Бракот ги усреќува луѓето! Полувистина или комплетна лага?

26.04.2014 12:21
Бракот ги усреќува луѓето! Полувистина или комплетна лага?

Нека дигне рака оној што верува дека бракот ги усреќува луѓето. Жал ми е, обидете се повторно во следниот испитен рок.

Шегата настрана, дали бракот ќе ве направи посреќна личност? Психолозите екстензивно се занимаваат со ова прашање веќе со децении, а сè до неодамна, општоприфатената интерпретација на резултатите од нивните истражувања гласеше приближно вака: Мажените жени и женетите мажи – во споредба со оние кои избрале поинаку – се посреќни, позадоволни со својот живот, физички и ментално се поздрави, подолговечни, подобро платени за иста работа.

Што не е во ред со овој заклучок?

За почеток, изведен е врз основа на споредба на луѓе кои моментално се во брак, со оние кои во дадениот момент не се. Меѓутоа, едвај дека тоа кажува нешто за влијанието на брачниот статус на истражуваната појава; да речеме, субјективното доживување на среќата или задоволство во животот. Имено, женетите мажи и мажените жени се разликуваат од неженетите/немажените според цела низа параметри: материјалните ресурси со кои располагаат, видот социјални контакти што ги остваруваат, родителството, изложеноста на стигматизација... Значи, можно е некој од овие фактори, а не брачниот статус, да генерира разлики во личното искуство на среќата.

Второ, групата луѓе кои моментално се во брак не ги вклучува разведените, како ни оние на кои им починал партнерот. Значи, наодите на стандардните студии на темата односите на брачниот статус и среќата не можат да се генерализираат на сите кои искусиле брак. Последично, врз таа основа не може да се изведе заклучок дека неженетите/немажените, автоматски стануваат посреќни со стапувањето во брак.

Трето и најважно, дури и со ваков дизајн – со методолошки вградена пристрасност во корист на бракот – истражувањата покажуваат дека неговиот позитивен ефект за задоволство во животот е всушност минорен; дека и тој се топи со текот на времето; дека разведените луѓе, вдовците и вдовиците, во просек се помалку среќни од оние кои никогаш не биле во брак.

Бракот, разводот, среќата

Примената на златниот методолошки стандард за испитување на причинско-последичните врски помеѓу брачниот статус и личното доживување на среќата, не е можна. Имено, не можете да формирате примерок од возрасни млади луѓе, без претходно брачно искуство, кои потоа без расмислување ќе ги категоризирате во две категории: „ожени се/омажи се“; „остани неженет/немажена“.

Доколку се следи најдобриот дизајн, тоа би подразбирало дека групата луѓе ја следите за време на одреден период од нивниот возрасен живот и набљудувате/мерите колку се среќни. Доколку ве интересира ефектот на бракот на ниво на општо животно задоволство, тогаш учесниците во студијата ќе ги прашате за тоа и пред и по стапувањето во брак, повторувајќи ја евалуацијата во одредени временски дистанци.

Добра вест е дека вакви истражувања постојат. Уште подобра е затоа што во списанието Journal of Personality and Social Psychology минатата година беше објавена метаанализа, која сумира и анализира резултати од 18 лонгитудинални студии за ефектот на бракот врз искуствтото на среќата, како и осум методолошки споредливи студии за влијанието на разводот врз степенот на животното задоволство. Резултатите се повеќе од интересни:

• По разводот, луѓето најпрвин се чувствуваат помалку среќно отколку непосредно пред него. Со текот на времето, стануваат сè позадоволни во животот.
• По венчавањето, луѓето најпрвин се чувствуваат или малку посреќни отколку непосредно пред тоа или не забележуваат никаква промена. Со текот на времето, нивото на задовлство во животот или останува неизменето или почнува да опаѓа.

Во што е трикот? Излегува дека, долгорочно гледано, разводот ги прави луѓето посреќни, а бракот понесреќни?!

Авторите на споменатата метаанализа не би се сложиле со таквата интерпретација на нејзините резултати. Имено, во случајот на бракот, антиципацијата на венчавањето како настан го подигнува нивото на општото животно задоволство. Заради тоа некаде е и разбирливо дека, откако настанот се случил, самопроценетото чувство на среќа ќе остане на истото ниво или благо ќе опадне. Слична логика важи и за разводот. Природно е луѓето да се чувствуваат лошо во периодот кој му претходи на разводот. Откако ќе дојде до самиот чин, почнуваат да се чувствуваат посреќно и позадоволно. Ваквото толкување се вклопува во резултатите од студиите за психолошка адаптација на стресови, без разлика дали тие се позитивни или негативни.

