Полска 1914: Страдање и независност

26.04.2014 09:18
Полска 1914: Страдање и независност

Полска не ја гледа централната улога на Србија во избивањето на Првата светска војна. Сараевскиот атантат бил само капка која ја прелеала чашата, вели во интервју за Дојче веле полскиот професор по историја Роберт Траба.

Какво е полското видување на Првата светска војна, сега кога помина цел еден век?

Секако поинакво отколку во Франција, Германија, Велика Британија или во државите кои тогаш биле под Австроунгарија. Бидејќи приказната за Полска почнува таму каде што војната се приближувала кон крајот, на Запад. Значи, дури тогаш кога Полска 123 години од поделбата, повторно успеала да издејствува независност. Земјата конечно после подолго време можела да се ослободи од германско- руско -австриската окупација, и тоа е она што доминира со сеќавањето на Полска на Првата светска војна. Меѓутоа, сеќавањата на Втората светска војна подоцна ги потиснаа тие сеќавања. Дури и за жртвите од Првата светска војна и ден-денес тука малку се зборува.

Значи, Полска не ја зафати некаква преобразба во толкувањето на Првата светска војна, заради дискусиите кои и денес се водат за тоа?

Не. Полското сеќавање е фокусирано на приказната за независност, што во еден дел може да се нарече парадокс, пред сè ако зборуваме за бројот на жртви. Проценките зборуваат за тоа дека во Првата светска војна настрадале околу 18 отсто од полската популација. Во Втората светска војна животот го загубиле 22 отсто луѓе. Со други зборови, тие бројки не се премногу оддалечени едни од други, па сепак сеќавањето на Првата светска војна не е многу присутно во културата на сеќавањето на тие времиња.

Дали во Полска воопшто се гледа врската помеѓу атентатот во Сараево и она што ќе се случи подоцна? Каква е улогата на Србија во сето тоа, со оглед на тоа дека некои велат дека Полска не би успеала да ја оствари независноста, ако не се случел споменатиот атентат?

Јас на тоа гледам како на прилично претерување. Убиството на наследникот на австрискиот трон Франц Фердинанд всушност било капка која ја прелеала чашата. Но, не треба да се заборави на напнатоста која претходно постоела во Европа. Бурето барут можело да експлодира и по некој друг повод. Таа напнатост нема врска само со Србија, тоа е нешто што добива на интензитет со децении. Вистинските причини за војната би требало да ги побараме на друго место. Постоела голема конкуренција на колонијалните сили. Нивните борби за моќ подгревале нови судири. Притоа, сприралата на непријателство во Европа се вртела уште од крајот на 19 век, и тоа сѐ побрзо и побрзо.

Историчарот Роберт Траба

Со други зборови, улогата на Србија во првата светска војна за Полска е секундарна?

Да. Сѐ почнало во Сараево, но војната не била последица на желбата на српското општество за ослободување на Европа. Почетокот на војната бил возможен и на друго место. За Полска е битно дека сите важни историски настани се присутни и обележани во нашата култура. Меѓутоа,за избивањето на Првата светска војна во полската литература постои само една книга, што укажува на тоа колку тој период е малку присутен во културата на сеќавањето. Станува збор за книгата на Андржеј Кусјевиц „Кралството на двете Сицилии“ која ги опишува приликите во различни држави, но во ист момент - значи во моментот кога доаѓа атентатот во Сараево. Историски и литерално тој документ значајно придонесува да се разбере тоа време.

Некои ги поврзуваат лошиот имиџ на Србија во деведесеттите години од минатиот век и нејзината улога во Првата светска војна?

Некои веројатно ќе се разочараат од тоа, но Полска не ја гледа централната улога на Србија во тој период, и заради тоа е невозможно да се направи некаква паралела со случувањата на крајот на минатиот век. За тоа секако можат да расправаат историчарите, но народот обично е окупиран со својата судбина.

Како во Полска се гледа на прашањето на вината за избивање на војната?

