Големата поетска тепачка од ’68

30.04.2014 14:10
Големата поетска тепачка од ’68

Најголемиот и најславен собир на поети на кој присуствував во животот се одигра во јуни 1968 на Светската поетска конференција во Стони Брук. Дојдоа 108 поети, како што тврди Џим Харисон кој го организираше овој собир со Луис Симпсон и другите. Повеќето поканети беа Американци, но дојде и прилично голем контингент странци. Тоа беше единствен обид, колку што ми е познато, во оваа земја да се собере толку широк спектар поети, млади и стари, од претставници на меинстримот, преку авангардните, до оние кои не можат да се класифицираат. Ова за секој посетител значеше дека секој поет кој го сакал или го мразел би можел лично да биде присутен. За среќа, доколку не беа препознатливи од фотографиите, повеќето од нив можеа да ја зачуваат анонимноста, бидејќи идентификациските картички, какви што се гледаат по собирите на продавачи на правосмукалки, беа незамисливи на овој собир на познати и не толку познати. Меѓутоа, имаше некои насетувања. Обично можеше да погодиш каква поезија некој сака според тоа како се облекува и колку му е долга косата, но не секогаш, се разбира. Поетите од западниот брег најчесто се облекуваа полежерно отколку оние од истокот или од средниот запад, од кои многумина можеа да поминат како банкари или шефови на маркетинг служба. Имаше меѓу нив и неколку контиња, како мојот пријател Џејмс Тејт, во стуткан бел ленен костум, кој како да стигнал од некоја монденска вила на француската ривиера, а не од Канзас Сити од каде што доаѓаше.

Фестивалот почна во релативно пријателска атмосфера, со свеж јастог за вечера, општо учтиво запознавање и дрдорење. Но како што минуваше вечерта, манирите на учесниците почнаа да попуштаат и можеше да се види дека луѓето во групи си шепкаат и сомнително се вртат. Секако, многу се пиеше. Харисон тврди дека бил пречекорен буџетот за храна и пиење од 50 илјади долари, и јас му верувам. Се сеќавам дека доцна таа вечер го сретнав поетот Хенри Раго со шише вотка како тетерави по ходниците на студентскиот дом каде што сите бевме сместени. Бараше некој со кого би можел да се напие и изгледа дека сите кои го сретнале го одбиле. Тоа можеше да се очекува.

Многу поети го презираа Раго, кој со години го уредуваше списанието „Poetry“, нашиот најстар месечник посветен на поезијата, и кој не само што ги одбиваше нашите песни, туку и одбиваше да ги признае големите промени во американската поезија настанати по Втората светска војна. Во Чикаго, каде што излегуваше списанието, се зборуваше дека Раго потекнува од семејство на гробари, кои се збогатиле погребувајќи ги мафијашите. Наводно во неговата погребна куќа бил положен Ал Капоне да го гледаат и оплакуваат семејството и соработниците од подземјето. Ова веројатно беше измислица, но сепак го гледав претпазливо додека ми мавташе со шише пред носот. Бидејќи ме научија никогаш да не одбивам другарска покана за пијачка, го орасположив Раго потегнувајќи неколку пати од неговото шише. Потоа се обидов да отспијам малку, но секој час некој натрескан поет се тетеравеше и влегуваше во зградата, немајќи поим каде му е собата, па тогаш тропаше на нечија врата, или само влегуваше внатре ако не беше заклучено, се вовлекуваше во првиот кревет кој ќе го напипа во мракот, за набрзо да биде избркан со силна викотница која во меѓувреме ги будеше сите останати.

Следното утро сите беа ужасно мамурни и мрзоволни. Се сеќавам дека на попладневното читање Роберт Данкан прекрасно ја рецитираше својата долга и замрсена песна полна со книжевни и митолошки алузии, додека Алан Даган послсе секои неколку стихови викаше „Гомно!“ На крајот Џорџ Хичкок стана од првиот ред, висок и згоден, и со глас на некогашен синдикален водач од пристаниште во Сан Франциско, му нареди на Даган да замолчи. Хичкок секогаш беше во право, си мислев, бидејќи како уредник и издавач на тогаш престижното надреалистичко списание „kayak“ редовно ги објавуваше моите песни. Да ве нарекуваат надреалист во тоа време значеше да ве сметаат за будала: некој што пишува песни кои никој не ги разбира. Пресретливите постари поети се обидуваа мене и на моите пријатели да ни објаснат дека тоа е ќорсокак, а ние истото го мислевме за нивната поезија. Младите поети мораат да бидат пркосни во тоа што го прават, инаку не би имале самодоверба да породолжат да пишуваат.

Во меѓувреме, во куќата на Луис Симпсон во Стони Брук, на прошталната забава изби тепачка. Луѓето стоеја по двајца или во групи на огромниот тревник и си пиеја, кога без каква било најава дека нешто ќе се случи, почнаа да летаат тупаници. Оние што се обидоа да ги раздвојат завојуваните добиваа случајно по носот, па и самите се придружуваа на тепачката. Јас стоев на верандата со чилеанскиот поет Никанор Пара и францускиот поет Ежен Гилвик и запрепастено ги гледав. Овие двајца се одушевуваа на глетката, убедени дека американските поети така ги решаваат книжевните недоразбирања. Се обидов да им докажам дека прв пат гледам вакво нешто и дека сериозно сум фрапиран, но тие се смееја. Кога ќе размислам, и јас морам да признаам дека глетката беше прилично смешна.

Штом изби тепачката, Ален Гинзберг падна на колена и почна да пее некаква будистичка молитва за мир и хармонија меѓу сите живи суштества, која не само што ги поколеба сите оние кои се тепаа, туку ги запрепасти и оние неколку збунети парови кои дискретно се повлекоа во грмушките за време на забавата и сега забрзано се враќаа закопчувајќи ги копчињата. Што воопшто беше причина за тепачката не знаеја ни оние со скршени носови, иако подоцна истата вечер случнав дека навредата упатена кон нечија жена или девојка го предизвикала кршењето на шишиња шампањско од главите. Што и да беше причината, никогаш повеќе не беше организиран состанок на завојуваните поетски племиња за да утврдиме дали тоа што го видовме беше експлозија на колективниот анимозитет или одбрана на честа на некоја непозната жена.

Извор: NYRBlog, 23.04.2014.
Слики: Крег Дејвисон

Слични содржини

Книжевност / Уметност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Историја

ОкоБоли главаВицФото