Крокодилските солзи на опозициското дуо

01.05.2014 00:02
Крокодилските солзи на опозициското дуо

Од неколкуте работи што во изминатите недели ги говорев, речиси сите се покажаа точни. Но една тогашна претпоставка ми е најважна да ја потенцирам, а тоа е дека раководството на опозицијата немаше, а и понатаму нема, апсолутно никаква стратегија. Затоа е толку видливо како само влегуваат од грешка во грешка.

Проблемот лежи во следното. Раководството на СДСМ, односно Заев, на денот на изборите, во 19 часот, го кажа најдоброто, најточното можно барање, кое воедно е решение за недемократските и нефер избори: барањето за формирање техничка влада.

Тоа значи дека целта е правична и легитимна, но сè друго, од тајмингот до стратегијата, сите можни потези во овие 10 месеци, од начинот на кој кооперативно соработуваа со ДПМНЕ, па го имитираа, до прифаќањето избори за кои се знаеше исходот, ете, сè друго беше тотална утка и фактички го оневозможува остварувањето на тој клучен предуслов за слободата, наречен техничка влада.

Аргументите се пребројни и ќе се обидам да бидам консеквентен, без да бидам роб на минатото. Но, од минатите потези стигнавме тука, така што оваа катастрофа и конфузија која денес ни ја сервира опозицијата, е продукт и сума токму на сите грешки во изминатиов период.

Гледам деновиве е актуелно да се набројува во точки, што не чинело и што чинело, па еве и јас ќе понудам неколку, почнувајќи од самиот крај:

1. Опозицијата не ги признава резултатите од двојните избори и бара техничка влада! Се поставува прашањето - зошто воопшто се тргна тогаш на избори?! Зошто, воедно, не се поставија сериозни услови до власта и до меѓународниот фактор, без чие исполнување би следувал реален бојкот?! Затоа што до пред првиот круг, прелажани од анкетите на Спасови, но и од сопствената ароганција, навистина веруваа дека ќе победат!? Тоа сценарио и таа единствена плитка стратегија ја објаснив пред некоја недела. Сега се покажа како катастрофално погрешна, па и самиот факт на бегање од одговорноста за изборниот резултат, само го потврдува тоа.

Зошто се малтретираше членството, зошто се лажеше базата, зошто се отиде во прво време на избори?! Некој би рекол дека ова е консеквентно на однесувањето на раководство кое пред една година го саботираше и го уби отпорот! Јас би рекол дека ова е само конфузија, изгубеност и политички опортунизам, со цел да се остане на чело на опозицијата. Ова раководство покажа дека е подготвено да шурува со власта, да ја имитира, да си игра аферашки пинг-понг, да отиде на криминални избори однапред загубени, поради личната заблуда дека со Пендаровски ќе ги добијат. Кога видоа дека тоа не е така, ете, како од афераши станаа прекалени демократи и сега некои наивни интелектуалци ќе напишат дека станувало збор за: грст луѓе кои на коцка ставија повеќе од своите лични политички кариери!

Вистината е дека станува збор за големи лицемери, кои настрана што се прочитани и се испеглани од режимот, прочитани се од самото членсто на СДСМ, кое ги казни на овие избори и им испрати порака дека не верува во нив.

2. Кога ова раководство дојде на чело на опозицијата, мандатот го започна со помирливи и со кооперативни тонови и гестови кон режимот на Груевски. Консензуално си договорија претседател за Комисијата за настаните од 24 декември, се однесуваа како опозиција во Шведска која продава пуфки за средна класа, се договорија дури и за изборните правила и изборниот законик.

Тоа значи дека Заев и Радмила, за време на своето претседателствување, му дадоа целосен легитимитет на режимот, а сега кога губат на избори, и тоа со катастрофална разлика од 200 илјади гласа, што е втор најлош резултат во историјата на СДСМ, (најлош беше сингл Шекеринска од 2008 година), сега плачат како изборите не биле фер и демократски.

Од мене лично, а и од други, од самиот почеток добиваа предупредувања дека избори ќе следат во април, дека треба тврдо да се заигра, дека треба да се постават сериозни услови и да се мотивира членството за таква битка. Ништо од тоа; напротив, само го еродираа внатрешниот консензус и кохезијата меѓу членството, го поделија на заевисти и бранковисти, ги избркаа или ги натераа да си заминат сите луѓе кои носеа гласови или мислења што се ценат и, така, рака под рака со Груевски, тргнаа во имитирање на ДПМНЕ, во паралелно вадење афери и, се разбира, изгубија сè во процесот.

3. Малку поназад во времето, веднаш по настаните од 24 декември, или како јас сакам да го именувам, „Црниот понеделник“, е моментот каде треба да се бара шизмата во опозицијата, односно, некохерентноста и превртливоста на ова раководство. Исус имал еден Јуда, но по 24 декември, СДСМ на Бранко ги имаше Заев, Радмила, Марјанчо, Стевчо и слични нивни сателити или кланови. Опозицијата тогаш, не Бранко сам, туку под негова сугестија, одлучи дека е момент за бојкот, за борба, за улична демократија, за излегување од институциите, за напуштање на Собранието, едноставно, за изедначување на раководството на опозицијата со обичните граѓани и споделување на нивната реалност и мака. Идејата беше дека само ако опозицијата стане и биде тоа што е нашиот народ, може да се победи режимот. И тоа останува рецепт за во иднина.

Нешто што сега на крајно лажен, циничен и превртлив начин, се обидуваат да го имитираат токму оние кои тоа го уништија. Бранко не беше деспот по тоа прашање, беше мудар и далекувид и бараше партијата да покаже единство, да покаже дека е направена од челик. Испадна дека повеќето од опозиционерите биле направени од мочка.

Одлуката за бојкот три пати беше донесена од страна на највисокото одлучувачко тело на СДСМ, Централниот одбор. Три пати! Како вчера да беше, ми текнува на празните аргументирања на Радмила, како било недемократски и штетно да не се излагало на изборите, да не се признавал изборниот резултат. Ми текнува на срамот и црвенилото на лицето на Заев додека потпомогнат од своите локални вазали се противеше на одлуката опозицијата да ја делегитимира власта, да тргне кон улична демократија и да бара избори само под услов на формирање на техничка влада. Но не, уште тогаш, како и денес, поважни им беа тесните и приватните интереси. На Заев да ја зачува Струмица, на Радмила да создаде предуслови за пораз и така да се врати на лидерската позиција. Истото, само во сменети улоги, го прават денес.

И сакам да ги прашам: како тогаш изборните резултати се признаваа, а денес не? Зарем пред една година дена бевме помалку режим од денес, зарем тогаш изборите и предусловите за истите беа пофер, послободни, подемократски?! Не, драги луѓе, режим сме веќе осум години, а предусловите за сите избори организирани од Груевски, па и самиот мирен изборен ден, биле секогаш исти. Но, пред една година на Заев и Радмила им одговараше да се оди на избори и да се изгуби без да се оспори резултатот и недемократските услови; сега, пак, сè додека мислеа дека ќе победат им одговараше да одат на избори, а кога сфатија дека губат одеднаш заклучија дека изборите биле нефер и недемократски и не смеело да се признаат!?

Да се вратам на иманетното и актуелното. Без да нагаѓаме што конкретно понатаму ќе бара или ќе преземе опозицијата, мојот став е дека ништо од бараното нема да се исполни, а со тоа и ништо од посакуваната цел, да останат подолго време како раководство на СДСМ, нема да се оствари.

Опозицијата денес е вратена на позициите од 2008 година. Сè што до денес беше направено, постигнато, реализирано како еден вид заокружен и континуиран процес од страна на опозицијата, ова раководство го уништи или го девалвираше. Изборниот резултат, а секој изборен резултат се одвивал во исти услови, е катастрофален. Тоа на изборите прецизно се докажа, како во лабораториски услови.

Ова раководство изгуби со разлика од 200 илјади гласа, освои само 280 илјади гласови или речиси 100 илјади помалку од 2011 година. Јасен ли ви е регресот!? Па, Заев успеа да ја изгуби и една Струмица, која за време на кампањата ја продаваше како модел, како пример (заедно со Центар) дека Груевски може да се порази. Тоа што е најтажно е фактот што најмногу го изгубија, го поделија и го оддалечија токму опозицискиот електорат. Тргнувајќи од оваа реалност, власта знае со каков раштиман оркестар си има работа. Уште повеќе, гласачите на СДСМ го знаат тоа, базата денес не е резигнирана, туку е гневна кон раководството, па така, секој понатамошен потег, мора да се соочи со таа сурова реалност.

