Во продукција на ДИК повторно ќе се снима култната „Весела математика“

29.04.2014 15:37
Во продукција на ДИК повторно ќе се снима култната „Весела математика“

Скопје, 29 април 2014

Наскоро на македонските телевизиски канали (особено на МТВ1 и Сител) ќе се емитува продолжение на култната едукативна серија за деца „Весела математика“, во продукција на Државната изборна комисија на Македонија.

„Оваа серија претставува продолжение на славната детска серија од 90-тите, но за разлика од неа, новите продолженија ќе бидат исклучиво за лица постари од 18 години. Добро, во некои населени места ќе биде достапна и за малолетници“, изјави за Пара вести првиот човек на ДИК Никола Рилковски.

Тој објаснува дека во ДИК ја добиле идејата за „Весела математика“ додека го прочистувале избирачкиот список.

„Бидејќи пописот во Македонија сѐ уште не е направен, не постоеше можност за примена на друг вид математика освен весела. Како што гледате, разликите и вишоците во резултатите од изборите се доказ за тоа колку интересна ќе биде серијата, со должна почит кон оригиналот“, вели Рилковски.

Првиот ДИК-овец открива дека режисер на серијата ќе биде самиот тој, сценариото е на Никола Груевски, асистент на режија е Али Ахмети, а суфлер е Ѓорге Иванов.

Новата „Весела математика“ ќе се емитува еднаш на секои четири-пет години, со можност за вонредни и предвремени епизоди.