Самоконтролата поважна од интелигенцијата?

29.04.2014 10:06
Самоконтролата поважна од интелигенцијата?

Откритието е едно од оние кои се случуваат под влијание на среќни околности. Волтер Мичел, професор по психологија на Стенфорд, го интересирала постојаноста на цртите на личноста; со тоа се занимавал. Меѓутоа, во доцните шеесетти, инспириран од своите ќерки, решил да направи излет во нова тема и да се посвети на истражување на индивидуалните разлики во способностите на децата да го одложуваат задоволството.

Тоа време ќерките на Мичел биле на предучилишна возраст, така што одлучил да дизајнира студија која ќе ја изведе со нивната предучилишна група. Смислил многу едноставна експериментална ситуација: четиригодишно дете добивало колач, со напомена дека може да го изеде веднаш или малку да почека; доколку успее да го одложи уживањето во колачот, за награда ќе добие уште еден.

Се покажало дека предизвикот бил екстремно тежок за децата на оваа возраст, но постоеле значајни индивидуални разлики: некои деца го јаделе колачот во истиот момент кога експериментаторот ќе го завртел грбот; други успевале да се воздржат и по 15 до 20 минути.

Мичел и неговите колеги отишле чекор понатаму. Работејќи на експериментот со деца, се обиделе да утврдат дали е можно да ги научат да се воздржуваат, т.е да ја одложат гратификацијата. Се покажало дека со едноставни техники децата релативно лесно можат да научат да ја зајакнат самоконтролата. Во некои случаи, било доволно да ги упатат да замислат дека колачот е всушност лего коцка. Дополнителните разговори со децата кои покажувале посилна самоконтрола, на истражувачите им откриле дека тие спонтано користат токму такви техники; на пример, си повторуваат себеси дека тоа е предмет кој прво треба само да се набљудува или дека тоа е нешто што не се јаде.

Самоконтролата и училишниот успех

Десет години подоцна, слушајќи ги ќерките како разговараат за своите пријатели и нивниот (не)успех на училиште, Мичел се сетил дека потфрлувањето во училиште би можело да биде поврзано со неможноста да се одложи задоволството, односно со слабата контрола, воопшто. Одлучил да смисли продолжение на студијата.

Од 653 деца, колку што учествувале во првобитната студија, му тргнало од рака да пронајде 185 од нив; во тој момент имале помеѓу 15 и 18 години. Се покажало дека постои силна корелација помеѓу способноста за самоконтрола на предучилишна возраст и подоцнежниот успех во училиште; посилна самоконтрола во детството, подобар успех на училиште во тинејџерскиот период. Од друга страна, слабата самоконтрола на возраст од пет до седум години можела да предвиди „проблематичен“ тинејџер кој тешко се бори со стресот.

Што е самоконтрола и зошто е важна?

Она што може да ви го каже секој родител или кој било што работи со деца е дека самоконтролата е една од способностите кои детето ги развива релативно тешко и релативно доцна. Она што може да ви го каже когнитивен психолог е дека способноста за самоконтрола вреди да се чека и затоа да се вложува напор: истражувањата во когнитивната психологија и невронауката покажуваат дека секоја вештина која се базира на самоконтрола силно влијае на тоа како и колку ќе ги искористиме останатите когнитивни капацитети.

Самоконтролата ја прават неколу умешности: когнитивна флексибилност, т.е способност да се промени стратегијата доколку претходната не дава резултати; фокусираност, т.е способност да се апстрахираат небитните дразби, а вниманието да се одржи насочено кон она што е важно; добра контрола на импулсот. Пошироко гледано, станува збор за вештини на кои се темели нашиот капацитет за организирање на сопственото однесување во согласност со поставените цели.

Самоконтролата како мускул

На основно ниво, самоконтролата е капацитетот на мозокот. Со оглед на тоа дека мозокот е орган како и сите други, индивидуалните разлики во поглед на самоконтролата се барем делумно наследни, т.е генетски детерминирани. Дали тоа значи дека сè е изгубено и дека не може да се направи многу? Веродостојно се знае дека не е така.