И на тој план постои извесна амбивалентност. Полска е окупирана уште во 1795 година, заради што сето она што се случувало тука за време на Првата светска војна се гледа низ призмата на територијалната поделба помеѓу три окупаторски сили. Токму тоа е причината поради која најголемата вина се префрла на Германија, која најмногу доминирала над судбината на Полска за време на војната. Истовремено, Германија во 1916 година основала некој вид „прва влада“, која после 120 години во школите го вовела полскиот како мајчин јазик, а во календарот ги вовела полските национални празници. Сепак, тоа била чиста калкулација. Германија верувала дека со тоа ќе ја има Полска на своја страна. Понатаму, имало идеја за создавање на некаква „тампон држава“ со одреден степен на автономија, но никој не сметал дека со тоа системот што настанал после Виенскиот конгрес ќе се распадне и дека ќе настане Полска со граници значително поинакви од оние кои некогаш биле спремни да ги прифатат. Кога зборуваме за прашањето на вина, мене ми е посебно интересен најновиот придонес на историчарот Кларк, кој таа вина ја распоредува на повеќе раменици. Неговите тези не се неосновани и јас делумно верувам во нив, зашто е речиси сигурно дека повеќето сили сакале своите интереси да ги спроведат на дело, што придонело за избивање на војната.

Што за сето тоа денес во школите учат младите Полјаци?

Би можел прилично добро да ги споредам полските и германските учебници, на чија основа можам да кажам дека нивната содржина не се разликува многу. Полските деца учат за конфликтите на окупаторските сили, најважните битки како што е Вердун, но фокусот е секако полската историја. Младите Полјаци од тие книги би можеле да дознаат каква била улогата на Полска, за нејзиното учество во војната, како и за централната фигура на маршалот Пилсудски кој намногу придонел за независноста на Полска. Младите исто така го изучуваат и создавањето на една нова полска дипломатија, и настаните кои се случувале во Полска после војната. На пример, додека Европа го славела крајот на војната, Полска сѐ до 1920 година сè уште се борела против болшевиците. Со други зборови, станува збор за своевидна мешавина на општото знаење со акцент на Полска.

Маршалот Јозеф Пилсудски со генералот Густав Орлиц-Дрежер (1926)

Но, што може да се каже за улогата на Полска во таа војна, и со самото тоа и за улогите на другите земји?

Нема етаблирано единствено мислење за тоа, бидејќи со поделба на земјата голем број Полјаци морале да се борат на различни фронтови, зависно од тоа под чија окупација била територијата на која живееле. Имало дури и семејства во кои браќата се бореле помеѓу себе, на различни страни. Еден бил на германска, друг на руска страна. Можеби тоа е причината поради која тука не постои единствен пристап во толкувањето на полската улога во Првата светска војна - за разлика од земјите на Балканот или во државите како што се Франција и Велика Британија.

Колку се воопшто присутни и видливи сеќавањата на тие времиња и настани денес во полското општество?

Тешко дека воопшто се присутни. Во Полска после војната се одиграла и Болшевичката револуција. Постоела опасност од исток, а во тој контекст и напори за обновување на полската независност. Таканаречената „Голема војна“ како што ја нарекуваат на западот од Европа, Полска не успева да ја согледа во целост. Меѓу историчарите е познат и тој термин, но во полското општество и историската свест, тој не е воспоставен. Во Германија понекогаш може да се чуе за „Втората 30-годишна војна“ (1914-1945) што за Полска, ако изземеме некои одредени кругови, е незамисливо.

Ако и после сто години од Првата свестска војна постојат различни ставови и мислења, постои ли опасност дека таа годишнина ќе ја подели Европа?

Не верувам дека би можело да дојде до тоа, но прашањето е интересно од германска перспектива. Веќе слушнав како владата внимателно ги разгледува свеченостите по повод одбележувањето на почетокот на Првата свестска војна, плашејќи се дека тие би можеле да го загрозат одбележувањето на Првата светска војна и Холокаустот. Ако навистина е така, би било апсурдно. Верувам дека во некои држави се посветува многу внимание на тој јубилеј - во Велика Британија, Франција, Германија и Србија, но во другите држави таа тема денес е прилично далечна. Не мислам дека Првата светска војна може да обезбеди доволно материјал за нови дискусии. Во најмала рака од агол на Полска, тоа сигурно не е возможно.

Професорот Роберт Траба е директор на центарот за историски истражувања во Берлин.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото