашите иселеници уште од времето на социјализмот всушност ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе ги користи парите на сопствените граѓани кои тие ги издвојуваат за пензии за плаќање на пензии на луѓе кои своите издвојувања ги дале во други држави:

Проект: помош на пензионерите од странство. Пензионерите што живеат во странство, во земји каде Македонија нема склучено конвенција за социјално осигурување, како што се Австралија (колку што знам, со Австралија имаме билатерален договор, НМ), Нов Зеланд, Америка, Канада (колку што знам, со Канада имаме билатерален договор, НМ), доколку посакаат да се вратат во родните огништа во Македонија и да го проживеат остатокот од животот, приморани се да плаќаат здравствено осигурување со највисоката стапка во Република Македонија. Со оваа измена нашите иселеници ќе се изедначат со македонските граѓани во системот на здравствено осигурување, преку усогласување на стапката на придонес.

7. Глупо е што во програмата се ставени веќе направени работи.

На пример:

Проект: електронска здравствена книшка. Во моментов осигурениците ги носат со себе здравствените книшки при секој преглед во здравствена установа, набавка на лек во аптека итн., односно при користење на здравствените услуги. Со целосното имплементирање на информатичките системи во здравството ќе се исфрлат од употреба здравствените книшки. По примерот на земјите во ЕУ, единствено што ќе треба секој осигуреник да носи со себе при секоја посета на здравствена установа и/или аптека е електронската здравствена картичка, со што ќе се олесни начинот на користење на здравствените услуги, подобра размена на податоци, итн.

8. Глупо е што дел од понудените проекти се потполно неспроведливи во Република Македонија и дури и спротивни на вистинските потреби на граѓаните.

На пример:

Проект: електронска комуникација со Фондот за здравствено осигурување. Ќе воведеме проект за електронско поднесување барање за рефундација на средства за лекови на рецепт и електронско следење на статусот на поднесеното барање. Со овој проект во најголем дел ќе ги скратиме потребните документи кои сега осигурениците ги доставуваат за остварување на ова право преку електронско поврзување и размена на податоци со останати институции. Единствено осигуреникот по пошта ќе го добие оригиналното решение, а претходно со датумот на изготвување и потпис на решението ќе може да си провери дали е позитивно или негативно решено неговото барање.

Тоа, овие гревчиња инсистираат на електронско рефундирање на средствата за лекови на рецепт.

9. Глупо ешто има потполно непотребни ветувања.

На пример, потполно непотребното енормно зголемување на бројот на лентите за дијабетичари на 30 ленти месечно (што подразбира секојдневно мерење на шеќерот):

Проект – ленти за дијабетичари. Ќе го зголемиме и бројот на ленти за сите дијабетичари со дијабетес тип 2, и тоа од 4 ленти месечно на 30 ленти месечно

Ова е некој добар тендер.

10. Глупо е што образованието е сведено на проекти и индивидуално ориентирани актвности (кои лесно можат да бидат партиски обоени), наместо кон институционално-стратешки решенија.

На пример, наместо поддршка на научно-истражувачката дејност:

Проект: јавни конкурси за добри истражувачи. Сите научни работници по пат на јавен конкурс ќе бидат дополнително финансиски стимулирани за нивната научна активност.

11. Глупо е што во програмата сите предвидени проекти под насловот НАДВОРЕШНИ РАБОТИ, ЕВРОПСКИ И ЕВРОАТЛАНСКИ ИНТЕГРАЦИИ се поврзани со дијаспората.

12 Глупо е што отворено се лаже.

На пример:

Проект – бегалците од Грција. За прв пат по 60 години беше отворено прашањето за бегалците од Граѓанската војна во Грција и Втората светска војна. Овие Македонци низ годините наназад добиваа само декларативна поддршка која не беше видлива.

Ова е најбезобразно лажење ако се има предвид дека Социјалистичка Република Македонија направи за овие луѓе екстремно многу со тоа што им даде државјанство, им даде покрив над глава, работа и потполна заштита.

13. Глупо е што се зацртува како цел соработка со одредени регионални структури, а во исто време во пракса се негира нивното значење (извештај на ОБСЕ).

На пример:

Проект: соработка со ОБСЕ. Соработката со и во рамките на ОБСЕ исто така останува да биде високо на надворешно-политичката агенда на ВМРО-ДПМНЕ.

14. Глупо е што се предвидуваат активности кои се потполно спротивни на претходно преземените од истата власт.

На пример, активноста на маалски патроли е во потполна спротивност со централизацијата на полицијата и затворањето на полициските станици:

Проект: локални патроли. За поголема сигурност на граѓаните во нивните населени места би се организирала патрола во која би се вклучиле заинтересирани граѓани кои заедно со полицијата во нивните маала би можеле да патролираат и да придонесат за поголема безбедност и намалување на кривичните дела во нивниот безбедносен реон.

15. Глупо е што нема конзистентна употреба на термини.

На пример, во програмата се спомнуваат: лица со хендикеп, лица со инвалидност, деца со инвалидитет, деца со пречки во развојот и лица со посебни потреби.

16. Глупо е што во стратешките цели стои: одржување добри меѓуетнички односи врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување и подеднаков третман на сите пред законот, а зборот мултикултурно се спомнува само два пати: во врска со заштитата на Ромите и изградбата на албанскиот театар.

Да се потсетиме – на 27.04.2014 ќе гласаме за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија.

Според Уставот на Република Македонија Собранието на Република Македонија:

-го донесува и изменува Уставот;
-донесува закони и дава автентично толкување на законите;
-ги утврдува јавните давачки;
-донесува републички буџет и завршна сметка на буџетот;
-донесува просторен план на Републиката;
-ратификува меѓународни договори;
- одлучува за војна и мир;
-донесува одлука за менување на границата на Републиката;
-донесува одлука за стапување и истапување од сојуз или заедница со други
држави;
-распишува референдум;
-одлучува за резервите на Републиката;
-основа совети;
-избира Влада на Република Македонија;
-избира судии на Уставниот суд на Република Македонија;
-врши избор и разрешување на судии;
-врши избори, именувања и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон;
-врши политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на
јавни функции што се одговорни пред Собранието;
-дава амнестија и
-врши други работи утврдени со Уставот.

Најглупо од сѐ е тоа дека ниту еден граѓанин нема да ја прочита оваа програма, а мнозинството ќе гласа за партијата која ја има изработено.

Glupo je što računaš i tebe kad ti nisi za računanje
(од книгата „Како расте памет“)

Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk
Слики: Пол Гарбет