Сите 18 студии за влијанието на бракот на личното искуство на среќата спаѓаат во таканаречените проспективни истражувања. Тоа значи дека истражувачите почнале со соодветни анкети додека испитаниците биле single, продолжувајќи да поставуваат исти прашања и откако стапиле во брак. Во просек, субјектите петпати се изјаснувале за степенот на задоволство во сопствениот живот, при што првите анкети, повторно во просек, им биле администрирани околу четири месеци пред промената на брачниот статус.

Во најмалку 11 од вкупно 18 студии, примерокот бил составен од луѓе кои останале во брак за време на целокупното траење на истражувањата. Значи, нема такви кои покрај бракот искусиле развод или вдовство. Заради тоа, може да се каже дека овие истражувања повеќе зборуваат за импликациите од стабилноста на бракот на животното задоволство отколку за последиците од стапување во брак на емотивната благосостојба. Доколку во примерокот ги вклучите и разведените и вдовците, позитивното влијание на бракот на самопроценетото ниво на среќа се сведува на ефектот на меден месец.

Тоа што бракот, наспроти врежаното мислење, не делува позитивно на општото животно задоволство на поединецот, не мора да значи целосна неутралност кон размената на прстени. Наодите од една неодамнешна студија упатуваат, на пример, на следниот заклучок: Иако бракот сам по себе не ги прави луѓето посреќни, ги штити од пад на задоволството во животот, до кој инаку доаѓа со текот на годините.

Дали тоа значи дека луѓето кои целиот живот ќе останат надвор од брак се осудени да бидат помалку среќни? Не значи. Кохабитацијата, односно кој било вид вонбрачна врска, делува подеднакво протективно. Нема причини истото да не важи и во поглед на трајните, посветените и пријателствата обоени со блискост. Сè заедно има логика ако се појде од фактот дека човекот е социјално животно со иманентна потреба за социјален контакт и (емоционална) размена со други луѓе.

Тезата дека бракот усреќува е популаризирана до таа мера што често губи од вид дека зборуваме за корелација помеѓу две појави – бракот и личната проценка на задоволството во животот. Изразената корелација помеѓу двете појави, под услов да не е случајна или да е резултат на дејствување на некој трет фактор, сведочи дека меѓу нив постои врска. Таа не е нужно причинско-последична. Кога е, мора да се води сметка за насоката на каузалниот тек. Конкретно, како што постои можност бракот да усреќува, постои и алтернативна опција – дека луѓето кои се чувствуваат посреќно се понаклонети да стапат во брак.

Двајца швајцарски истражувачи, Алојз Штуцер и Бруно Фреј ја тестирале – и ја потврдиле – ваквата хипотеза на примерок од неколку илјади Европјани, чија благосостојба, вклучувајќи го и самопроценетото чувство за среќа и задоволство во животот, било следено во период од цели 17 години. Значи, не е чудно што истражувањата покажуваат дека луѓето во брак, во просек, за нијанса се посреќни од немажените/неженетите. Односот на самопроценетото ниво на задоволство во живтотот помеѓу овие две категории бил таков и пред овие првите да стапат во брак.

Бракот ги фаворизира мажите

Сакав да се омажам, но сега фаќам дека никогаш не сум сакала да бидам сопруга.

Џил Биалоски, поетеса.

Иако бракот е составен од двајца (сите студии кои се земени предвид за овој текст, за примерок имале хетеросексуални двојки или поединци), неговите позитивни ефекти на параметрите кои ја одредуваат општата благосостојба – среќа, задоволство во животот, физичко и ментално здравје, приходи итн. – изгледа дека се резервирани само за машката половина од заедницата. Имено, женетите мажи се посреќни и позадоволни во животот не само во споредба со неженетите припадници од истиот пол, туку и во однос на мажените жени. За нештата да бидат поинтересни, бракот на мажите им делува благопријатно независно од квалитетот на односот со партнерката.

Наспроти тоа, мажените жени се посреќни од немажените и разведените единствено доколку претходно се задоволни во бракот. Квалитетот на врската и односите со партнерот се појавуваат како клучен медијатор во поглед на сите набројани параметри за благосостојба, со исклучок на заработката. Имено, мажите, во просек, се подобро платени од жените независно од брачниот статус на едните или другите.