Заслугата за расветлување на феноменот на самоконтролата им припаѓа на професорот по психологија на Универзитетот Флорида во Талахаси, Рој Баумајстер и неговите соработници. Тие направија серија експерименти кон крајот на деведесеттите, чии резултати го обликуваа сфаќањето на самоконтролата според аналогија со мускули. Значи, самоконтролата е со ограничен капацитет, т.е наклонета кон замор, но со редовно користење и тренинг може значително да се зајакне.

Зошто треба да се зајакнува?

Денес развојните и училишните психолози ги советуваат родителите да не вложуваат посебни напори во развој на интелигенцијата на своите деца, туку со нив да се обидуваат да работат на разбирање и јакнење на механизмот за самоконтрола, т.е волја. Имено, огромно мнозинство деца денес живеат во окружување кое им обезбедува доволно когнитивни стимулации за развој на интелигенцијата до граница на личните потенцијали. Едноставно кажано, на полето за јакнење на интелигенцијата не може многу да се постигне со дополнителни напори, но затоа на планот на јакнење на волјата има простор за „доработка“.

Новозеландските психолози Тери Мофит и Авашалом Каспи, со лонгитудинална студија покажаа дека силната самоконтрола и тоа како има поволни исходи. Тие ја започнале својата студија во седумдесеттите, со илјада деца на возраст помеѓу 3 и 11 години. Во редовни временски дистанци ги контактирале, следеле и тестирале своите испитаници, сè додека не наполниле 30 до 35 години.

Учесниците во студијата кои на почетните тестирања покажале висок степен на самоконтрола поретко имале проблеми со малолетничка бременост, поретко станувале самохрани родители, имале помала стапка на разводи, повисоко самопроценето чувство на задоволство во животот, подобро општо физичко здравје и забележително помал ризик од злоупотреба на психоактивни супстанци.

***

Како и повеќето психолошки истражувачки програми кои донесуваат практични импликации и истражувањата за самоконтролата често се на удар на политички интонирани критики. Конкретно, на Баумајстер и цела низа англосаксонски когнитивни психолози кои се занимаваат со оваа тема, им се забележува за психолошки инженеринг со цел создавање суперчовек за ерата на либералниот капитализам. Иако вака формулираната критика е премногу силна, факт е дека во мерењето на животниот успех истражувачите поаѓаат од владејачките дефиниции за успешен човек во ера на пазарна економија. Од друга страна, нивните истражувања исто така покажуваат дека препораката да не се работи на јакнење на самоконтролата може да се толкува и како препорака да се јакнат когнитивните капацитети генерално, па дури и како рецепт за живот со намален ризик од автодеструктивни однесувања.

Интересно, но самиот поим самоконтрола, во науката и надвор од неа, никогаш не бил неконтроверзен. Станува збор за викторијански изум, иако во таа епоха самоконтролата била сфаќана значително поинаку отколку денес и пред сè се однесувала на одолевање на сексуалните задоволства. Google Books Ngram Viewer навистина сведочи дека поимот бил екстремно популарен во текот на 19 век, за во дваесеттите години од 20 век неговата популарност да почне да опаѓа. Во шеесеттите, кога постоеле повеќе можности да бидете обвинети дека сте премногу закопчани, невротични, опсесивно-компулзивни или фиксирани во аналната фаза на психосексуалниот развој, отколку дека сте премногу лежерни и хедонистички ориентирани, поимот самоконтрола целосно исчезнал од научните публикации. Во живот го вратил Волтер Мичел. Денешната популарност се должи и на неврокогнитивниот пресврт што го направи психологијата кон крајот на осумдесеттите, по што се создаде потреба на некои од вечните теми во психолошката наука да им се пристапи од нов агол.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com/

ОкоБоли главаВицФото