1022 hPa
93 %
3 °C
Скопје - Чет, 23.01.2025 10:59
Популизмот добива сѐ поголема поддршка во Европа. Ова го потврдија и резултатите од локалните избори во Франција. Само еден месец пред изборите за Европскиот парламент ризикот од масовен влез на популистичките партии станува многу реален. Ако тоа се оствари, Европскиот проект, начнат од болното и непопуларно управување за време на финансиската криза, ќе биде во голема опасност. Ако европската левица има намера успешно да се бори против популизмот, мора да се разберат вистинските причини за неговиот успех. Трите вообичаени објаснувања не се доволни.
Успехот на популистите се смета за протестна акција на гласачите против забележливата корупција на „трулите“ политички елити. Ова е можеби делумно точно за земјите како Франција, Италија или Грција, каде корупцијата и аферите околу илегалното финансирање на политичките партии е еден ограничен, но секако реален проблем. Меѓутоа, оваа причина е крајно неубедлива кога станува збор за земјите од северот на Европа, бидејќи таму корупциските афери се прилично ретки, а и покрај тоа постојат силни популистички партии.
Често како причина за успех на популистичките партии се наведува и одбивноста кон имиграцијата и „националниот“ дискурс. Медиумите и политичарите од левицата го преценуваат значењето на ксенофобијата. Секако дека таа постои и дека е вредна за презир, но левицата ѝ придава преголемо значење, што ја прикрива вистинската причина за гласање за популистите во кое далеку посилно се артикулира политичкиот повик за помош отколку опсесијата со странците.
И на крајот имаме објаснување според кое популарноста на популистите е резултат на наводниот „пресврт кон десно“ во европските општества. Меѓутоа, вистинската причина се распространетите стравови од падот на социјалната скала и чувството за намалено влијание на европските земји во светот. Оваа загриженост поттикнува повлекување во себе и враќање на конзервативните вредности. Недовербата кон исламот и отфрлањето на истополовите бракови се недвосмислени симптоми на ваквиот развој во Франција, но културолошки неоконзервативизмот не е доволен за да ја објасниме димензијата на популистичкиот феномен. Особено кога тој се одвива паралелно со значајната либерализација на системот на вредности на целото општество.
Европските прогресивни партии мораат конечно да сфатат дека успехот на популистите е политички израз на огромната несигурност на европските општества, која е последица на далекусежните промени во животот на луѓето и неуспешните решенија кои политиката до сега ги понуди.
Кризата ја забрза економската и социјалната дестабилизација на европските држави. Дојде до пораст на јазот помеѓу добитниците и губитниците од глобализацијата. Првата група живее во урбани простори, располага со релативно сигурни работни места и пристап до модерните комуникациски и транспортни средства, но истовремено стравува од тоа дека наскоро ќе ја дели судбината на другите групи. Од друга страна, на припадниците на втората група им се заканува невработеност или слабо платени и несигурни работни места. Тие се дел од понискиот слој и стравуваат од понатамошен пад на социјалната скала. Овие луѓе живеат во деиндустријализирани области, рурални или полуурбани простори, на периферијата од глобализираните метрополи до кои немаат пристап.
Десничарските и левичарските влади не го намалија овој јаз. Популистите ги регрутираат своите гласачи од оние слоеви кои се загрозени од падот на социјалната скала, но кои сѐ уште се дел од системот. Тие луѓе чувствуваат дека државата и владејачкиот социјален модел не се во состојба да ги заштитат и поддржат при процесот на промена, затоа што не успеале праведно да ја прераспределат благосостојбата и да ја регулираат економијата. Подемот на популистите е последица на неспособноста на европските социјални држави да им помогнат на средните и пониските слоеви.
Во овој контекст е лесно да се разбере успехот на популистичкиот антиевропски успех. Европскиот модел вети рамнотежа помеѓу пазарот и социјалната сигурност, но е ослабен од две појави - конкуренцијата на социјално-политички недоволно развиените региони и идеолошката офанзива на неолиберализмот. Силното отфрлање на Европа е најизразено кај работниците и службениците. Тие се оддалечуваат од Европа која не го одржа ветувањето дека ќе ги заштити од неолибералната глобализација, туку се покажа како неолиберален тројански коњ.
Кога станува збор за однесувањето на гласачите на јасно дефинираната група - „малите луѓе“, работниците и службениците, пониските средни слоеви - гласањето за популистите претставува и облик на „класно однесување“. Тоа вклучува и апстиненција од гласање. Наклоноста на гласачите на оваа класа порано беше резервирана за прогресивните партии со универзални цели. Денес оваа наклоност ја уживаат пред сѐ кандидатите кои проповедаат повлекување во рамките на сопствената држава и недоверба кон Европа. Во таа смисла, успехот на популистите е воедно и пораз на социјалдемократијата, која се оддалечи од своите традиционални гласачи.
Затоа е неопходна реакција на европската левица. Но, како што постојат погрешни објаснувања на популистичкиот успех, постојат и погрешни политички битки. Една од нив е и морализаторската расправа. Иако левицата никогаш не би смеела да се откаже од критика на ксенофобијата и антисемитизмот, сепак постои точка во која морализаторските осуди на гласачите на популистичките партии стануваат контрапродуктивни, бидејќи дополнително го продлабочуваат јазот помеѓу елитистичките „неколку добри луѓе“ и „расистичките маси“. Пожелна, но пред сѐ ефикасна, би била идеолошката расправа со демагошките решенија на популистите и нивните разорни последици. Но доколку се ограничиме само на тоа, би ни побегнал еден значаен факт - популистичките предлози луѓето не ги сфаќаат толку сериозно, туку се привлечени од дискурсот и системот на вредности кој популистите го артикулираат.
Исправен одговор на подемот на популизмот е враќањето на легитимноста и ефикасноста на политичкото дејствување. Што значи тоа? Европските прогресивци мораат да создадат кај граѓаните чувство за контрола над сопствената судбина, и тоа така што ќе промовираат еднаквост, слобода и почитување на другиот во непредвидливиот свет, при што мораме да ги одредиме моралните фиксни точки. Левицата мора да создаде клима во која европските држави можат заеднички да го вратат својот суверенитет. Неопходна е дефиниција на европската економска политика која се потпира на растот и вработувањето, при што се клучни три елементи: зголемување на заедничкиот буџет за финансирање на инвестициони проекти, давање поголема надлежност на Европската централна банка во борбата против невработеноста и заштита на европската економија преку политика на фер меѓународна трговија. Социјалното прашање мора да биде вратено во центарот на јавната расправа.
Социјалдемократите се интелектуално и политички во состојба да формулираат решенија за надминување на недоразбирањето меѓу елитата и граѓаните. Потребно е да се создае клима на позитивни социјални расправи во кои дијалогот меѓу социјалните партнери, трудот и капиталот, ќе ги засени етничките и верските разлики.
Левицата мора да направи сѐ за пониските средни слоеви да имаат корист од социјалната држава, а не само луѓето на дното од социјалната скала. Регулацијата, прераспределбата и социјалната правда се најефикански средства против популизмот и најдобар начин за враќање на довербата во левицата.
Авторот е пратеник на Социјалистичката партија во францускиот парламент
Извор: Internationale Politik und Gesellschaft
Слики: OakOak