Бракот и парите: Женетите мажи се повеќе платени од неженетите

Дури и кога ќе се земат предвид факторите како што се образованието, староста и работното искуство, женетите и разведените мажи се повеќе платени од неженетите за 11, односно 9 проценти. На прашањето зошто е така, истражувачите потегнуваат една од следните три хипотези:

Според првата, се работи за пристрасност на работодавачите во корист на женетите, односно за дискриминација на неженетите. Работодавачите, како што вели теоријата, го земаат брачниот статус како показател за одговорност и лојалност. Освен тоа, кога одлучуваат за унапредување, зголемување плати и бонуси, без разлика дали свесно или несвесно, се раководат според тоа дека женетиот маж издржува семејство. Хипотезата ја засилува податокот дека разликата во примањата во корист на семејните мажи опаѓа, веројатно во согласност со промената на општествената перцепција на бракот и мажот како главен снабдувач во семејството.

Втората популарна теорија вели дека бракот го прави мажот попродуктивен. Доколку жената остане дома – да се грижи за децата и семејството – мажот добива доволно простор/време да се надгради професионално и да се специјализира, што подоцна му се враќа преку зголемените приходи. Проблем за ваквото објаснување претставува податокот дека женетите и неженетите мажи дури незначително се разликуваат според времето посветено на извршување на домашните работи.

Според третата и сè попроминентна теорија, причинско-последичниот однос помеѓу брачниот статус и висината на заработката се движи во обратна насока од онаа што ја претпоставуваат претходните две хипотези. Според неа, сетот особини кои го прават мажот попосакуван кај работодавачот се совпаѓа со збирот карактеристики кои го прават попосакуван за улогата сопруг: одговорност, интелигенција, чесност, лојалност/верност... Мислам дека и покрај тоа, пазарот не е имун ниту на физичката привлечност.

Бракот и здравјето: Женачката е лек

Позитивната корелација помеѓу бракот од една, и доброто здравје и долговечноста од друга страна, е веројатно и најстариот мит за поволностите од формализираниот живот во двојка. Се појавил во далечната 1858 година, благодарение на британскиот епидемиолог Вилијам Фар, а статистиката која ја открила и оваа корелација воедно се смета за камен темелник на медицинската статистика.

Анализирајќи и вкрстувајќи податоци од книгите на родените, умрените и венчаните, во почетокот на 19 век Фар дошол до заклучок дека популацијата женети/мажени Французи живеат поздраво и подолго од вдовците и оние кои никогаш не стапиле во брак. Современата наука не оспорува дека бракот поволно делува на здравјето и долговечноста на луѓето. Меѓутоа, открила нешто што Фар не можел да го согледа врз основа на статистиката со која располагал – родната асиметрија во овој поглед.

• За бракот да донесе позитивни ефекти за физичкото и менталното здравје и очекуваното траење на животот, жената мора да биде задоволна во бракот и задоволна од односот со својот партнер.
• Здравјето и долговечноста на мажот  профитираат од безмалку секој/секаков брак.

Во меѓувреме, истражувачите откриле низа факти кои зборуваат во прилог на тезата дека бракот ги фаворизира мажите:

• Во дури две третини од случаите, жените иницираат развод.
• По разводот, во нов брак стапуваат повеќе од една третина мажи, а помалку од една четвртина жени; притоа, жените почесто одлучуваат никогаш повеќе да не се мажат. Додуша, една од причините е и тоа што децата од претходниот брак на жените во поголема мера им ги отежнуваат условите, отколку на мажите.
• Како што бракот им донесува повеќе придобивки, разводот на мажите им нанесува поголема штета, отколку на жените.

Постојат повеќе причини за таквата асиметрија. Имајќи предвид дека мажите повеќе уживаат во придобивките од заедничкиот живот, а жените повеќе вложуваат во опстанокот на бракот и семејството, не зачудува дека тие полесно се одлучуваат за развод, како ни тоа што мажите тежнеат да останат во брак, дури и кога не се задоволни со него. Не е безначајно ниту тоа што жените, по разводот, можат да очекуваат поголема и поширока поддршка, отколку мажите.

Каде нè остава сето ова? Наместо заклучок, забелешка: Жените се позадоволни во бракот и помалку склони да побараат развод доколку живеат со партнер кој има волја со нив да ги подели семејните и домашните обврски. Според резултатите од истражувањето на јавното мислење од пред неколку години, спроведено на репрезентативен примерок со возрасни Американци, поделбата на домашните работи се наоѓа на третото место меѓу факторите кои ја одредуваат задоволноста од бракот; пред неа се наоѓаат единствено верноста и добриот секс.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com

Слики/везови: Alaina Varrone

ОкоБоли главаВицФото