Странците како и секогаш, ќе почекаат уште некој ден, и до почетокот на следната недела, а можеби и порано, ќе и ја честитаат изборната победа на власта. Едноставно, разликата е преголема и е преевидентна за да станува збор за крадење на изборниот ден. Од друга страна, странците осум години демонстрираат апсолутна незаинтересираност за изборниот поткуп, за недемократските услови, медиумската доминација, и за сите други режимски лостови и злоупотреби, со кои се служи власта за да го услови изборниот резултат пред самите избори. Не знам зошто и не гледам како тоа би се променило сега.

Како што велат некои, поголемиот дел од интелектуалците веќе одамна ги прегрнаа позициите и одлуките на двојката Заев-Шекеринска. Што од наивност, што од интереси, состојбата така и ќе остане некое време. Тоа што мора да се потенцира е дека станува збор за демократска и слободарска интелектуала која финансиски добро се снаоѓа во услови на режим, секогаш пронаѓа работа, проекти, соработки, така што навистина ја имаат комоцијата да се зафатат со уште една промашена битка. Настрана фактот, што како и за режимската квазиинтелектуална клика, можеме сè почесто да констатираме дека и демократската страна сè повеќе развива свој пандан. Од друга страна, оние кои изгубиле сè или немаат ништо не се на тоа стојалиште, очите им се поотворени, слободата на израз им е поголема, калкулациите помали. Гледате, еден од проблемите и на овој последен пораз, е само понатамошната фрагментација и атомизација кај самите продемократски субјекти.

Со освојување на апсолутното мнозинство од страна на власта, се разбира, со златната акција од ГРОМ, која брзо ќе се претвори во вмровски ваучер, власта не само што има легитимитет да владее без опозицијата во парламентот, туку најверојатно, таков и ќе биде исходот. Нема да биде никаков преседан; во 1994 година СДСМ се прошета до Илинденска, игнорирајќи го бојкотот на Георгиевски. И тогаш стануваше збор за вистински бојкот, а не за конфузна топло-ладно политика, одам на избори, па не признавам резултати. Груевски дефинитивно ќе коалицира со ДУИ, а ДПА ќе си ја држи како ладна резерва. Ете, во кратки црти, Шекеринска втор пат му дава апсолутно мнозинство на Груевски, еднаш сама, еднаш со Заев, а еднаш и заедно на тацна му го сервираа и го предадоа Црвенковски. Што и да направи опозицијата ќе наиде на поддршка на една мала група од сопствените кланови, и на почетокот на тивок но дефинитивен и сè понатаму растечки гнев кај најголем дел од членството. Така, секој филм за некаков отпор, организиран од тие што го уништија отпорот ќе остане само сон.

Отпорот или што било нему слично, под услов кога би успеал, а со Заев и Радмила за такво нешто нема шанси, е единствениот инструмент за да ја ставиш власта во клинч, до тој степен да ја поларизираш политичката и општествената клима, за потоа да седнеш на маса и да преговараш. Не само што тоа нема да се случи, туку позицијата на Груевски е толку силна што тој нема ниту да седне на преговарачка маса, ниту пак опозицијата има средства како да го примора, а камоли да прифати формирање техничка влада. Дури и да кажеме дека опозицијата пука највисоко, за да добие некоја помала концесија, такво нешто не постои зашто, како што кажав, само Отпор па техничка влада го симнуваат Грувски, а за тие две работи денес може само да сонуваме.

Како што рекол Хегел, историјата се повторува, прв пат како трагедија, втор пат како фарса. Оваа фарса на Заев и Шекеринска ќе трае одредено време, не знам колку долго, но на крај ќе сфатат дека никаде не одат и евентуално ќе се откажат и ќе нè спасат сите од агонијата. Во спротивно, можат само членството дополнително да го револтираат, и конечно, да бидат дефенестрирани.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото