14-те аргументи на СДСМ за нерегуларноста на изборите

28.04.2014 08:56
14-те причини на СДСМ за бојкот

1. Притисоци врз јавната администрација со 100 процентна контрола и успешност. Секој кој не е сигурен гласач за власта има опција или да докаже дека ќе гласа за власта или воопшто да не гласа ниту тој, ниту член на неговото семејство. Доколку постапат спротивно на наредбата, овие луѓе се соочуваат од опасност за губење на работното место веќе од утре. Тоа се случуваше во сите јавни институциии под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.


2. Масовно купување на гласачите насекаде низ државата, најчесто со обезбедување на полицијата, додека се исплаќаат парите. Тоа се прави јавно и впечатливо, без каково било прикривање. На дел од гласачите им беа одземени личните карти.

3. 35 дена инспекциите од сите државни ресори се на терен. Вршат притисок врз фирмите, казнуваат и затварааат фирми и откупни станици. Директни закани се упатувани на тие кои не се под целосна контрола на власта - сопственикот, неговото семејство и вработените, или да гласат за власта со доказ или воопшто да не излегуваат на гласање.

4. Припадниците на полицијата се целосно инволвирани во вршењето притисок врз гласачите, обезбедување активисти на власта за незаконитостите на изборниот процес, па се до претресување на активисти на опозицијата, при излегување од партиските простории. Во неколку општини, партиските штабови на опозицијата беа под постојан и видлив надзор на припадници на специјалните единици на МВР.

5. Активисти на ВМРО-ДПМНЕ ги посетија примателите на социјална помош, на додаток за трето дете, нега од трето лице и другите ранливи категории на граѓании, со закана дека ќе им биде укината финансиската помош доколку не гласат за власта со доказ, во спротивно воопшто да не излегуваат на гласање.

6. Од страна на шумските претпријатија и инспекции се одземени моторни пили, запрежни коли и други средства на граѓаните кои живеат во ридско планинските населени места, со закани дека ќе им бидат вратени и нема да бидат казнети, само доколку гласат за власта со доказ или останат дома на денот на гласањето.

7. Уфрлени се нови фантомски гласачи, во згради со непостоечки влезови и административни згради, што го регистрираа и невладини организации што го следат изборниот процес.

8. Невидено досега во независна Македонија, злоупотребени се верски објекти и верски служители за агитирање во интерес на власта на Груевски.

9. Најдрско, противзаконски е злоупотребен јавниот радиодифузен сервис, Македонската Радио телевизија, којшто во текот на целата кампања функционираше како партиски билтен и постојано го кршеше Изборниот законик по повеќе основи.

10. Приватните медиуми под контрола на власта постојано и координирано ја дезинформирааа јавноста, при што опозицијата беше попречена дури и во платеното политичко рекламирање.

11. На денот на избори се докажани дупликат гласачки ливчиња, бришење на видливото мастило, фотографирање гласачкото ливче како доказ, групно гласање, ваучери за поткуп на гласачите, гласачки кутии на улици и целосна контрола на гласачите од страна на неовластени лица, вклучувајќи и службени лица. Ова се примери речиси во секоја општина и на секое гласачко место.

12. Пустец ја преплави Македонија. Исти луѓе вчера гласаа во Тирана, денеска во различни општини низ Македонија.

13. Злоупотребени беа СИТЕ државни ресурси за партиски цели. Наместо да прекине, се зацементира недозволивото изедначување на државата со партијата на власт, една од најсериозните забелешки на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во Извештајот по првиот круг на претседателските избори.

14. Еден од последните, најдиректни докази, дека држава нема, дека сè е партија, е молкот, игнорирањето и непостапувањето на институциите на системот, за документираните мега криминални и корупциски скандали, во коишто е вмешан директно премиерот Никола Груевски и неговите најблиски соработници. За скандалот за којшто известија и регионалните и светските медиуми, целосен молк во Македонија има и од институциите и од провладините медиуми, изјави Зоран Заев на прес конфереција.

Извор: novatv.mk
Слики: Свирачиња