Демонтирање на машината

29.04.2014 03:38
Демонтирање на машината

Ден по 27 април, веќе се познати резултатите од изборите, кои поминаа онака како што поминаа - во тешка и напната атмосфера како речиси никогаш досега, во нерамноправен натпревар меѓу власта и опозицијата и на теренот, и во медиумите, и во јавноста, со сериозни инциденти, тепачки и приведувања, со нарушена доверба во изборниот систем, непречистен список, фантомски гласачи спикани по десетици души на адреси кои се лажни или не постојат, притисоци врз администрацијата, социјалците, злоупотреба на државните ресурси за кампања, со неефикасни, па во дел дури и глупави изборни правила.

Во меѓувреме, се случуваше и спектакуларно соголување на криминалното и незаконско работење на машината што „победува“ на избори - за да му служи на потесен круг „машиновозачи“ и на нивните партнери. Сепак, овие неколку актуелни топ-афери, поткрепени со аудиоснимки и документи, се само финалето на соголувањето на овие „цареви“. Тие беа во длабок стриптиз, уште одамна, пред да му ги облечат гаќите на Прометеј, пред криењето на убиството на Мартин Нешковски и бруталното гасење на А1, пред газењето на студентите на плоштад кое е дел од темелите на криминалниот проект „Скопје 2014“. Кога ваква кражба се случува во економски силни земји каде што има многу, а се краде малку, ајде и да не видиш. Но, кога онаму каде што има малку, се краде многу, работите стануваат јасни речиси веднаш. На многумина, секако, на оние што сакаа да видат, им станаа јасни уште поодамна. А вистината, навистина, како шило ќе врти, ќе врти и на крајот ќе излезе на површина, особено во едно „мало мисто“, какво што е нашево.

Добро, овие работи веќе ги знаеме и сме ги изџвакале повеќепати. Од резултатот на изборите, исто така треба да ни биде јасно дека има една група граѓани, кои од страв или од други причини, иако знаат кон што води ова, сепак ја поддржуваат машината. Како оној што ја сечел гранката на која седел. И во иднина не би очекувал тоа да се промени, освен, ако, не дај Боже, не почнат да доцнат платите и пензиите, ако одржувањето на машината не стане прескапо. Останува само да се прашаме, ние другите – дали отсега па натаму сакаме таа да нѐ меле, или сакаме подостоинствена и попристојна демократија?

Вистината е на површината, јасно е како функционира машината. И јасно е дека, без нејзино демонтирање, нема напредок за општеството. Но, ајде да видиме, како да се спречи таа? Како да не ѝ се дозволи, преку мобилизација на 20-30% од гласачите, да се продава како „волја на мнозинството“ и да владее со преостанатите 70%? Како да се ефектуира тоа што се гледа и математички од резултатите на претходните избори, а верувам и на овие – дека збирот на гласови дадени за опозициските партии, и во македонскиот и во албанскиот блок, е поголем од гласовите дадени за партиите на власта? Како да се организираме ние, другите, граѓаните, вистинското мнозинство, кое го убедуваат дека е малцинство?

Штетата е преголема и бара долготрајни зафати и поместувања во неколку насоки, ако сакаме да преживееме како општество. Нужно ни е потребно да профункционира правото, да има непристрасни и професионални истраги за сите криминални дејства и сериозни казни за сите што ја злоупотребиле довербата и парите на граѓаните. За тоа се потребни независни, професионални и, пред сѐ, непартиски судии, полиција и обвинители. Освен тоа, ни треба описменување на образованието, сериозно заздравување на здравството, достоинствена социјална заштита наместо социјалната неправда, заштита на погазените човекови и работнички права. Потребни ни се подобри меѓуетнички односи, слободни медиуми, нов изборен систем, професионална администрација, непартиска уметност и наука. Многу работи се уништија во овие години.

Ова се појдовни точки околу кои, барем според мене, треба да сплотиме во борба против силите што го држат во заложништво нашето општество. За да се случи тоа, сегашните политички елити од опозицијата треба да се здружат, без ниски математики околу позиции и функции, да изготват заедничка платформа што би ги обединила сите, и да побараат, и формално, сојузници за својата борба и меѓу синдикатите, граѓанскиот сектор и меѓу други организирани и неорганизирани структури, кои се против ваквиот начин на владеење со општеството. Нужно е потребно да создадеме нова сила, да ги мобилизираме најдобрите меѓу нас, да им ја дадеме безрезервно поддршката во оваа битка со узурпаторите на општеството, оние што никој не ги памети по нешто паметно, а сега сакаат да се прават најпаметни, оглупавувајќи го општеството, поставувајќи ги неписменоста, нечесноста, кражбата и лагата како врвни општествени стандарди.

Време за калкулации нема. Ова е последна шанса за овие политички елити да покажат дека можат да нѐ извадат од калта во која нѐ втурнаа, меѓу другото, и тие. Јас сум умерен песимист, белки ќе се обидат. Но, судејќи по виденото, ќе мора да засукаме ракави и работата да ја завршиме самите. Затоа, да почнеме, веднаш.

Извор: Слободен печат
Слики: Dr. Jack Kevorkian

ОкоБоли главаВицФото