Дебилизација на Русија. Назад во 1984

30.04.2014 11:35
Дебилизација на Русија. Назад во 1984

До неодамна се сметаше дека Интернет е последното прибежиште на руската опозиција, единствениот слободен медиум каде народот може да искаже незадоволство од власта, да прочита критички анализи и да коментира слободно на популарните блогови и социјални мрежи. Повеќе не.

Роскомнадзор, орвеловски назив на моќниот орган кој има право да го исклучи кој било сајт или медиум, го очекува жешко лето. Ова лето Кремљ подготвува, а Думата ќе гласа најнови измени на анти-екстремистичките и анти-терористичките закони. Популистички називи на законски проекти што ја прикриваат мрачната замисла - целосна контрола на глобалната мрежа во Русија, најголемата земја во светот.

Официјална Москва во Интернет гледа непријателска замисла, неприфатлива институција и конкурентна информациска технологија способна да го распука скаменетиот режим. Според минатонеделната изјава на Владимир Путин, тоа е проект на американската разузнувачка служба ЦИА, додека Јандекс, најпопуларниот пребарувач во Русија, е под влијание на Западот.

Затоа Кремљ одлучи: Интернет треба да се затвори.

Добро слушнавте. Да, имено така: да му се стави клуч и затвори, како што се затвора стар кондураџиски дуќан, или банкротирана фабрика. Орвелизацијата на Русија станува неизбежна.

Путиновата администрација реагираше оперативно – само некоку денови после изјавата, од таму најавија нацрт-закон кој наложува радикално филтрирање на сѐ што се наоѓа на Интернет. Па нели, тоа е супер проектот за глобална доминација на исконскиот враг.

Предупредувањето на Путин е сериозно, и треба да се прими со загриженост од страна на сите мразачи на Америка. Тој не само што кажа дека мрежата некогаш ја разработиле специјалните служби на САД, туку и дека тој проект е приоритетен за Вашингтон. И откако се осознало каква моќ пајажината врши врз масите, таа постојано се плете и зголемува. Затоа, допирот на руските граѓани со оваа страшна и леплива материја изумена во подземните лаборатории на Ленгли, треба да се ограничи и контролира.

Започнува ли дебилизација на земјата?

Вашингтон е дрзок, се осмели да ги санкционира владетелите на Русија, нивните банки и компании. Тој исткаја глобална пајажина за контрола и манипулација и денес Империјата го возвраќа ударот. Москва подготвува свој одговор на санкциите - колосални Интернет филтри, руски фајрвол пострашен од големиот кинески огнен ѕид и комплетна изолација на земјата од западниот непријателски свет.

Цензура од неизмерни пропорции невидена во Европа и во западниот свет, доколку за некои Русија сѐ уште е дел од тој свет. Блокирање на слободниот проток на информации какво што не постои ниту во Кина, Виетнам или Туркменистан. Познавачите велат дека со овој закон Русија ќе се најде во друштво на Северна Кореја и Ким-Јонг-Ун.

Ошто познато е дека Арпанет (првичниот работен назив на мрежата) е чедо на ДАРПА, агенција за напредни истражувачи проекти, оддел на американското министерство за одбрана. Проект кој се развил како директна последица на Советската ракетна програма и лансирањето на првиот вештачки сателит. Американците сметале дека во случај на војна со Советскиот Сојуз, ќе им треба сигурен и функционален систем за пренос на информации. Во 1960–тите и 1970-тите од военото поле, овој систем, кој почнал да се развива и расте, започнале да го употребуваат и научниците. Пред да стане светилник на слободниот проток на информации, знаења и технологии на глобално ниво.

Во кој век живее руската политичка елита? Историчарот и публицист Николај Сванидзе во интервју минатата недела кажа дека изгледа неверојатно, но борбата со Интернет е како изградба на насипи во океанот. „За океанот треба да се градат бродови кои ќе пловат. А, со изградба на насипи во океан, јасно е каков ќе биде исходот.“ По масовните анти-владини протести во Москва и други градови во 2011-2012, девизата на руските законодавци стана: зачисти, забрани, затни, не давај. Во последните неколку години Думата не донесе ниту еден позитивен или одобрителен законски акт, вели Сванидзе.

Путин, исто така, посочи, дека САД се пионери на глобалната мрежа и дека тие сакаат да го задржат својот монопол над неа. „Но во современиот свет тоа станува невозможно и ние со право треба да се бориме за нашите интереси.“ Во свеста на клептократската власт „борба за нашите интереси,“ имено, значи - зачисти, забрани, затни, не давај.

Државната Дума неделава изгласа промени во законот според кои се бара серверите на социјалните мрежи да бидат лоцирани во Русија и времетраењето на чување на податоците на корисниците на мрежите да биде шест месеци. Познавачите сметаат дека овие ограничувања можат да предизвикаат конфликт со сајтовите како Фејсбук, Гугл или Скајп, и дека во скоро време нивната работа во Русија може да биде блокирана.

Според најновите законски предлози објавени од извори на весникот Комерсант, администрацијата бара реорганизација на пазарот на пројвадери. Се предлага воведување на три нивоа на проток на информации – локален, регионален и национален. Познавачите сметаат дека тој систем ќе дозволи многу лесно блокирање на непожелните сајтови.

Целосна контрола врз регистрација на домените како ру. или рф. и потполно филтрирање на сите содржини е следниот предлог. Конечниот е физичко преместување на DNS серверите во Русија, и нивно лиценцирање. Значи, се предлага од глобална, мрежата во земјата да стане локална, па дури и лицензирана од страна на државата. Онака како што е во Белорусија, Иран или Кина.

Павел Дуров, основачот на Вконтакте, најпопуларната руска социјална мрежа, позната и како „руски Фејсбук“, неодамна изјави дека властите од него побарале да достави информации за некои руски опозиционери и за модераторите на протестните сајтови од Украина, но дека тој одбил да послуша. Дуров потоа објави дека како извршен директор на Вконтакте тој добил отказ без свое знаење, дознавајќи за тоа од медиумите. Тој ја напушти Русија со образложение дека земјата станува место каде е тешко да се води бизнис со Интернет технологиите.

Минатата недела, Државната дума изгласа амандмани на анти-терористичкиот закон според кои руските блогери можат да бидат гонети кривично за објавување на содржини кои се сметаат за закана по националната безбедност на земјата.
Според овој закон, секој блогер, или лична страница на социјални мрежи што има над 3,000 кликови дневно и каде се појавуваат комерцијални реклами, ќе се сметаат за онлајн медиуми. И, се разбира, ќе подлежи на разни правила за ограничување на содржините, пријавување на сопствеништво и регистрирање на физичка адреса. И, доколку не се почитуваат, ќе подлежат на парични казни во висина од 1.400 до 14.000 долари.

Всушност, целта на законот е да ги обесхрабри активностите на десетина популарни антивладини блогери и антикорупционери, како Алексеј Наваљни, кои останаа последните незагушени опозициски гласови во земјата.

Еден збор одекнува во пустелијата на рускиот изолиран медиумски простор. Режимскиот новоговор вели: зачистизабранизатнинедавај.